за ,

Jeep Renegade: Шпагети теренец

Легендарната марка за прв пат истапува во сегментот на малечките теренци. Како основа на Jeep Renegade служи новата платформа на Fiat, што ќе се користи и за идниот 500X.

Долго време се шпекулираше околу името на малечкиот теренец на Jeep што ќе ја дели основата со Fiat. Неколку денови пред официјалното деби во Женева, Американците откриваат дека новиот модел нема да го носи името Jeepster, како што првично се претпоставуваше, туку Renegade.

Како основа за Jeep Renegade служи новата платформа на Fiat, приспособена за погон на сите тркала, што подоцна ќе ја користат и други модели од итало-американскиот концерн, меѓу кои и идниот Fiat 500X. Платформата нуди независно водење на тркалата на предната и задната оска, приспособливи амортизери и можност за избор на погон напред или на сите тркала.

Изгледот на Renegade е верен на стилот на марката, со тркалезни светла и класична маска на Jeep со седум вертикални отвори, лакирана во црна боја и со хромирани рабови однатре. Мини теренецот е долг 4,23 метри, широк 1,8 и висок 1,69 метар. Предниот браник е темен, исто како и страничните прагови, заради впечатлив контраст и заради оддавање визуелно чувство на вистински теренец. Купувачите ќе можат да нарачаат и изведба со зголемена теренска проодност, со повеќе вовлечен и закосен преден и заден браник. Погледот назад го привлекуваат квадратните светла и браникот, што исто како предниот ќе се нуди во повеќе изведби.

Со доплата ќе се нуди покрив со два отстранливи дела, при што првиот функционира како сончев покрив. Растојанието од подлогата е различно кај одделните моделски изведби и варира меѓу 17 и 22 сантиметри. Багажникот нуди простор со големина од 350 литри, односно 869 литри со соборена задна клупа. За превоз на подолги предмети ќе може да се собори и совозачкото седиште, а подот на багажникот може да се намести на различна висина заради поголема приспособливост на просторот.

Кокпитот на Renegade е изведен со два тркалезни инструмента и со средишен дисплеј со можност за програмирање на приказот. Вообичаено за американската марка, на воланот има мноштво прекинувачи. На врвот на средишната конзола е дисплејот на допир, веднаш под него се командите за климата. Прекинувачот за контрола на погонот на сите тркала е пред рачката на менувачот, додека прекинувачот за електричната паркирна сопирачка е зад рачката. Традиционално, пред совозачот се наоѓа масивен држач.

За Jeep Renegade ќе бидат достапни три верзии на погон, една со погон напред и две со погон на сите тркала. Првата варијанта на 4х4 ги вклучува задните тркала по потреба и во екстремен случај може да пренесе до 100 проценти од вртежниот момент на само едно тркало. Уште посериозно е во втората верзија со име Trailhawk, со степен на редукција 20:1 и со систем за контрола на тракцијата со пет програми на возење. Според Jeep, оваа верзија на мини теренецот ја совладува сопствената тест патека Рубикон, на која што се докажуваат само најтврдокорните теренци.

Понудата од бензински мотори ќе ја сочинуваат 1,6-литарец со 108 КС и 1,4-литарски турбо, кој ќе се нуди во верзија со 138 КС и со 168 КС. Најмалечок дизел ќе биде 1,6-литарецот со 138 или 167 КС. За американскиот пазар дополнително ќе биде достапен 2,4-литарски бензинец со 184 КС. Во зависност од моторот, Renegade ќе вози со мануелен менувач со пет или шест степени, со шестстепен менувач со двојна спојка или со деветстепен автоматик.

Производството на Jeep Renegade ќе се одвива во фабриката на Fiat во Мелфи. Продажбата се очекува да стартува во втората половина од годинава. Цените уште не се објавени.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Акциите на Tesla пораснаа за преку 600 проценти

Peugeot 308 е автомобил на годината во Европа