за

Honda CR-V без дизел, но со хибрид

Honda CR-V

Доскорешниот прв избор на европските возачи многу брзо го изгуби почесното место. Дизел нема да работи во петтата генерација на Honda CR-V. Замената е хибрид

Дизел моторот во последниве години беше нападнат од сите можни страни. Почна со дизел аферата во САД, во исто време големите европски метрополи почнаа да најавуваат, но и да воведуваат забрани за сообраќај, а за крај, на сила стапија новите норми за мерење на потрошувачката и емисијата, коишто се пореални, што значи и многу повисоки отколку досега.

Последиците веќе се гледаат. Петтата генерација на Honda CR-V пристига на европскиот пазар без дизел мотор во понудата. Најпродаваниот СУВ-модел во светот ќе вози само со 1,5-литарски бензинец со турбонатполнење, а нешто подоцна и со хибриден погон.

Honda CR-V petta gen 7
Двајцата со најголеми заслуги за новата Honda CR-V: Директорот на проектот за моделот Хиромичи Цушима и главниот инженер во франкфуртскиот развоен центар Котаро Јамамото

Во Honda не сакаат да се впуштаат во дополнителни трошоци и долготрајни процедури околу хомологацијата на дизелот за европските купувачи, исто како што не сакаат да се изложуваат на ризик од натамошно драстично намалување на продажбата на автомобили со дизел мотор и од воведување нови забрани за сообраќај за дизелот во европските метрополи. Најважната причина: Техниката за пречистување на издувните гасови е прескапа за да се исплати со бројот на возила што ќе се продадат на европскиот пазар. Дизелот, сепак е европски феномен.

Honda CR-V petta gen 2

Од тие причини, кога првите примероци од новата генерација на компактниот СУВ ќе пристигнат на европскиот пазар во октомври, под хаубата ќе работи единствено бензински мотор. Тоа нема да ги преплаши традиционалните возачи на CR-V, односно на „Comfortable Runaround Vehicle“. Оваа Honda во основа не троши многу повеќе од Civic во секојдневни услови на возење.

Хиромичи Цушима, кој е раководител на проектот на петтата генерација на CR-V, открива дека Honda не се откажува целосно од дизелот. Јапонскиот пазар и натаму не покажува интерес за него, но затоа има други пазари, како Тајланд и Индија, кадешто пазарот е ориентиран на дизел. Разликата е во тоа што на тамошните пазари не важат строги норми за емисијата на штетни материи.

Honda CR-V petta gen 5

Околу половина од продажбата на претходникот на европскиот пазар отпаѓаше на дизелот. Возачите го избираа и ценеа поради смирената работа и ниската потрошувачка. Но, работите во меѓувреме се сменија драстично. За исполнување на новите норми се потребни темелни зафати: Впрскување уреа, акумулациски каализатор за азотни оксиди, комплицирана рециркулација на издувните гасови. Овие техники значително го поскапуваат дизелот, но ја зголемуваат и тежината на автомобилот.

Котаро Јамамото, инженер во центарот за развој на Honda во Франкфурт, не исклучува дека дизелот ќе се врати во новите модели на јапонската марка. Производителите досега му придаваа голема важност на дизелот во понудата, поради тоа што дизелот испушта пониска количина на СО2 отколку бензинец од иста класа. Доколку во иднина се покаже зголемување на емисијата на СО2 од автомобилите што се продаваат на европскиот пазар, политиката ќе мора да ургира и да му даде нова шанса на дизелот.

Honda CR-V petta gen 4

Петтата генерација на CR-V по премиерата на моделската серија во 1995 година, пристига на европскиот пазар во октомври. Понудата од мотори ја сочинува само 1,5-литарскиот VTEC Turbo, со моќност од 173 КС во верзија со мануелен менувач со 6 степени, односно 193 КС во комбинација со безстепен менувач CVT. Првата верзија се испорачува и со погон само на предната оска.

Првпат се нуди избор за трет ред седишта, исто како и отворање на задниот капак со замавнување со стопало, проекциски дисплеј или греење на волан.

Моделот пристига во октомври, а во почетокот на следната година ќе се придружи и верзијата со сопствениот хибриден погон на Honda.

Honda CR-V petta gen 6

Технички податоци · Honda CR-V 1.5 VTEC Turbo AWD

Мотор: 4 цилиндри, 4 вентили, 1498 ccm
Пречник и од на цилиндри: 73,0 х 89,5 mm
Компресија 10,3:1
Моќност 173 КС при 5600 / min
Вртежен момент 220 Nm при 1900-5000 / min
Погон и пренос: Автоматски погон на сите тркала, 6-степен мануелен менувач
Должина 4600 mm
Висина 1689 mm
Меѓуоскино растојание 2663 mm
Растојание од подлога 201 mm
Багажник 561 – 1756 L
Празно возило: 1573 kg
Дозволена тежина: 2150 kg
Приколка 2000 kg
Гуми 225/65 R18
Крајна брзина 208 km/h
Забрзување 0-100 km/h: 9,3 s
Потрошувачка (град / пат / просек): 7,6 / 6,0 / 6,6 l/100 km

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Започна производството на серијата 8 на BMW

Првиот примерок од серијата 8 на BMW е црвен како Ferrari

Gentle Tent шатор на покрив

Шатор на покрив е добра идеја за викенд одмор