за ,

Jaguar и Land Rover во тура за културна преобразба низ Македонија

Jaguar и Land Rover

Дузина модели на Jaguar и Land Rover деновиве вриеја пред салонот на Automobili Group во Скопје во исчекување да ги покажат своите можности и специјалности. По целодневна тура со преседнување од еден во друг модел, не може да следува ништо помалку отколку комплетна културна преобразба.

Кога безмалку комплетната моделска гама на Jaguar и Land Rover ќе се најде наредена за пробно возење, едно нешто се забележува веднаш. Тоа не е верноста во пренесувањето на заедничката стилска нота од еден до друг модел, ниту пак заклучокот дека дречливите бои некако им прилегаат на овие автомобили, туку отсуството на свест за моделска хиерархија. Тоа е уште еден од многуте феномени што ја придружуваат британската автомобилска школа.

Како што одушевувањето не може да се дозира, така и обожувањето на автомобилите на Jaguar и Land Rover не може да се води според нивното место во моделската хиерархија

Кој уште би помислил Jaguar XE да го квалификува како најевтиниот или најмалиот модел во гамата на марката со дивата мачка? Или Velar да го круниса со титула на најдобар Range Rover во историјата? Просто и едноставно, Jaguar секогаш и пред сé е Jaguar, Land Rover е Land Rover. Причината? Публиката отсекогаш се одушевувала на автомобилите под знаковите на обете марки и ги почитувала, а кога некој автомобил предизвикува одушевување, тоа не може да се дозира зависно од скалилото на коешто тој се наоѓа во моделската хиерархија.

https://www.flickr.com/photos/127653547@N06/37345134425/in/dateposted-public/

Многу историја стои зад обете марки, кои се толку различни колку возење по тркачка патека и возење по карпи, но излезе дека по нивното спојување во Jaguar Land Rover се создаде една од најхомогените, најприродни понуди на ниво на групација. Совршено надополнување на моделите од едната со моделите од другата марка. Покрај оваа дузина модели, кои наредени пред салонот на Automobili Group во Скопје „вријат“ да ги покажат своите можности и специјалности, тешко е да се поверува дека нивните најдлабоки корени досегаат до работилница за мотоцикли или до намера за производство на земјоделска механизација.

Враќањето на Jaguar и Land Rover на солидни темели ја разниша доминацијата на германското трио „BAM“

По шест модели од секоја марка имаат мисија на возењето низ Македонија да уверат во своите специјалности. Jaguar XE, на пример. Очигледно е дека на пазарот му беше неопходна „нова“ премиум марка, инаку светот никогаш немаше да признае дека серијата 3 на BMW е измачувачки амбициозна за тркање во секоја пригода и беспоштедно крута, дека Audi A4 е масовно произведувана техника на Volkswagen спакувана во поубедлива амбалажа или дека Mercedes C-Class е бескраен список на желби коишто волшебно се остваруваат откако ќе се доплати за секоја од нив.

Jaguar XE

Пример за тоа колку добро се надополнуваат обете марки, повторно XE. Во верзијата со погон на сите тркала и со релативно приземниот дволитарски дизел со 180 КС, оваа лимузина веќе се докажува како совршена возачка машина. Додека подвозјето сето време стоички ги премолчува малтретирањата од патот што има повеќе крпеници од боксер од тешка категорија и наметнува чувство на возење крстосувач за долги релации, по само неколку комбинации од свијоци се покажува дека оздола всушност работи техника достојна за туринг-рејсер.

Студениот алуминиум добива душа во Jaguar – на дива мачка

Управувањето ја пренесува најверната можна повратна информација од подлогата и секоја провокација од возачот е проследена со точниот вид и точната доза на реакција што се очекуваат. Сетапот дозволува опашот да излизга незначително и да го ангажира возачот, колку за присеќање на старите времиња, пред да се вклучи електронското „сидро“, но сето тоа се случува во мера којашто намерно е оставена од генијалците што ја пренесуваат суштината на марката.

Jaguar XE

Овој Jaguar не е создаван со цел да извози најбрз круг на споредбените тестови на германските магазини, туку очигледно е созреван да обезбеди уживање во сите сценарија од возачкото секојдневие. Каде е тука надополнувањето со Land Rover? Во софистицираноста на погонот на сите тркала, можеби? Нема двоумење, туку има сигурна констатација. Поголема експертиза во работата со погонот на сите тркала не се наоѓа на друго место. Единствено на лаиците нема да им биде јасно како може експертиза од теренско возење да се пренесе на асфалт.

Заслугите за зрелоста на погонот на сите тркала несомнено се припишуваат на Land Rover

За разлика од несреќниот претходник X-Type, од времето кога сопственикот Ford несмасно се справуваше со тежината на имиџот на премиум марките и погонот на сите тркала беше додаден како опција, само да се „прикрие“ дека Jaguar X-Type е 99,9 проценти Ford Mondeo со преден погон, тука кратенката AWD не е маркетиншка алатка, туку придобивка, дополнителна вредност на автомобилот.

Возните својства, вклучувајќи го и комфорот, во голема мера произлегуваат и од примената на алуминиум – „гола“ каросерија на XE тежи 251 килограм. Лесниот метал се користи и за елементите од подвозјето. Не случајно, Jaguar се повикува на титулата на производител на автомобили што најмасовно го користи алуминиумот.

Доплатата за премиум-имиџот во Jaguar не е толку дрска како што е вообичаено во сегментот

Најдоброто е во тоа што доплатата за премиум-марка не е толку дрска како кај германското трио „BAM. Со целосно име и презиме Jaguar XE 20d AWD Portfolio, автомобилов според германскиот ценовник стартува од 47.860 евра, вклучувајќи 8-степен автоматик. Заедно со „убедувачки“ список на дополнителна опрема – со бандажи од 19 инчи со веном-дизајн, проекциски дисплеј, врвен инфо-навигациски пакет со озвучување од Meridian од 380 вати и уште дваесетина ставки – крајната цена на конкретниот примерок достига 66.151 евра.

За верзијата без погон на сите тркала, но со пакет R-Sport, сопствеништво според германскиот ценовник се стекнува за 43.660 евра. За ефектната галиум-сребрена боја се доплаќа уште 1.836 евра, за бандажи од 19 инчи уште 776 евра … колку тоа и да изгледа многу, далеку е од нивото на „BAM“. Пријатно е сознанието дека Jaguar продолжува да го почитува имиџот на марка што нуди спортски автомобили со висока противвредност, негуван уште во времето на легендарниот E-Type, исклучувајќи ги испадите кога марката се наоѓаше во сопственост на Ford.

Jaguar XF

Дефиницијата дека Jaguar е автомобил чијшто студен алуминиум поседува душа се потврдува и во втората генерација на XF, комбинацијата од букви што при премиерата пред десет години го остави автомобилскиот свет подзинат. Дивата мачка припитомувана во некоја од поранешните британски колонии се крие и во оваа петметарска лимузина, што повеќе е гран-турер отколку крстосувач во когошто возачот одвај чека да му ја препушти контролата на автопилотот. Базиран на нова платформа што само во 25% се поклопува со онаа на XE, втората генерација на наследникот на S-Type го подигнува интензитетот на доживување на возењето на следното ниво.

Возењето во XF е целта, во оваа спортска лимузина човек не сака возењето да заврши

Цезиум-сина боја, бандажи од 20 инчи во препознатливиот веном-дизајн, седишта и кокпит во перфорирана виндзор кожа, фосфор за амбиенталното осветлување во кабината, 380 КС и 5,3 секунди до сто. Jaguar XF AWD S е автомобилот кадешто возењето е целта, лимузина во којашто човек не сака возењето да заврши.

izbor 2

Истото важи и за F-Type. Но, проблемот е во тоа што оваа машина за возење веројатно ќе го исцрпи возачот по само стотина километри. Тоа станува јасно уште откако пред седнувањето зад воланот мора да се „прескокне“ прагот широк сигурно две педи. Оваа мултифункциска бенч-преса го држи во подготвеност секој мускул, прави возачот да се чувствува како дива мачка пред да го зрабчи пленот, по некој чуден пат пристапува и се обидува да ја преземе контролата над свеста. Со 400 КС и шестцилиндарец со поткрепа од механички компресор, F-Type V6 400 Sport AWD е само третото ниво на здивување на јагуарот. По него следуваат осумцилиндарските верзии, кои досегаат до 575 КС во F-Type SVR. Сето тоа сé уште е изведено доволно „легално“ да може на автомобилот да му се закачат регистерски таблички.

https://www.flickr.com/photos/127653547@N06/36506592734/in/dateposted-public/

Немирот на четиристотините коњски сили се чувствува на воланот, двоседот фактички трепери целиот и моли возачот да го притисне педалот. Вкупно 25 програми стојат на располагање за избор на работата на подвозјето и на погонската спрега. Секако дека овој чистокрвен тркач може и соодветно да се припитоми и да се вози без ограничувања во секојдневието. Но, мора да се биде подготвен на едно нешто. Од овој Jaguar не се заминува туку така, сопствениците мора да сметаат дека ќе потрошат екстра часови само во гледање на формите на идејниот наследник на E-Type, коишто се чини како да се исцртани додека дизајнерите биле сместени на совозачкото седиште во C-X75 по тркачка патека. Цена: 105.000 евра. Вредност: Непроценлива.

Jaguar F-Type

За смирување по F-Type е најдобро да се преседне во XJ. Кога се појави, наследникот на моделската серија што прва го научи светов да разликува спортска лимузина – и последна во чијшто развој има учествувано основачот Сер Вилијам Лајонс – предизвика општа сензација. Многумина не ја одобруваа формата преземена од првиот XF, во отсуство на традиционалните црти на најпрепознатливиот модел на Јaguar по E-Type, но затоа замолчуваа пред „подигнувачкиот“ бирач на автоматскиот менувач, ротирачките отвори за проветрување, дигиталната табла со инструменти.

Jaguar XJR

Jaguar имаше смелост на секој детал да му даде нова смисла. XJ ја означи кулминацијата на пресвртницата на Jaguar во марката што денес остава белег во премиум сегментот повеќе од кога било. Во една реченица: Додека во денешните најизвикани луксузни крстосувачи, возењето се случува некаде далеку од возачот – и шефот веројатно седи на задната клупа – тука сопственикот сака да биде зад воланот и да го почувствува врвот на автомобилското уживање. За потсетување, Jaguar го има и XJR575.

F-Pace за неполна година прерасна во најпродаван модел на Jaguar

Тоа што ниту Jaguar не може да го одмине е сегментот на теренците, кросоверите, ес-ју-вијата – без разлика како ќе се водат, пазарот ги бара и ги бара сé повеќе. Првиот теренец на Jaguar не може да биде „Type“, затоа е „Pace“. За неполна година по стартот на продажбата, F-Pace прерасна во најпродаван модел на Jaguar. Дизајнот очигледно не е единственото што купувачите ги привлекува кон теренец под знакот на дивата мачка, има нешто повеќе. Платформата потекнува од XE, вклучувајќи ги и моторите од семејството Ingenium.

Jaguar F-Pace

Техничарите на Jaguar ги искористија како предности алуминиумската конструкција на каросеријата и подвозјето, па дури и дополнително ги нагласија со додавањето заден капак од композити и изведувањето на челниот ѕид од магнезиумска легура. Како резултат, тежиштето на F-Pace е пониско во споредба со повеќето модели во класата, во корист на возните својства и комфорот. Ако името требало да асоцира на тоа, нема потреба. Заклучокот дека F-Pace е F-Type меѓу теренците следува самиот.

Jaguar F-Pace

Jaguar не останува само на F-Pace во понудата. E-Pace пристига во почетокот на следната година, како прв модел со попречно вграден мотор изработен врз платформата на Range Rover Evoque. Во втората половина од годината следува и I-Pace, првиот електричен автомобил на Jaguar.

Следниот чекор на оваа марка е непредвидлив, исто како на дива мачка

Факторот изненадување сé уште опстојува во оваа марка. Следниот чекор на Jaguar никогаш не е предвидлив, без разлика дали станува збор за освежувањето на моделската гама или за некоја вратоломија за пред публика, како возењето по жица. Дива мачка.

Во второто продолжение следат впечатоците од возењето на моделите на Land Rover.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Nissan Leaf

Новиот Nissan Leaf го обележува триумфот на електричната мобилност

користени автомобили со дизел мотор

Дизелите чмајат на германските плацеви, ни претстои ли нова инвазија загадувачи?