за

Камион на Рели Дакар ќе вози со хибриден погон

хибриден камион дакар ZF
хибриден камион дакар ZF

Тимот на Riwald обезбеди дополнителни 200 КС и 1.400 њутнметри за својот камион на релито Дакар. Станува збор за хибриден погон што добавувачот ZF го разви посебно за ова рели. Првпат камион со хибриден погон ќе вози на релито.

Добавувачот ZF разви нов хибриден погон, посебно за Рели Дакар (од 5-ти до 17-ти јануари). Погонот е вграден во специјалната изведба изработена врз основа на камионот Renault C640, што ќе учествува на најпознатото рели во светот. Хибридот со ознака Cetrax Lite RS му обезбедува на камионот со погон на сите тркала на тимот Riwald дополнителни 80 kW (109 КС) трајна моќност, односно краткотрајни 150 kW (204 КС), како и вртежен момент од 1.400 њутнметри.

ZF го разви погонот во соработка со MKR Technology, кој беше задолжен за најголемиот дел од подготовката на Renault C640 за учеството на тимот Riwald на Дакар 2020. Добавувачот ZF изработува готови модули на оска со интегриран електромотор. На пустинското рели ќе се користи прототип од овој модул, со посебно приспособен хардвер и софтвер.

Тимот на Riwald единствен ќе учествува со хибридно возило на Дакар 2020 во Саудиска Арабија

Преку редуктор, 13-те илјади вртежи во минута на асинхрониот електромотор се приспособуваат за дизел моторот со моќност од 1.000 КС и максимални 2.700 вртежи. Секако дека погонската спрега вклучува и автоматски менувач од ZF, кој е специјалист во тоа подрачје. Со разделен преносник, камионот на Renault се претвора во џиновски теренец со погон на сите тркала.

Тимот Riwald со пилотот Герт Хузинк единствен учествува со хибридно возило на Рели Дакар 2020. При тестирањата во Полска, Франција и Холандија, тимот измери неколку секунди подобро време за хибридниот камион, во споредба со останатите камиони во својот возен парк.

Вообичаено за хибридните возила, камионот за Дакар поседува систем што ја користи кинетичката енергија при забавување за дополнување на батеријата. Таа енергија ќе се користи во текот на возењето, во секој можен момент кога е неопходна дополнителна силина.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Карлос Гон бегство Либан

Четири пилоти приведени во Турција за бегството на екс-шефот на Renault

Mitsubishi Okazaki fabrika PV

Фабрика на Mitsubishi користи струја добиена од сонцето