за ,

Jaguar против роботизираните автомобили: „Возачите не се товар!“

Според првиот човек за нови технологии во Jaguar Land Rover, британската марка не планира развој на автомобил што управува без возач, наспроти општиот тренд во браншата.

Шефот на одделението за истражување и развој во Jaguar Land Rover, Волфганг Епле, не гледа иднина во неговиот концерн за автомобилите што управуваат самостојно без потреба од возач. „Jaguar Land Rover никогаш нема да направи автомобил без возач,“ изјави Епле при неодамнешното претставување на новите технологии во развојниот центар на Jaguar Land Rover. „Клиентите не ги гледаме како товар. Не сакаме да направиме робот што ќе го испорачува товарот од точка А до точка Б.“ Место тоа, концернот повеќе ќе се концентрира на одделни системи што овозможуваат самостојно возење, вклучувајќи далечинска контрола преку која возачот може да управува однадвор преку паметен телефон, надгледувајќи го возилото при пробивање по тежок терен.

JLR веќе направи автомобил што се управува по терен преку паметен телефон

Епле генерално ги одобрува системите што му помагаат на возачот, место да ја преземаат контролата од него, како на пример можноста возилото да се паркира во тесен простор и да излезе од него, со помош на далечинска команда преку паметен телефон. Пред десетина денови Jaguar Land Rover ја претстави технологијата вградена во прототип на Range Rover, којашто може самостојно да изврши полукружно свртување во еден или повеќе потези. Новите технологии се очекува да бидат понудени во сериските возила веќе во 2020 година.

Range Rover Sport "Solo" e прототип со технологија што овозможува управување преку мобилен телефон
Range Rover Sport “Solo” e прототип со технологија што овозможува управување преку мобилен телефон

Првиот човек на Tesla Motors, Илон Маск, во март иницираше дебата со изјавата дека во иднина ќе биде забрането луѓето самостојно да управуваат со возилата. Епле не се сложува со тоа: „Не верувам дека ќе биде забрането, од причина што и самите законодавци се човечки сушества“. Првиот техничар на Jaguar Land Rover продолжува со уште поинтересна констатација: „Одлуката за купување автомобил се донесува со емотивната, со левата страна на мозокот, место со рационалната страна, десната. Луѓето сакаат да ја користат емотивната страна на мозокот, а автономното возење не произведува такво искуство.“

Дитер Цече: „автомобилите ќе бидат ексклузивни колевки на тркала“

Производителите на автомобили стравуваат дека намалената интеракција меѓу возачот и возилото преку додавањето на можностите за самостојно управување ќе ја намали моќта на нивните марки да ги привлекуваат купувачите. Првиот човек на Daimler, Дитер Цече, смета дека автономните возила сепак ќе продолжат да ја освојуваат емотивната страна преку редефинирањето на поимот за луксуз во автомобилите. При претставувањето на спектакуларната студија Mercedes F 015 Luxury in Motion, тој го изнесе предвидувањето дека „автомобилите ќе бидат ексклузивни колевки на тркала“.

Неговиот колега од Volvo, Хакан Самуелсон можеби ја даде најреалистичната изјава во поглед на големите очекувања на браншата во поглед на автономните возила: „Не е наша работа да произведуваме автомобили што се наменети само за транспортни цели. Веќе постои решение што се движи од точка А до точка Б. Овие автомобили обично се жолти.“

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Пикап од Dacia Duster и спортско Sandero со 145 КС на салонот во Бразил

Кинески возач нападнат од џиновска пила среде автопат