По пауза од девет години, Honda повторно ќе го нуди моделското име HR-V на европскиот пазар. Продажбата ќе стартува кон крајот на 2015, премиерата е во следниот месец во Париз.
Новата генерација на Honda HR-V ја користи како основа платформата од моделот Jazz, додека во изгледот се ориентира според компактниот кросовер CR-V. На јапонскиот пазар, Honda ја продава верзијата на овој модел под името Vezel уште од крајот на минатата година. Под хаубата на малечкиот кросовер ќе работи 1,5-литарски бензинец со директно впрскување, а ќе се нуди и хибридна верзија со истиот мотор и помош од електромотор, со системска моќност од 152 КС. Погонот во хибридната верзија ќе се пренесува на сите тркала преку седумстепен менувач со двојна спојка. Обете погонски единици ќе бидат достапни со погон напред или на сите тркала.
По примерот на Jazz и Civic, кабината на новиот модел ќе се одликува со врвна приспособливост. Со средишното поставување на резервоарот за гориво се овозможува задната клупа да се исправи во еден потег и просторот меѓу неа и предните седишта да се искористи како дополнителен товарен простор за повисоки предмети, додека со соборување на целата клупа се добива максимален товарен простор со рамен под по целата должина. Багажникот стандардно изнесува 450 литри, што е повеќе од пристојна вредност. Останатите детали околу новиот HR-V ќе бидат познати пред премиерата во Париз во следниот месец.