Honda ќе учествува на јубилејната трка за стогодишнината на Пајкс Пик со два примерока од стандардниот NSX, а дополнително и со концепт на база на јапонскиот суперспортист, со погон само на струја.
За стогодишнината на најпозната ридска трка во светот, Пајкс Пик, Honda подготви два примерока од својата најголема гордост, новата генерација на суперспортскиот NSX. Тие ќе учествуваат во брзинските класи 1 и 2, управувани од браќата Џејмс и Ник Робинсон. Во класата на прототипи со електричен погон ќе се појави специјално концептно возило, коешто наспроти хибридниот погон во стандардниот NSX ќе користи исклучиво енергија од батериите, но затоа во целост ќе ги искористи потенцијалите на SH-AWD, односно комлексниот погон на сите тркала којшто ја сочинува суштината на јапонскиот суперспортист.
Тркачката верзија на NSX што ќе учествува во брзинската класа 1 се разликува од стандардната само во олеснетата каросерија, како и во специјалниот издув. Останатото е непроменето, што значи битурбо V6 од 3,5 литри, деветстепен менувач со двојна спојка, електромотор назад, два електромотора за предните тркала и интелигентна електроника што ја усогласува работата на сите четири погонски единици, со цел да се добие тракција каква што досега не е постигната во браншата.
Третиот болид е верзија на NSX модифицирана за погон само на струја
Вториот примерок е идентичен со стандардниот NSX, единствено поседува дополнителна безбедносна опрема според правилникот на трката. Браќата Робинсон работат како инженери за развој во американската фабрика на Honda, кадешто NSX се произведува ексклузивно за глобалниот пазар и обајцата веќе имаат солидно тркачко искуство на Пајкс Пик.
Третиот автомобил на Honda за трката, концептниот автомобил со погон на струја, ќе биде управуван од Тецуја Јамано, којшто лани дефилираше на Пајкс Пик со прототипот на база на CR-Z. Овој концептен автомобил, којшто во основата е NSX „префрлен“ на чисто електричен погон, ќе располага со трипати поголема системска моќност отколку електричниот CR-Z на ланската трка.
Спектакуларната трка на Роки Маунтинс во Колорадо се одржува на 26-ти јуни, со бројни активности што ќе претходат на трката и стартуваат веќе во петок на 24-ти јуни.
[FAG id=24741]