116
16 shares, 116 points

Кросоверот на база на Jazz ќе има премиера во Женева и се претставува како практичен автомобил за секоја пригода. CR-V веќе е најпродаван СУВ во светот, ќе успее ли HR-V да го повтори истото во пониската класа?

Honda ќе го претстави новиот HR-V на салонот во Женева во март, како елегантен и практичен автомобил за секоја пригода и секаква намена. Куполестата контура на покривот потсеќа на купе, додека долната половина оддава моќ на теренско возило. За динамичната странична линија придонесуваат и задните прозорци со рачка за вратите „сокриена“ во истите. Како што понатаму опишуваат дизајнерите на Honda, „остриот страничен раб му дава самоуверен настап на HR-V и побудува впечаток дека возилото се движи дури и кога мирува“.

Генијалниот систем на преклопување на задната клупа е дел од концептот на HR-V
Генијалниот систем на преклопување на задната клупа е дел од концептот на HR-V

Најсилната страна на новиот кросовер сепак е внатрешноста. Основа за високата приспособливост и просторноста во кабината е новата глобална платформа на Honda за модели од ниската и компакт класата, задржувајќи го средишното поставување на резервоарот за гориво од претходните платформи. На овој начин се создава повеќе простор под задните седишта, односно се овозможува трансформацијата на „волшебните седишта на Honda.

Багажниот простор од 453 литри е врвен во сегментот

Во вообичаената конфигурација, со соборување на задната клупа и „потонување“ на седечката површина се добива целосно рамен под за товарање во само еден потег, додека втората основна конфигурација се постигнува со подигнување на седечката површина на задната клупа, исто како кај седиштата во кино – пример уште од претходните Jazz и Civic. Во вторава конфигурација се овозможува едноставно пренесување на високи предмети во ослободениот простор меѓу предните седишта и преклопената задна клупа. Можност за пренесување уште подолги предмети се добива со соборување и на совозачкото седиште. Со пет патници, зафатината на багажникот изнесува 453 литри, односно 1.026 литри при соборена задна клупа и до висината на долниот раб на прозорците.

Во новиот HR-V ќе се вградува и мултимедискиот систем Honda Connect, со дисплеј на допир од 7 инчи во средината на арматурната табла и со можност за поврзување на интернет. Повисоките нивоа на опрема стандардно ги поседуваат напредните безбедносни системи на Honda, коишто се базираат на комбинација од камера и радарска технологија.

Нов 1,5-литарски бензинец со директно впрскување и 130 КС

Малечкиот брат на CR-V ќе биде достапен на европскиот пазар само во верзија со преден погон, со избор меѓу 1,5-литарски бензинец со 130 КС и 1,6-литарски дизел i-DTEC со 120 КС. Обата мотора се комбинирани со шестстепен менувач, додека за бензинецот е на располагање и автоматски менувач со варијабилен преносен однос CVT. Како дел од новата генерација Earth Dreams, моторите ја исполнуваат нормата Euro 6.

Инженерите на Honda се посветија чувството во возење на HR-V да биде исто како во лимузина, што се постигнува со ниското тежиште и лесната конструкција на каросеријата. Второво произлегува како резултат на обемната примена на челик со висока цврстина, којшто овозможува изведување на каросериската структура со лимови со помала дебелина. Според Honda, „HR-V е еден од автомобилите во сегментот на кросоверите коишто му влеваат голема доверба на возачот при спортско возење. Продажбата на новиот HR-V на европскиот пазар стартува во лето.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

116
16 shares, 116 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *