за

Мексиканска тура за збогување со G-Class

mercedes g-class pozdravno vozenje 3

Конвој од теренски возила со моќни мотори под хаубата татни на излезот од Мексико Сити во правец на југоисток. Има и придружно возило, со наоружан персонал. По еден час возење се запира покрај патот, заради замена на регистерските таблички. Од автопатот се продолжува по брз пат со две ленти. Стрелката на брзиномерот покажува 200. „Стариот“ G-Class се поздравува пред пристигањето на наследникот.

Мексиканската тура е последното возење на коешто оригиналниот Mercedes G-Class учествува како ново возило. Легендарната моделска серија низ своите четири децении се менуваше само незначително. Од првата серија 460, во 1990 година произлезе серијата 461, за на крај да следи 463, како луксузна варијанта на неуништливиот теренец.

На салонот во Детроит во јануари ќе биде прикажан наследникот. Изгледот ќе биде сличен со постоечкиот модел, останува и бројот на серијата 463. Ширината ќе порасне за околу десет сантиметри. Разликата во споредба со претходникот ќе биде најголемиот скок во историјата на G-Class.

mercedes g-class pozdravno vozenje 4

Во конвојот има две варијанти на моделот. Од Мексико Сити до Оаксака се вози G 500, а на враќање стои на располагање G 500 4×4, со проширена каросерија и т.н. портални оски коишто се преземени од Unimog.

Јасно е зошто оваа моделска серија никогаш не изгуби од фасцинацијата. Ова е олдтајмер што се добива како нов автомобил. Седењето на високо, исправениот ветробран и формата на арматурната табла, сé е исто како во 1979 година. Во кокпитот има насобрано делови од сите епохи, но сé е обложено педантно, со штепувана кожа. Теренецот што првпат се појави како работна машина, денес е луксузен и престижен крстосувач.

G-Class е олдтајмер што се купува(ше) нов од фабрика

Добро е што работите се сменија во погонот. На местото на ненаситните дизели и бензинци, кои постигнуваа повеќе од скромни перформанси, сега работи најмодерна техника. Штедливоста и натаму не е силна страна на G-Class, но затоа перформансите се за почит. Четирилитарскиот V8 со битурбо натполнење е развиен од AMG и располага со 422 КС.

mercedes g-class pozdravno vozenje 2

Спринтот до сто трае 5,9 секунди, крајната брзина е 210 km/h. Според фабрика, од прскалките излегуваат по 12,3 литри бензин на сто километри. Тоа е само „половина“ од вистината.

На погонот на сите тркала кој се има докажано милион пати не му претставува проблем да ја пренесе моќта на подлогата дури и во најтешките услови. Секако дека теренот му лежи на G 500 повеќе отколку возењето по автопат. Поради непрецизното управување, коешто од друга страна е добредојдено на терен, возачот не може целосно да ужива во високите брзини. G-Class силно се навалува во свијоците коишто современите теренци ги совладуваат со леснотија.

Верзијата G 500 4×4 е магнет за погледите – затоа има и обезбедување во придружба на конвојот

Сето што го може G 500, варијантата G 500 4×4 го може уште подобро. Порталните оски потекнуваат од прочуениот Unimog и драстично го зголемуваат растојанието од подлогата. Овој 4×4 е практично непобедлив кога се вози по терен. Затоа, пак, држењето правец и возните својства се уште полоши отколку кај обичниот модел.

mercedes g-class pozdravno vozenje 5

Екстремниот автомобил е магнет за погледите на останатите учесници во сообраќајот. Токму поради „волшебното“ привлекување на вниманието, возењето назад треба да се изведе без запирање за фотографирање и што е можно побрзо. Тоа не е проблем, затоа што во 4×4 работи истата погонска техника како во обичниот G 500. Спринтот е малку побавен и трае 7,4 секунди, а крајната брзина и натаму е „заклучена“ на 210 km/h. До замената на G 500 4×4 со модел од новата генерација ќе мине долго време – доколку ја има воопшто. Продажбата на наследникот ќе стартува со обичните модели, а потоа е редот на „специјалците“.

Вредноста на актуелната G-Class ќе расте вртоглаво во огласите за продажба

Не е потребно човек да биде научник за да заклучи дека Mercedes ќе се погрижи во наследникот да пренесе колку е можно повеќе од изгледот и чувството во оригиналниот G-Class. Исто така не треба да постои сомневање дека вредноста на старите примероци од моделската серија ќе почне да расте вртоглаво.

mercedes g-class pozdravno vozenje 1

Новакот може да има и хибриден погон и најсовремени системи за асистенција, конективност, телематика и што уште не, но во духот тешко ќе го достигне оригиналниот „Gelandewagen“. Со цената, не е проблем.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

bmw m5 shanghai

BMW M5 со рекорд на кинеската патека за формула 1

Brabus Ultimate Sunseeker Limited Edition One of Ten

Brabus изработи „велосипед“ за сопственици на луксузни јахти