за

Според возачите во САД: Први Kia и Mitsubishi, последни Land Rover и Tesla

Kia Seltos
Kia Seltos

Возачките и возачите на Kia и Mitsubishi во САД се најзадоволни од своите автомобили, додека најмалку среќни од својот избор се купувачите на Land Rover и Tesla. Тоа е главниот заклучок од студијата на познатите JD Power.

Неочекувано радикален исход во истражувањето на задоволството на сопствениците на нови автомобили во САД од квалитетот на нивното возило, во рамките на студијата на JD Power. Станува збор за забелешки околу проблеми и недостатоци што сопствениците на новите возила ги пријавиле за првите 90 денови по купувањето. Резултатите се базираат врз податоците и забелешките добиени од 87.282 сопственици и корисници на возила.

Меѓу поплаките од возачките и возачите, што влијаат врз исходот на истражувањето, спаѓаат и потешкотии при ракувањето или неразбирањето на одредени функции на возилото. JD Power ги објави резултатите од 34-то издание на ова истражување што наидува на голем одек на американската сцена и пошироко. Задоволството на сопствениците се изразува преку индексот PP100, односно тоа е бројот на забелешки по секои 100 возила.

Американците оценувале патриотски. Седум домашни марки – Dodge (136 PP100), Chevrolet (141 PP100), Ram (141 PP100), Buick (150 PP100), GMC (151 PP100), Jeep (155 PP100) и Cadillac (162 PP100) – имаат подобар резултат од просекот во браншата, кој изнесува 166 PP100. Ова е најдобар заеднички резултат на производителите од Детроит во историјата на оваа студија.

Наспроти тоа, премиум марките се под просекот. Консултантите од JD Power образложуваат дека тоа се должи на комплексноста и обемот на технологијата што се користи во премиум марките. Единствено Genesis (142 PP100), Lexus (159 PP100) и Cadillac (162 PP100) се марки од овој сегмент што се над просекот на браншата.

Јапонските марки повеќе не се на врвот на американската студија. Нејзините автори ценат дека конкурентите едноставно напредувале повеќе, главно корејските и домашните марки. Mitsubishi (148 PP100), Lexus (159 PP100) и Nissan (161 PP100) се единствени јапонски марки над просекот.

Првпат во студијата се појавува Tesla ѝ веднаш завршува на дното, со индекс за квалитет 250 PP100, односно со 220 поплаки на секои 100 возила. Tesla не им ги испорачува на JD Power податоците за контакт на своите клиенти во 15 американски сојузни држави, кадешто е потребна согласност од производителот. Резултатите се добиени од податоците што се собрани од останатите 35 сојузни држави.

Најмногу проблеми има во инфо-забавните системи, на кои отпаѓаат една четвртина од поплаките. Меѓу нив, најчесто е незадоволството од гласовните команди, навигацијата и поврзувањето.

Меѓу моделите, Chevrolet Sonic најмногу ги усреќува своите возачки и возачи, со индекс 103 PP100. Шампиони меѓу марките се Dodge и Kia, со ист резултат, односно со 136 PP100. Првпат во историјата на истражувањето, американска марка се пласира на врвот. Kia, пак, шеста година е најдобро рангирана марка. Следат Chevrolet и Ram (со 141 PP100), а од премиум марките е најдобро пласирана Genesis, што се случува четврта година во низа. Kia има дури четири модели што се рангирани над просекот (Forte, Sedona, Sorento и Soul).

Најмалку дефекти имаат возилата од фабриката на General Motors во Кина!

Фабриката на General Motors во Кина, каде што се произведува Buick Envision, доби награда за фабрика што произведува најквалитетни возила, односно возилата оттаму имале најмалку дефекти или пропусти во студијата на JD Power. Меѓу европските фабрики што испорачуваат за американскиот пазар, најдобро е рангирана фабриката на Toyota во Турција, од кадешто излегува кросоверот C-HR.

>>> Рангирање на автомобилските марки според бројот на поплаки по 100 возила

>>> Топ 3 рангирани модели по сегменти

>>> Топ 3 рангирани СУВ-модели по сегменти

>>> Топ 3 најдобро рангирани пикапи по сегменти

>>> Најдобро рангирани фабрики со најмалку поплаки по возило

Какво е Вашето мислење

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Коментари

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вчитувам

0
Suzuki Across

Suzuki Across вози 75 km на струја и личи многу како Toyota RAV4

Tesla фабрика Германија

Фабриката на Tesla во Берлин ќе се гради до март 2021