за ,

Golf на батерии чини 35.000 евра

Најпродаваниот автомобил во Европа отсега се нуди и во верзија со погон на струја. За патувања подолги од 190 километри бесплатно се добива друго возило на користење.

Во германските салони на Volkswagen стартуваше продажбата на VW e-Golf, електричната верзија на најпродаваниот автомобил на европскиот пазар. Овој Golf на батерии користи електромотор со моќност од 115 КС и вртежен момент од 270 њутнметри. Потрошувачката на струја според производителот изнесува 12,7 киловатчасови на сто километри, што со нашите цени на струјата би чинело 41,30 денари за 100 километри.

Сериската опременост на електричниот Golf е мошне богата заради компензирање на повисоката цена на моделот во споредба со верзиите со обични мотори. Во цената од 34.900 евра на германскиот пазар спаѓаат навигација, автоматска клима и предни светла со светлечки диоди. Разликата со споредлив Golf 1.4 TSI со 140 КС и со највисокото ниво на опрема Highline сепак изнесува околу 10.000 евра.

За изборот да биде попривлечен за купувачите на коишто е-Golf ќе им биде единствено возило, Volkswagen нуди пакет за мобилност по пример на електричната верзија на Up, која е веќе неколку месеци во продажба. Сопствениците на електричниот Golf, со овој пакет можат во период од три години по купувањето на возилото, за патување на подолги релации да користат бесплатно друг модел од понудата на Volkswagen со обичен погон, најмногу 30 денови во годината. На избор стојат сите модели од гамата на производителот, од градскиот Up до големиот ван Sharan.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

BMW против Mercedes: Сега и Баварците имаат класа В

Од историјата на Porsche: Лимузината од 4.000 евра за Кина