за

Jaguar преоѓа во следната лига: 320 km/h за F-Type SVR

Одделението за „специјални операции“ на групацијата Jaguar Land Rover за првпат работеше на модел од спортската марка, да го направи најбрзиот F-Type кој сериозно му се заканува на Porsche 911 Turbo.

По Range Rover Sport SVR како најбрз и најсилен модел во историјата на теренскиот специјалист, специјалното одделение на групацијата Jaguar Land Rover сега и се посвети и на својата спортска марка, за Jaguar F-Type да го „унапреди“ соодветно во најбрз и најсилен модел под знакот на дивата мачка.

Со опција за карбонски покрив и карбон-керамички сопирачки SVR е за 50 килограми полесен од F-Type R
Со опција за карбонски покрив и карбон-керамички сопирачки SVR е за 50 килограми полесен од F-Type R

F-Type SVR е посилен, полесен, со подобрено подвозје, активна аеродинамика и модифициран погон на сите тркала, за сето тоа во комбинација со лесната алуминиумска конструкција на стандардниот модел да понуди максимални перформанси и уживање за возачот. Во бројки: Петлитарскиот V8 со механички компресор од F-Type R е калибриран според примерот од F-Type Project 7 и располага со 575 КС и 700 њутнметри, забрзувањето до 60 mph (96 km/h) трае 3,5 секунди, крајната брзина на купето е 320 km/h, а на кабриолетот 314 km/h.

Поголемите отвори за воздух во предниот браник, заедно со модифицираните интеркулери и отвори во хаубата се грижат за подобрено ладење и поголема ефикасност на моторот. Издувниот систем е изработен од легура на титаниум и инконел, издржува повисоки температури и притисоци и полесен е за 16 килограми во споредба со F-Type R, со дебелина преполовена на само 0,6 милиметар. Секако дека специјалистите на JLR се погрижија и звукот соодветно да ја „репродуцира“ моќта на машината, особено кога се отворени активните придушници во задните издувни лонци.

Подвозјето на SVR е целосно преработено со користење на предностите на приспособливата амортизација и модификации во водењето на тркалата
Подвозјето на SVR е целосно преработено со користење на предностите на приспособливата амортизација и модификации во водењето на тркалата

Промени претрпе и осумстепениот менувач со двојна спојка, заедно со оптимизација на погонот на сите тркала и вградување за 10 милиметри пошироки гуми, 265 напред и 305 назад. Целото возило е за 25 килограми полесно од F-Type R, односно за 50 килограми со опцијата за карбон-керамички сопирачки и карбонски покрив, што во комбинација со оптимизираната аеродинамика ги качува возните својства на уште повисоко ниво.

Подвозјето секако дека не остана поштедено. Задниот стабилизатор е подебел, вентилите во приспособливите амортизери се модифицирани, исто како и контролниот софтвер. Зглобовите на задната оска се скрутени, заради уште посуверено задржување на геометријата на подвозјето во екстремни услови и уште подиректно чувство на воланот. Предниот стабилизатор е потенок, што заедно со новиот софтвер дозволува уште попрецизна контрола на сопирањето на тркалата од внатрешната страна на свијоците заради намалување на подуправувањето.

Премиерата на SVR е закажана за претстојниот салон во Женева во март, Jaguar веќе стартува со нарачки, цената е 140.000 евра. Тоа е веројатно и една од најголемите закани за конкуренцијата.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Спортската марка Alpine се враќа на сцена

Малите дизели во неизвесност поради строгите еколошки норми