179
23 shares, 179 points

Jaguar Land Rover ќе гради супермодерна фабрика за возила од премиум сегментот во словачкиот град Нитра. Инвестицијата вреди една милијарда фунти и ќе отвори директни вработувања за 2.800 лица.

Како што се најавуваше во почетокот на неделава, британската компанија во индиска сопственост Jaguar Land Rover денес потврди дека својата нова фабрика ќе ја гради во Словачка. Со тоа, компанијата е прв британски производител на автомобили што отвора фабрика во оваа држава. Jaguar Land Rover и словачката влада потпишаа спогодба за изградба на фабриката во Нитра, во западниот дел од Словачка. Фабриката вредна една милијарда британски фунти ќе произведува според врвни светски стандарди и ќе вработува 2.800 лица.

Компанијата неодамна објави дека ќе ја удвои и инвестицијата во фабриката за мотори во Велика Британија на близу една милијарда фунти, што ќе претставува најголемо вложување во автомобилската бранша во земјата во последните неколку декади.

Словачка располага со мрежа од 300 добавувачи од автоиндустријата

Jaguar Land Rover располага со производствени капацитети во Велика Британија, Кина, Индија и Бразил, а отворањето на фабриката во Словачка претставува следен значаен чекор во стратегијата за интернационализацијата на компанијата. Словачка располага со развиена автомобилска индустрија, којашто покрива 43 проценти од индустрискиот капацитет во земјата. За изборот на локацијата придонесе и фактот што во Словачка постојат над 300 добавувачи, како и одлична инфраструктура.

Во фабриката во Нитра ќе се произведува новата генерација модели на Jaguar и Land Rover со целосно алуминиумска каросерија. Првите возила се очекува да излезат од производствената линија кон крајот на 2018 година. Капацитетот во почетокот ќе изнесува 150.000 возила годишно.

Словчкиот премиер Роберт Фико: „Словачка е привлечно место за инвеститорите, со стабилна и солидна средина за бизнис“

Роберт Фико, премиерот на Словачка, во чест на потпишувањето на спогодбата изјави: „Чест ни е што Jaguar Land Rover ја избра Словачка за својата нова фабрика со врвни стандарди. Оваа одлука докажува дека Словачка е привлечно место за инвеститорите, со стабилна и солидна средина за бизнис. Бракот меѓу словачкото мајсторство во изработката и британскиот инженеринг ветува многу.“

Во последните пет години, Jaguar Land Rover ја зголеми работната сила за 20.000 нови вработувања, на вкупно 37.000 вработувања и инвестираше над 11 милијарди британски фунти во нови модели и во производствени капацитети. Покрај Словачка, во изборот за локација за новата фабрика на Jaguar Land Rover учествуваа и САД, Мексико и неколку европски држави.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

179
23 shares, 179 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *