за

Google го прикажа вториот прототип на Project Ara

Новиот прототип на модуларниот паметен телефон на Google веќе има на располагање единаесет функциски модули. Официјалниот старт на продажбата се планира за годинава.

Google го прикажа вториот прототип на модуларниот паметен телефон во рамките на креаторската конференција на Project Ara. Уредот го носи името Spiral 2 и составен е од алуминиумски ендоскелет во когошто може да се вградат различни модули. Американските магазини The Verge и Engadget веќе ги тестираа прототипите.

Заедно со Ara Module Marketplace, Google на конференцијата го претстави и Ara Configurator. Слично како Moto Maker од Motorola, софтверот ќе му помага на корисникот при составувањето на неговиот индивидуален уред. Тоа подразбира приспособување на модулите и персонализација на надворешниот изглед. Според првичната замисла, на корисниците требаше да им се понуди и можност за разубавување на нивниот паметен телефон со дизајни од 3D-печатар. Тоа сепак отсуствува кај вториот прототип, но затоа за индивидуализација на куќиштето може да се испечатат фотографии со висока резолуција.

Преку Ara Configurator, купувачите прво го избираат ендоскелетот и го опремуваат основното куќиште со саканите модули. Притоа стојат на располагање дисплеи, камери, процесори, звучници, но и батерии со различен капацитет. Google моментно има развиено единаесет прототипи на модули. Освен можноста паметниот телефон Ara да се конфигурира самостојно чекор по чекор, Google ќе нуди и претходно конфигурирани модели.

Меѓу новитетите кај вториот прототип на ендоскелетот се вбројуваат и неколку промени во електро-перманентните магнети. Првично тие беа поставени на модулите, коишто на тој начин беа поврзани со основното куќиште. Со Spiral 2, тие се преселени во ендосекетот, со што се овозможија помали димензии на функциските модули и отворање простор за дополнителни компоненти. Поради модуларната конструкција, паметниот телефон Project Ara има поголеми багарити во споредба со актуелните врвни модели со Android.

Покрај тоа, ќе постои можност одделните модули да се заменуваат додека уредот е вклучен. Во моментов корисниците мора да реагираат во точно одреден рок, доколку на пример сакаат да ја заменат батеријата. Овој лимит засега изнесува 30 секунди, но со претставувањето на третиот прототип Spiral 3 во втората половина од годинава, лимитот ќе биде продолжен на две минути. Другите планирани функции се 4G, поддршка за камери со повисока резолуција и трајност на батеријата за цел ден. Батеријата на актуелниот модел издржува покусо од еден ден, затоа што поради одржувањето на врската меѓу модулите се потребни околу 20 проценти од вкупната енергија.

Google ќе започне со пробна продажба на Project Ara во втората половина од годинава, а кусо потоа се планира и официјален старт со продажбата. Дотогаш ќе има до 30 модули во десетина категории. Купувачите ќе можат да избираат и меѓу три различни големини на ендоскелет, во когошто има простор за различен број на модули.

https://www.youtube.com/watch?v=intua_p4kE0

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Aston Martin повторно во сервис: Задникот се вжештува

Фејслифт на BMW серија 1: Последната „единица“ со заден погон