176
22 shares, 176 points

Германските научници на Технолошкиот институт во Карлсруе постигнаа досега најбрзо производство на електроди за литиум-јон батерии. Иновацијата е во начинот на нанесување на материјалот. Во исто време се подобрува квалитетот и се намалува цената на производство.

При производството на електроди за батерии, материјалот на електродата се нанесува како ретка паста во форма на мали правоаголници врз бакарна или алуминумска фолија. Квадратите се прекинати со фолија што има мали празнини кои не се обложени. Тоа е неопходно за движењето на електроните. Проблемот е во тоа што процесот на нанесување на материјалот мора постојано да се прекинува и повторно да се стартува, заради изведување на тие куси празнини.

Дополнителна тешкотија е тоа што мора да се постигнат остри рабови, без размачкување на материјалот, при висока брзина на производство. Дури и најмалите грешки можат да ги уништат батериските ќелии. Денешните литиум-јон батерии се скапи токму поради тоа што има висок удел на неискористливи ќелии. Германските научници работеа токму на тоа поле.

Место со вообичаените 30 до 40 метри во минута, електродите во иднина ќе се произведуваат и со брзина од 150 метри во минута

Иновацијата се состои во тоа што на дизната за нанесување на материјалот на електродата ѝ беше додадена осцилирачка мембрана, којашто циклично го запира и повторно го почнува нанесувањето на пастата. Мембраната е полесна од механичките вентили и тоа овозможува нејзина побрза реакција.

Брзината на нанесување на материјалот на електродата досега се движеше меѓу 30 и 40 метри во минута. Со новата технологија се постигнуваат до 150 метри во минута. Поради тоа што мембраната се движи попрецизно од механичките вентили, воедно се подобрува и квалитетот на изработка, а се намалуваат грешките. Научниците ќе ја патентираат технологијата и ќе ја понудат за користење во индустријата.

 


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

176
22 shares, 176 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *