за

Германски еколози мереа загадување во Србија и Бугарија, во Македонија не се ниту обидоа

мерење на загаденост воздух

Германското здружение за заштита на животната средина честопати се појавува во содржините на Аутомедиа.мк, а заклучоците на овие борци за животната средина никогаш досега не биле повеќе конкретни за нашето живеење во услови на екстремна загаденост, иако истите се однесуваат на соседството. Експертите имаат јасен став: Азотните оксиди што ги испуштаат дизел моторите му наштетуваат на здравјето. Неславниот шампионат во суспендирани честички повторно го освои Македонија.

Европската агенција за животна средина денес објави нов извештај. Резултатите за Македонија се исти како и досега, катастрофални. Во поглед на емисијата на неразградливи честички (ПМ10), според резултатите во 2017 година, 14 мерни станици во Македонија прикажале пречекорување на дозволената просечна емисија на ПМ10 на годишно ниво (!), односно надминување на лимитот од 40 микрограми на метар кубен.

Нашата држава во поглед на катастрофалната загаденост на воздухот е во друштво со Бугарија, Полска и Турција. Шампионот во надминувањето на лимитот: Македонија. Истите резултати важат и при мерењето на неразградливите честички со големина до 2,5 микрометри. Единствено Босна и Херцеговина нé претркува, во конкуренција од 41 држави во Европа. Секако дека не претставува изненадување тоа што Македонија е последна (или прва) во поглед на индикаторот на просечна изложеност, со 51 микрограми ПМ2,5 на метар кубен, наспроти дозволените 20 микрограми.

(Слика 3.1 – Концентрација на PM10 изразено според вредноста на дневниот лимит во 2017 и број на станици што се земени предвид во секоја земја)
New photo by Automedia MK / Google Photos
(Слика 3.3 – Концентрација на PM2,5 изразено според вредноста на дневниот лимит во 2017 и број на станици што се земени предвид во секоја земја)
New photo by Automedia MK / Google Photos

Дишењето е најздраво во Исланд, Норвешка, Шведска, Ирска и Финска, а најштетно во Македонија и соседството

Во поглед на емисијата на јаглероден моноксид, само четири станици во цела Европа прикажале надминување на лимитот: Две во Босна и Херцеговија и по една во Македонија и Шведска. Во обемниот извештај понатаму се наведува дека штетата од загаденоста на воздухот врз човечкото здравје во релативни рамки е најголема во земмјите кадешто и загаденоста е најголема, односно во Косово, Србија, Бугарија, Албанија и Македонија.

>> Како последица од загаденоста на воздухот со честички ПМ2,5, годишно во Македонија се предизвикуваат 3.400 предвремени умирања, од азотни оксиди 110, додека од надминувања во концентрацијата на озон има 70 предвремени умирања. Експертите понатаму пресметуваат дека по еден милион жители во Македонија, скусени им се вкупно 1.699 години од животот, како последица од загаденоста со ПМ2,5.

На овие резултати, признаени и потврдени од највисока инстанца, се надоврзуваат од германското здружение за заштита на животната средина. Тие презедоа посебни мерења во пет европски држави, со цел да го докажат влијанието на дизел моторите врз загаденоста на воздухот. Покрај Германија, здружението мереше уште во Чешка, Словенија, Бугарија и Србија. Македонија не беше вклучена во мерењата, иако вредностите кај нас сé уште повеќе алармантни.

>Директорот на здружението, Јирген Реш, има категоричен став: „Сојузната влада за жал се покажува и како шампион во извозот на валканите автомобили со манипулиран дизел. Место проблемот да го испраќа во Јужна и Источна Европа, канцеларката Меркел конечно мора да ги присили сите автомобилски концерни во земјата и надвор, во најкус период да ги повлече сите погодени возила. Тие мора да добијат хардверска надградба, со системи за пречистување на издувните гасови коишто ќе дејствуваат и во реалноста.“

Европската агенција за животна средина ги оценува само вредностите што ги пријавуваат државите. Но, факт е дека реалната загаденост честопати е многу повисока, а со тоа и ризиците по здравјето. Тоа се потврдува во мерењата на германското здружение во петте држави, вклучувајќи ги нашите соседи Србија и Бугарија.

(Локациите за мерење на концентрацијата на азотни оксиди на територијата на Белград, од страна на Германското здружение за заштита на животната средина и локални еко-организации)
New photo by Automedia MK / Google Photos

Во отсуство на мерења од Македонија, шампион е Белград со измерена емисија на азотен диоксид од 106,8 µg/m3. Германските експерти се беспрекорно точни во своите оцени: „Поради отсуството на законска регулатива за ефективна поправка на илегалните системи што прикажуваат чиста емисија само при лабораториски мерења, голем е бројот на дизели кои испуштаат голема количина азотни оксиди, по увозот во Источна Европа, кадепто воздухот и без тоа е веќе загаден прекумерно.

Во извештајот од извршените мерења на концентрацијата на азотен диоксид на германското здружение за заштита на животната средина, еднозначно се посочува дека главен извор на ова загадување е патниот сообраќај, односно автомобилите и товарните возила со дизел мотор. Тука експертите се повикуваат на друг извештај, кој потврдува дека емисијата на азотен диоксид е многу над лимитот за речиси сите дизел автомобили, товарни возила и камиони, кои биле подложени на веродостојно мерење.

Мерењето во петте земји е извршено со посебни дифузиски цевчиња, кои биле поставувани на висина од два метри, на бандери, сообраќајни знаци и слични места

Поради обемноста на истражувањето, тука ќе ги наведеме само заклучоците за Србија. Станува збор за веродостојно и сериозно спроведено истражување според врвни стандарди. Се мерело во Белград, Обреновац, Нови Сад, Суботица, Панчево, Ужице, Ваљево, Ниш и Лесковац.

Меѓу мај и август годинава, две тестирања биле спроведени во Белград. Во првиот круг, четири од девет мерења надминале 40 микрограми NO2 на метар кубен, со најголемо надминување на улица Таковска во Белград (80,8 микрограми). Вториот тест покажал највисока досега измерена вредност од Здружението, со 106,8 микрограми на „Бранкова“. Ова мерно место покажало слична вредност и при вториот круг.

Во Белград и воопшто во цела Србија, утврдени се прекумерни вредности на азотен диоксид, кој е сериозна закана по здравјето. Уште повеќе загрижува фактот што од 2010 година наваму, загадувањето се интензивира.

Дополнителни илустрации

(Слика 4.1 – Концентрација на О3 изразено според целната вредност и број на станици што се земени предвид во секоја земја)
New photo by Automedia MK / Google Photos
(Индикатор на просечна изложеност на загадување во 2017 и лимит за изложеност)
New photo by Automedia MK / Google Photos
(Измерените вредности за азотен диоксид во Србија)
New photo by Automedia MK / Google Photos

Топ 10 Најголеми заблуди околу аерозагаденоста во Македонија

Зошто и зимава ќе дишеме автомобилски издув?

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Салонот во Франкфурт во 2021 година ќе се одржува во цел град

Салонот во Франкфурт во 2021 година ќе се одржува во цел град

Volvo XC40 Recharge

Volvo XC40 без резервоар и без пумпа за гориво