158
21 shares, 158 points

Компанијата Cruise, дел од General Motors, претстави роботско такси без волан и без педали, коешто ќе се движи самостојно. Уште недостига точна најава кога би стартувала редовната употреба на овие возила.

Посестринската компанија на General Motors, специјализирана за технологија за автономно возење, го претстави возилото без волан и без педали, коешто ќе го сочинува идниот возен парк од роботски такси возила. Cruise во развојот на возилото соработуваше со Honda. Робот-таксито се води под името Origin и изгледа еднолично – предниот и задниот дел се идентични.

Патниците пристапуваат во возилото преку широки лизгачки врати, а внатре има место за четири патници кои седат еден спроти друг. General Motors ќе испорачува готова платформа со електричен погон, врз којашто понатаму може да се изведуваат најразлични надградби.

Cruise уште не соопштува датум кога би почнала редовната примена на роботското такси. Според првичните планови, компанијата требаше да почне уште лани и својата услуга да ја понуди прво во Сан Франциско. Во калифорнискиот град веќе неколку години сообраќаат роботски возила на Cruise, изработени врз основа на електричниот автомобил Chevrolet Bolt. Во овие возила сепак седи човек зад воланот, заради интервенција во случај на грешка на техниката.

Во соопштението од Cruise: Го отстранивме моторот. Го отстранивме возачот, кој – повеќе е правило, отколку исклучок – најчесто е заморен, неконцентриран и постојано во итање. Ја отстранивме опремата што му служи на возачот, вклучувајќи ги воланот, педалите, ретровизорите, бришачите и неудобните седишта… Тоа што го добивме не е автомобил што ќе го купите. Тоа е искуство што го споделувате.

Возилото Origin поседува модуларна конструкција и проектирано е за повеќе од еден милион милји, односно повеќе од 1,6 милион километри. Автономните такси возила ќе стојат на располагање во секое време и поради тоа мора да бидат повеќе робусни од обичните возила.

Ford и Volkswagen исто така најавија специјални возила што ќе бидат дел од некои идни возни паркови со роботско такси. Ford се потпира на хибриден погон, заради избегнување на потребата од полнење на батеријата, додека Volkswagen планира чисто електричен погон, исто како Cruise.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

158
21 shares, 158 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *