за

Honda NSX ќе држи лекции по брзина на СЕМА

honda nsx, acura nsx, scienceofspeed, sema

Специјалистот за Honda NSX – односно Acura на тамошниот пазар – повторно има луто парче за тјунинг-саемот во Лас Вегас. Моторот доби на моќност, подвозјето е спуштено, додаден е аеро-кит во стилот на GT3. Не смее да отсуствува име што ветува. Dream Project, проектот од соништата на ScienceofSpeed.

На најголемиот саем за тјунинг во светот, СЕМА во Лас Вегас, пристига новиот „проект од соништата“ на ScienceofSpeed. Работилницата од Аризона се докажа со нивната верзија на Honda NSX (Acura…) од претходната генерација. Сега е ред „научниците на брзината“ да се покажат на дело со новиот NSX. Преработени се моторот, подвозјето и аеродинамиката.

ScienceofSpeed NSX 1

ScienceofSpeed се појавија на сцената во 2001 година и напредуваа далеку. За актуелниот NSX, тие подготвија комплетен издувен систем од нерѓосувачки челик, кој е за седум килограми полесен од стандардниот и произведува подлабок, поагресивен звук. Плусот од 37 КС доаѓа од интеркулерите со водено ладење, кои го ладат вшмуканиот воздух пред тој да влезе во твин-турбополначите. Резултатот е 610 КС и вртежен момент од 687 Nm (+42 Nm).

Honda NSX во изведба на ScienceofSpeed има специјален „систем за асистенција“

Вградени се пошироки ковани бандажи Advan GT, со димензија 20х9 напред и 21х12 назад, гумите се Pirelli Trofeo R. Сопствен кит на „научниците“ го спушти подвозјето за нешто повеќе од еден инч. Суперспортистот поседува и уникатен систем за асистенција: Сензори од iLift препознаваат кога возилото наидува на грбка на патот и наредуваат предната оска да се подигне за два инчи заради спречување штета.

ScienceofSpeed NSX 3

Аеро-китот вклучува преработен преден спојлер, поголем дифузор назад и впечатлив заден спојлер. Карбон-керамичките сопирачки од Brembo привлекуваат погледи со златната боја на сопирачките клешти. Во чест на првиот NSX, покривот во сјајна црна боја се слева со каросеријата во сина боја со бисерен ефект.

ScienceofSpeed NSX 4

Комбинацијата од сина и црна продолжува и во внатрешноста, кадешто се монтирани Recaro Pole Position тркачки седишта. Информациите за возењето пристигаат на мултифункциски дисплеј со органски светлечки диоди и со изглед како класични инструменти.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

partisan-one

Руски „партизан“ против шминкерските теренци

smart sobir vo spanija

Како мини-марката smart стана милионска марка