за

Jaguar Land Rover чекор поблиску до изградба на фабрика во Словачка

Jaguar Land Rover потпиша писмо на намери за потенцијалната нова фабрика во Словачка. Тоа претставува прв чекор во следната фаза на експанзија на компанијата, за поголема конкурентност на глобалниот пазар.

Благородните марки од островската земја во иднина ќе се произведуваат и во новата фабрика во Словачка. Тоа е предвидено со потпишувањето на писмото на намери со словачката влада. Новата фабрика би се градела во близина на градот Нитра, во западниот дел од Словачка. Воспоставената инфраструктура од фабрики на марките од премиум сегментот, вклучувајќи развиена мрежа од добавувачи, претставуваат основа на интересот на Jaguar Land Rover да инвестира во капацитети во оваа земја.

Единаесет милијарди фунти инвестирани во последните пет години

Од компанијата во индиска сопственост најавуваат дека во иднина ќе се градат фабрики и на други локации во светот, со цел да се зголеми конкурентноста на глобалниот пазар. Британија сепак останува центар на бизнисот на Jaguar Land Rover во дизајнирањето, конструирањето и во производството на автомобили. Во последните пет години, компанијата вработи 20.000 лица, достигнувајќи бројност на работна сила од над 36.000 лица, а воедно инвестираше над 11 милијарди фунти во нови модели и капацитети.

Во овој период, Jaguar Land Rover инвестираше во домашните капацитети во Касл Бромвич, Хејлвуд и Солихал, за новите модели Jaguar XE, Jaguar F-PACE, Range Rover Evoque и Land Rover Discovery Sport. Компанијата воедно влоши и половина милијарда фунти во новиот центар за производство на мотори во Мидлендс, кадешто се вработија 1.400 лица. Планот е да се прошират и инженерскиот и дизајнерски центар во Вајтли, како и едукативниот центар во Универзитетот во Ворвик.

Компанијата веќе произведува во Кина и Индија, а наскоро и во Бразил

Физибилити студијата со словачката влада ќе ги испитува плановите за фабрика со капацитет за 300.000 возила годишно во следната декада. Како дел од стратегијата на Jaguar Land Rover да се произведуваат полесни автомобили, во фабриката ќе се произведуваат неколку модели со алуминиумска каросерија. Првите автомобили се очекува да излезат од производство во 2018 година. Изборот на Словачка падна по анализата на можните локации низ светот, вклучувајќи ги САД и Мексико. Конечната одлука се очекува до крајот на годинава.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Tesla губи по 4.000 долари со секој продаден автомобил

Škoda ги произведува најиздржливите возила според британските возачи