171
22 shares, 171 points

Советот на Европската Унија реши на налепницата на гумите да се прикажуваат повеќе информации. Уште еден новитет е тоа што налепницата нема да важи само за новите гуми.

Купувачите во иднина ќе можат полесно и подетално да се раководат при изборот на гумите за своите возила. Советот на Европската Унија реши да воведе неколку новитети во тој поглед. Се чека согласност од Европскиот Парламент, што е сосем извесно имајќи предвид дека уште лани беше постигната првична спогодба.

На налепниците на новите гуми за возила моментно се прикажува скала со отпорот на тркалање, од што може да се заклучи колку гумата влијае врз потрошувачката на гориво. Важна информација претставува и контактот на гумата на влажна подлога. Третата информација се однесува на бучавоста на гумите и истата се прикажува графички и со вредност во децибели.

Целта е купувачите полесно да ги распознаваат моделите на гуми што се побезбедни, поштедливи и потивки

Налепницата на ЕУ во иднина ќе се користи и на целосно протектирани гуми. Пред тоа да се случи е потребно да се развие метода според која што ќе се одредуваат својствата на овие гуми. Покрај тоа, се предвидуваат и поконкретни правила околу начинот на самото означување, за информациите да бидат појасни и повидливи. Неважечките класи на перформанси, на пример, повеќе нема да се прикажуваат на налепниците. На гумите во иднина ќе се поставуваат и симболи за својствата при возење по снег и мраз. Овие информации ќе се прикажуваат во долниот дел од налепницата.

Обемот на информациите ќе се прошири со податоци за издржливоста и за трошењето на гумите. Претходно е потребно да се развијат методи за тестирање и за овие категории.

Гумите за камиони и автобуси исто така задолжително ќе ја поседуваат налепницата на ЕУ. Се очекува новите правила да стапат во сила во 2021 година.

Налепниците на гумите ќе прикажуваат дополнителни информации

Новата шема за означување на својствата на гумите:

I. QR code;

II. Марка или ознака на производител;

III. Ознака за вид на гума;

IV. Димензии на гума, индекс на носивост и симбол за брзинска категорија,

V. Класа на гума: на пр. C1, C2 или C3;

VI. Пиктограм за штедливост на гумата, скала и класа на перформанси;

VII. Пиктограм за контакт на влажно, скала и класа на перформанси.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

171
22 shares, 171 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *