за

Honda CR-V: Нов мотор и нов изглед за најпродаваниот теренец во светот

Предводникот во глобалната продажба на теренци не заслужи помалку од ова: Нов дизел 1.6 i-DTEC со 160 КС и 350 Nm, деветстепен автоматик и освежен изглед.

На еден ден пред почетокот на салонот во Париз, јапонската марка ги најави сите новитети со коишто ќе настапи на најзначајниот салон во оваа година. Од следната пролет, популарниот CR-V ќе го добие најсилниот дизел мотор во историјата на Honda, како и деветстепен автоматски менувач, достапен како опција. Надворешноста исто така е освежена со променет дизајн на светлата, маската, магленките, заштитната плоча на подвозјето и браникот, додека задниот дел ќе има нови диодни светла, променет дизајн на капакот на багажникот и на браникот.

Главниот новитет е под хаубата: Верзијата со погон на сите тркала ќе го добие новиот 1,6-литарски дизел i-DTEC од генерацијата Earth Dreams Technology, како замена за сегашниот 2.2 i-DTEC. Моќноста изнесува 160 КС, вртежниот момент 350 Nm, додека потрошувачката е намалена за повеќе од десет проценти во споредба со претходникот. Со опционалниот деветстепен автоматик, потрошувачката се намалува за дури 20 проценти. Во понудата и натаму останува 1.6 i-DTEC со 120 КС, за верзијата на CR-V со погон напред.

Налето претстои и почеток на продажбата на новиот HR-V, кросовер на база на Jazz, којшто исто така ќе вози со 1,6-литарскиот дизел со 120 КС, како и со новиот 1,5-литарски бензинец. Покрај HR-V, на штандот на Honda ќе се најде и прототип на Jazz, со комплетно нова каросерија, подинамични линии во дизајнот. Најмалиот модел на Honda за европскиот пазар исто така ќе стартува налето, со нов 1,3-литарски бензинец развиен според начелата на технологијата Earth Dreams.

Vist

Vist

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Награда за дизајнерска иновација на годината за Audi TT

Fiat во градот на модата: Ексклузивна серија на „чинквеченто“