за

Honda Civic во освежено издание за салонот во Париз

Нов дизајн, нова технологија и нова изведба Sport ќе му дадат сила на компактот на Honda против конкуренцијата во втората половина од моделскиот век.

Civic и комби изведбата Civic Tourer добија освежен изглед на предниот дел, со нови светла со интегрирани дневни светла и редизајниран браник. Кај комбилимузината е нов и задниот браник, праговите, задниот спојлер во црна боја, како и задните светла, отсега со диодна техника. Во чекор со освежувањето на надворешноста се извршија и неколку промени во кабината. Седиштата имаат нови облоги и лого на потпирачите за глава, нови се облогите во вратите со хромирани рачки за отворање, а командната табла е обложена со панел во црна металик боја.

Во новото моделско годиште на Civic следува и премиера на мултимедискиот систем Honda Connect, којшто како што кажува и името овозможува пристап на интернет и интернет радио, дополнително на приемот на дигитално радио, блутут поврзување, сателитска навигација и приказ од камерата за рикверц. Системот користи Android 4.0.4 и преку дисплејот од седум инчи овозможува ракување со истите потези како кај паметен телефон.

Новитет во моделската понуда е Civic Sport, како наследник на Type S од претходната генерација, со 1,6-литарски дизел од 120 КС или 1,8-литарски бензинец со 142 КС од стандардниот Civic, но со лакиран заден спојлер и бандажи од 17 инчи ексклузивно за Civic Sport. Моделот позајмува и неколку детали од идниот Type R, како предниот браник со решеткаста структура во долната маска и црн таван во кабината.

Стандард во новото моделско годиште е системот CTBA (City Brake Active), чијашто функција е да ги спречи судирите при брзини до 30 km/h, со користење на радарска технологија за скенирање на патот пред возилото и автоматско активирање на сопирачките кога електрониката ќе утврди дека постои опасност од судир. Премиерата е на втори октомври на салонот во Париз.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Овој Porsche минува 36 километри без бензин

Renault и Iveco со најдобри новитети на салонот на товарни возила во Хановер