за

Honda NSX: Нови технички детали за јапонскиот суперспортист

2015 Honda NSX SAE

По десетгодишна пауза, Honda повторно го напаѓа италијанскиот естаблишмент на суперспортски автомобили. Јапонците сега ги откриваат и преостанатите детали од новиот NSX.

Honda го произведе последниот примерок од култниот NSX пред цела деценија. Оттогаш јапонската марка постојано се обидуваше да се врати во сегментот на најдобрите меѓу најбрзите. Honda се обидуваше со неколку различни концепти, на моменти дури и се откажуваше од плановите, за на крајот, преку неколку концептни прототипи да го потврди сегашниот сериски модел. Суперспортистот на јапонската марка ќе се произведува во новата фабриката на Honda во Охајо, САД, од страна на 100 врвно обучени специјалисти. Причината за промената на локацијата е од пазарна природа. САД е најголем пазар за NSX, кадешто суперспортистот ќе се продава под престижната локална марка Acura, па затоа беше логичен избор фабриката да се лоцира таму.

Подмачкувањето на моторот со сув картер е дел од инженерската тактика за постигнување најниско можно тежиште на NSX
Подмачкувањето на моторот со сув картер е дел од инженерската тактика за постигнување најниско можно тежиште на NSX

Како погонска единица ќе се користи шестцилиндарец во V со 75 степени агол меѓу двата реда цилиндри, со битурбонатполнење и подмачкување со сув картер. Моторот е вграден средишно, веднаш зад двете седишта, кадешто работи во комбинација со електромотор и задолжен е за погон само на задната оска. Наспроти тоа, за предната оска се користат два посебни електромотора. Посебна контролна електроника ја регулира распределбата на вртежниот момент одделно на секое тркало, со цел да се постигне врвна динамика во возењето. Моторот со работна зафатнина од 3,5 литри ќе постигнува системска силина од преку 500 КС, заедно со трите електромотори. За термичката стабилност на целиот погонски систем ќе се користат десет ладилници, од коишто два се користат само за 9-степениот менувач со двојна спојка. Енергијата за електромоторите се акумулира во литиум-јонска батерија, којашто воедно се полни при секое сопирање. За контакт со подлогата се задолжени бандажи од 19 инчи, со гуми со димензија 245/35 за предната оска, односно од 20 инчи, со гуми 295/30.

Посебни програми за раководење со работата на бензинецот, менувачот DCT и трите електромотори

За секојдневно возење ќе може да се избере и „смирен“ модус, со помал ангажман на погонската спрега и можност за минување повеќе километри со полни батерии. Honda уште не открива колкав досег ќе мине NSX со едно полнење на батериите, но тоа воопшто не е релевантно во случајот на овој автомобил. Затоа, пак, многу поинтересни се модусите „спорт“, „спорт+“ и „патека“. Во секој од нив, соодветно се приспособува реакцијата на моторот и електромоторите, работата на менувачот и карактеристиката на подвозјето. Секако дека NSX ќе располага и со контрола на старт, за искористување на полниот потенцијал на возилото за старт од место.

Прва примена во Honda на каросериска структура во комбинација од алуминиум, челик со ултрависока цврстина и карбон
Прва примена во Honda на каросериска структура во комбинација од алуминиум, челик со ултрависока цврстина и карбон

Изгледот на серискиот модел не се разликува од студиите што Honda ги прикажа во 2005 и 2013 година. Промени има единствено во должината. Хибридниот спортист со подвозје и каросерија од алуминиум е долг 4,47, широк 1,94 и висок 1,215 метар, меѓуоскиното растојание изнесува 2,63 метри, а ширината на трагата на предните тркала е 1,655, односно 1,615 метар на задната оска.

Секој детал од возилото е оптимиран за брзина и за трка, што се огледува од фактот дека се внимавало да се задржат дури и исклучително тенките предни столбови од студиите на NSX, за возачот да има максимална прегледност над патеката. Инженерите работеле интензивно и на доведувањето свеж воздух и одведувањето на топлината од моторот, имајќи ја во предвид потоплата „работна атмосфера“ на битурбонатполнењето, како и соработката на бензинецот со електромоторите.

Honda NSX ќе им се спротивстави на Porsche 911 Turbo, Ferrari 488 GTB и McLaren 570S, додека цената ќе изнесува околу 160.000 евра. Испораката во Европа ќе стартува кон завршетокот на годинава.

Главните технички иновации на Honda NSX:

  • Прва примена на каросериска структура изработена од повеќе материјали, заради постигнување врвна крутост при задржување на ниска тежина: Патничка кабина од алуминиум во комбинација со челик со ултрависока цврстина и под од карбон
  • Прва автомобилска примена на аблација (техника на леење со рапидно ладење на одливката) за постигнување врвна крутост на каросеријата, заради врвна управливост и контрола
  • Прва примена на тридимензионално пресувани предни столбови од челик со висока цврстина, за врвна цврстина при мала ширина на столбот
  • Врвна аеродинамика со активни елементи, 10 ладилници за хибридниот погон

Останатите детали околу техниката и конструкцијата на Honda NSX ќе следуваат кон крајот на летото.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Прв службен настап на новиот Skoda Superb во светскиот хокеј

Audi Quattro S1 на ридска трка: Потсеќање на легендата од групата Б