174
22 shares, 174 points

Мајката на Opel повторно има проблеми во САД. По скандалот со дефектните брави, следи сервисен повик на постари модели поради опасност од пожар. Погодени се 1,4 милион возила.

General Motors по третпат во рок од седум години повикува во сервис возила кај кои што е утврдена опасност од избивање пожар поради протекување масло. Сервисниот повик се однесува на 1,4 милион возила, продадени во најголем број во Северна Америка. Од палењето на возилата на General Motors, во минатото беа оштетувани и гаражи, па дури и цели куќи.

Новиот сервисен повик следува откако американскиот автомобилски гигант не успеа да го стави проблемот под контрола. General Motors уште не соопштува како планира да го реши проблемот овојпат. Милионскиот сервисен повик на мајката на Opel може да предизвика тешки финансиски последици. Според пазарните аналитичари, повторениот сервисен повик е толку сериозен, што може драстично да ја намали добивката на General Motors во четвртиот квартал и да доведе до продолжување на кризата во Opel, кој минатата година забележа загуба од преку 200 милиони долари.

Над 1.300 возила изгореле по сервисните акции во 2008 и 2009 година

Според GM, повеќе од 1.300 возила изгореле во пожар по претходните обиди за отстранување на дефектите во 2008 и 2009 година. Тогаш концернот им препорача на сопствениците да не ги паркираат своите возила во гаража или под стреа, сé додека не се отстрани дефектот. Во најголемиот број од случаите, пожарот во возилата избувнувал веднаш по гаснењето на моторот. Причина за проблемот е порозната заптивка на еден вентил. При силно сопирање постои опасност да протече масло од сопирачките врз издувната гранка и да предизвика пожар.

Сервисниот повик се однесува на моделите Pontiac Grand Prix и Buick Regal произведувани од 1997 до 2004 година, на моделите Chevrolet Impala (1998 до 1999), Lumina и Monte Carlo (1998 до 2004), како и на моделот Oldsmobile Intrigue. Сите овие модели поседуваат 3,8-литарски мотор V6. Дел од марките повеќе не постојат или не се во сопственост на концернот. General Motors ја згасна марката Pontiac, откако концернот се најде под стечај во 2009 година.

Сервисните повици влијаат негативно врз имиџот на производителите. GM во последната година се најде на линијата на огнот поради дефектните контакт-брави. Со овој проблем се поврзуваат 124 смртни случаи.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

174
22 shares, 174 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *