за

Infiniti ја има класата A на Mercedes во кимоно-издание

Компактниот модел Q30 е последен обид на престижната марка на Nissan да го привлече вниманието на Европејците. Планот може да успее, затоа што Q30 не е ништо друго освен Mercedes A-Class во јапонски стил.

Infiniti на европскиот пазар е марка само за вистинските обожуватели. Но, работите ќе се сменат многу наскоро. На крајот на есента, престижната марка на Nissan ќе стартува со продажба со компактниот модел Q30, кој во основата е Mercedes A-Class преоблечен во кимоно. Иако каросеријата е малку повисока и поширока од швабскиот модел, вклучувајќи неколку впечатливи линии во дизајнот на каросеријата, техниката оздола е идентична со моделот од класата А. Оваа зделка со Daimler е еден од вкупно тринаесетте заеднички модели. Наскоро следува и кросоверот QX30 на база на Mercedes GLA.

infiniti q30 4938`264За марката со ѕвездата да остане во предност, во најмалиот Infiniti не се вградуваат сите мотори од класата А. Понудата се состои од бензинците со 122, 156 и 211 КС и од дизелите со 109 и 170 КС. Исто како кај Mercedes, за некои верзии на моделот е достапен седумстепен менувач со двојна спојка или погон на сите тркала. Дополнително се нуди и спортска изведба, со поголема динамика во подвозјето и каросерија спуштена за 20 милиметри.

Во споредба со динамичниот оригинал, подвозјето на Infiniti е дотерано да реагира помеко на нерамнините во подлогата и во целина да понуди порелаксирано возење. Во истата насока е дотерана и работата на менувачот со двојна спојка, а се користи и електроника за натамошно придушување на звукот од дизелот.

Во внатрешноста повеќе се забележува сличноста со класата А на Mercedes

Седиштата се од сопствените добавувачи на јапонската марка и оптимирани се за комфорно седење. Разлика има и во средишниот дисплеј, кој за разлика од класата А реагира на допир, олеснувајќи го користењето на тој начин. Јапонците не одолеаја да ја надоградат електрониката, па додадоа и сет камери што при паркирање симулираат приказ на возилото озгора.

infiniti q30 4938146Обата модела сепак се разликуваат и во карактерот во возење, не само во изгледот. Оригиналот од Mercedes е динамичен во возење, со младешка нота во дизајнот, додека јапонската верзија е покомфорна и со повпечатлива луксузна нота. Без разлика за кој модел ќе се решат купувачите, во цената не би требало да има преголема разлика. Во тој случај, работите сепак одат на страната на Mercedes.

Q30 е воедно и прв модел на Infiniti од европска продукција. Јапонците инвестираа 250 милиони фунти во производството на моделот во Сандерленд, Британија. Цената на основниот модел Q30 1.6i SE на „домашниот“ пазар во Британија изнесува 16.392,50 фунти (23.017 евра), без ДДВ, додека врвот на понудата е Q30 2.0i со 7-степен DCT, погон на сите тркала и ниво на опрема Sport City Black, со цена од 28.300,83 фунти или 39.738 евра.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Самовозечкиот автомобил на Google не се плаши од вештерки

Гркот Варуфакис тврди: „ЕУ е одговорна за скандалот со дизелите во Volkswagen“