Напролет пристига Honda HR-V во спортска изведба, со 182 КС, но и со преправки во подвозјето во пресрет на зголемената моќност.
Honda ја најави спортската изведба од HR-V, којашто пристига заедно со освеженото моделско годиште на компактиот СУВ и ќе биде достапна напролет. Покрај тоа што 1,5-литарскиот турбо бензинец добива повеќе КС, оваа моделска изведба поседува и неколку измени во подвозјето.
Новиот HR-V Sport практично ја добива истата варијанта на 1,5-литарскиот турбо oд Honda Civic. Моторот постигнува 182 КС при 5.500/min и вртежен момент од 240 Nm меѓу 1.900 и 5.000 вртежи. Опција е безстепен менувач CVT.
Honda HR-V Sport пристига заедно со моделското освежување на СУВ-моделот на база на Jazz
Бидејќи станува збор за Honda, додатокот Sport во моделската ознака не е само за украс. Подвозјето поседува технологија што Honda ја води како „Performance Damper“. Во основа се работи за активно подвозје, коешто намалува страничното наведнување во свијоци или подигањето и спуштањето на „носот“ при секое посилно забрзување и сопирање. Системот ја зголемува и управливоста, односно HR-V полесно и побрзо го менува правецот при слалом, а според Honda, се смалуваат и вибрациите при возење по нерамен пат.
Спортските возачи ќе се радуваат и на варијабилниот преносен однос во управувањето, коешто е дел од таканареченета Agile Handling Assist технологија на Honda. Управувањето реагира подиректно при мали агли на вртење на воланот, односно помеко кога тркалата се свртени повеќе.
Honda HR-V Sport се разликува и однадвор од обичните изведби на моделот. Главната разлика е во црната рамка на маската и во грубата црна решетка, чијшто стил се пренесува и на рамката околу магленките. Спојлери не недостигаат, исто како и прагови, обложени арки на крилата и поагресивен заден браник. Сите овие детали се лакирани во црна боја. Варијантата Sport се препознава и по црните ретровизори, двојниот издув и единствениот дизајн на бандажите од 18 инчи. Диодни предни светла се стандард, исто како и диодни трепкачи.
Производството на Honda HR-V Sport ќе стартува во декември, првите испораки може да се очекуваат напролет.
Електричната Honda се подготвува за премиера
По хибриден погон отсега и во Honda
Honda HR-V е староседелецот во сегментот на СУВ-возилата
Џенсон Батон ја комплетира серијата рекорди на Honda Civic Type R