за

Google ќе им продава автопилоти на производителите на автомобили

Интернет гигантот ќе ги снабдува производителите на автомобили со техника за автономно возење. Google потпиша партнерство со Honda и Fiat, се водат преговори и со останатите производители. Неколку технолошки компании веќе ја предводат браншата, но Google ќе им се спротивстави со поевтинување на техниката и со навигациски карти со висока прецизност.

Преку посестринската фирма Waymo, Google ќе им ја продава својата технологија за автономно возење на големите производители на автомобили. Нивниот софтвер и хардвер ќе овозможи целосно заменување на возачот зад воланот. Fiat Chrysler веќе тестира со техниката на Google во миниванот Pacifica.

Влегувањето на Google во браншата е силен удар за добавувачите од ковот на Bosch или Continental, коишто развиваат слични системи во соработка со специјалисти за софтвер, како Mobileye, или со производители на хардвер, како Nvidia. Неприкосновен предводник на ова поле е Mobileye, чијашто техника за автономно возење ја користат повеќе производители на автомобили, меѓу кои Audi, BMW и Volkswagen. Компанијата најави соработка и со специјалистот за навигациски карти Here, којшто е во заедничка сопственост на Audi, Mercedes и BMW.

Поевтинување на техниката и обезбедување прецизни карти за навигација

Со развој и испорака на хардвер и на софтвер од едно место, Google ќе овозможи поевтинување на техниката. Друга предност на интернет гигантот се прецизните карти со коишто располага. Тие веќе со години се користат за навигација во возилата, достапни се бесплатно и едноставни се за користење.

Во почетокот, Waymo ќе нуди автопилоти за градови чијашто конфигурација и климатски услови не поставуваат предизвици за техниката, односно за градови што се протегаат на рамнински терен и имаат постојани климатски услови. Компанијата ќе развива техника само за возила во највисок степен на автономно возење, односно за четврти и петти степен. Во овие нивоа на автоматизација на возењето целосно се заменува возачот, односно потребна е човечка интервенција само во исклучителни ситуации во возењето.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Над 100.000 електрични автомобили во Велика Британија

Toyota Yaris во спортска верзија пристига на салонот во Женева