за

Hyundai двојно го поевтине водородниот автомобил – на 67.000 евра

Корејскиот прозиводител Hyundai ја намали цената на водородниот автомобил во Европа за 43 проценти. Но, со 67.000 евра, неговата цена и натаму е далеку од нормалните автомобили.

Hyundai го образложува драстичното намалување на цената на автомобилот со погон на водород за 43 проценти како придонес за побрзо пробивање на водородниот погон во автомобилското секојдневие. Но, многу поверојатна причина за „поевтинувањето“ на ix35 Fuel Cell е конкуренцијата од Toyota, којашто од ланскиот декември стартуваше со продажба на својот автомобил со погон на водород Mirai.

Додека Toyota само за неколку недели по стартот на продажбата на јапонскиот пазар доби 1.500 нарачки за Mirai и најави дека поради огромниот интерес ќе ја зголеми продукцијата на 3.000 примероци во 2017 година, Hyundai продаде само 200 примероци од својот автомобил со погон на водород. Корејците сега ќе се обидат да фатат чекор со силната конкуренција. Со цената од околу 67.000 евра, водородниот ix35 ќе се брани од Mirai, за когошто Toyota најави цена од околу 80.000 евра на европскиот пазар.

Намалувањето на цената важи само за европскиот пазар. Водородниот ix35 не се продава во САД, туку е достапен само на лизинг. Hyundai е дел од конзорциумот за примена на водородот во транспортот во европските градови HyTEC и учесник е во изградбата на мрежа од станици за точење водород.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volkswagen заменува работници со роботи: Чинат само 6 евра на час

Skoda воведува трета смена за новата Fabia