за

Најголемата загаденост со издувни гасови е во кабината на автомобилот

загаденост издувни гасови кабина

Издувните гасови од дизелите предизвикуваат болести, а најголемата вина за тоа е во азотните оксиди. Студија во Германија открива дека на штетните азотни оксиди се најмногу изложени самите возачи

Голем број градови во Европа веќе го ограничија сообраќајот за старите возила со дизел мотор во градските средини. Една од причините за тоа е високата загаденост со азотни оксиди, наспроти загаденоста со суспендирани честички, којашто достигнува катаклизмични вредности во градовите во Македонија. Додека нам ни преостанува допрва да го надминеме проблемот со ПМ-загаденоста, европските метрополи се префрлуваат на следниот фронт, на азотните оксиди.

Дозволената просечна вредност на годишно ниво изнесува 40 микрограми азотни оксиди по метар кубен воздух. Голем е бројот на градови во коишто се надминува овој лимит. Од таа причина, во посебно загадено подрачје во германскиот град Хамбург неодамна стапи на сила забрана за сообраќај за возила со дизел мотор под нормата Еуро 5. Други германски градови најавија дека ќе воведат иста мера, заради сочувување на квалитетот на воздухот.

Многу порадикални чекори презедоа Париз, Мадрид, Осло, Лондон, Брисел, Амстердам, цела низа европски метрополи, кои ги забрануваат старите дизели на целата градска територија. Секако дека станува збор за крајно непопуларна мерка за возачите. Но, едно истражување покажа дека токму возачите се тие што ќе имаат најголема корист од спречувањето на прекумерната загаденост со азотни оксиди. Според истражувањето, загаденоста не е најголема покрај мерните станици, туку во кабината на автомобилот.

Студијата ја спроведе Институтот за физика на животна средина на Универзитетот Хајделберг. При осум пробни возења во подрачјето на Диселдорф било измерено многу поштетно влијание врз возачот, отколку за околните жители.

Додека двете мерни станици покажувале вредности меѓу 23 и 91 микрограми азотни оксиди на метар кубен воздух, вредноста во автомобилот била многу повисока. При едночасовно возење по автопат, научниците измериле 116 микрограми азотни оксиди во возилото. На моменти, концентрацијата на штетните материи достигнувала 446 микрограми. Просечната вредност на загаденоста при возење во град изнесувала 109 микрограми азотни оксиди.

Проблемот може да се надмине со замена на видот на филтерот за кабината

Авторите на студијата посочуваат дека најголемиот дел од индивидуалното загадување со штетни материи потекнува од времето поминато зад воланот. Според Светската Здравствена Организација, концентрации повисоки од 200 микрограми можат за многу кусо време да доведат до видливи последици врз здравјето. Како ориентација, просечната вредност на азотниот диоксид во природата се движи меѓу еден и девет микрограми по метар кубен.

загаденост азотни оксиди кабина филтер

Таксистите, лицата што работат во достава, како и вработени кои секој ден патуваат од друг град, најмногу се изложени на ризик од хронични заболувања поради високата загаденост во кабината на возилото.

Решението може да биде едноставно, со замена на обичниот филтер за кабината со филтер со активен јаглен. При пробните возења со таков филтер, загаденоста во кабината се смалила за дури 92 проценти во споредба со стандардниот филтер. Производителите ги вградуваат филтрите со активен јаглен речиси исклучиво во моделите од највисоките класи, иако цената на овие филтри е незначително повисока.
Вистинското решение сепак е да се ограничи изворот на загадувањето, а тоа во најголем дел се возилата со дизел мотор.

загаденост азотни оксиди кабина замена

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

vinfast sedan

Марка од Виетнам со две светски премиери на салонот во Париз

McLaren Senna MSO Fux

Почнуваат специјалните нарачки на McLaren Senna