Гаснењето на моторот во возење звучи како безопасна работа. Но, неколкуте смртни случаи го докажуваат спротивното. Отстранувањето на дефектот следи по повеќегодишно задоцнување.
Сервисниот повик на 1,6 милион возила што следува по неколкуте смртни случаи станува голем проблем за General Motors. Од интерните кругови во автомобилскиот гигант се дозна дека уште во развојот на еден од моделите имало проблеми со бравата за палење. Сервисниот повик доаѓа со десетгодишно задоцнување.
General Motors дури во минатиот месец ги повика во сервис сопствениците на одредени модели произведени меѓу 2003 и 2007 година, за отстранување на дефектот. Проблемот е во тоа што клучот може да се врати во изгасната положба при возењето, особено кога на клучот има тежок приврзок или повеќе други клучеви и патот е нерамен.
Дефектот се поврзува со дванаесет смртни случаи. При изгаснато палење не работат ниту засилувачот на силата на сопирање, ниту сервоуправувањето или воздушните перници. Поради тоа возачите можат да ја изгубат контролата на возилото и не се заштитени целосно при судир.
Уште во претсериското производство на Saturn Ion, кој е еден од погодените модели, бравата за палење не функционирала правилно. Интерен документ од 2001 година открива дека проблемот бил решен со измена во конструкцијата на делот. Продажбата на моделот стартуваше две години подоцна.
Во еден друг извештај од 2003 година, техничар на General Motors опишува случај со возило чијшто мотор сам се изгаснал во возењето. Тој запишал дека возачот имал повеќе клучеви на приврзокот и заклучил дека проблемот бил предизвикан од тежината на клучевите. Според документацијата на General Motors, техничарот ја заменил бравата и случајот се затворил.
Американскиот конгрес и институтот за безбедност поведоа истрага дали најголемиот производител на автомобили во државата реагирал предоцна за проблемот со контакт бравата. Погодените модели се продавани првенствено на пазарите во САД и Канада. Моделите на Opel не се погодени од проблемот.
Овој случај е огнено крштевање за Мери Бара, дамата што го презеде кормилото на General Motors во почетокот на годинава. Ветеранката во концернот писмено го извести персоналот дека нејзиниот тим дури пред неколку недели дозна за проблемот. Таа побарала разјаснување на случајот, за што го ангажирала адвокатот Антон Валукас, кој претходно го испитуваше и стечајот на инвестициската банка Леман Брадерс.
Сервисниот повик потсеќа на случајот со Toyota пред четири години. Тогаш постоеше сомневање дека заглавувањето на педалот за гас и лизгањето на патосниците предизвикало неколку случаи со кобни последици. Toyota стартуваше глобален сервисен повик, а продажбата забележа огромен пад на важниот пазар во САД. Јапонскиот гигант мораше да плати казна, затоа што според американските надзорни власти не биле навремено пријавени проблемите со возилата. Се докажа дека повеќето случаи биле предизвикани од грешка на возачот.