за

Ford Transit отсега може да вози и на струја

Ford Transit, Transit Custom PHEV
Ford Transit, Transit Custom PHEV

На Ford сигурно не може да му се забележи дека му недостига разновидност во понудата. Од една страна Mustang или GT, на друга страна Mondeo и Explorer, а од трета, пак, уште една легенда на марката, Transit. Големиот Ford заслужи моделско освежување, вклучувајќи и плагин-хибриден погон.

Ford Transit е толку долговечно име на сцената, што многумина веројатно помислуваат прво на него, кога ќе се спомне комбе или било каков друг вид на доставно возило. Повеќе од 60 години се во прашање. Transit сега доживеа моделско освежување, според производителот се сменети половина од деловите. Најголемите зафати се во смалувањето на тежината, во моторите и во системите за асистенција.

Зависно од моделската изведба, од тежината на каросеријата се скусени од 48 до 75 килограми. Хаубата сега е од алуминиум и полесна е за 5,4 килограми. Овие заштеди во тежината секако дека се важни кај Transit, бидејќи одат во корист на носивоста. Изведбата Transit 350 со долго меѓуоскино растојание, со висок покрив и преден погон, при дозволена тежина до 3,5 тони, сега може да носи 1,4 тон. Во просек, носивоста се зголеми за 80 килограми.

Благ хибрид се вградува како опција во Ford Transit, тоа носи заштеда до 8% при градско возење

Дволитарскиот дизел се нуди во изведби со моќност од 105, 130, 170 и во новата верзија со 185 КС и 415 Nm. Со исклучок на верзиите со погон на сите тркала, секој Transit отсега располага со систем старт-стоп. Следна можност за заштеда е доплатата за благ-хибриден погон со 48-волтна техника, кој во градско возење штеди до осум проценти, односно до три проценти при комбинирано возење.

New item by Automedia MK / Google Photos

Вообичаено за благиот хибрид, стартер-генератор го заменува обичниот алтернатор. Генераторот произведува струја при сопирање, којашто потоа се акумулира во компактната 48-волтна батерија. Оваа енергија потоа се користи при забрзување или за одржување на брзината.

Од следната пролет, за изведбите со заден погон ќе биде достапен и 10-степен автоматски менувач, додека кај верзиите со погон напред останува можноста за доплата за 6-степен автоматик.

Ford Transit Custom со плагин-хибриден погон вози до 56 km на струја, потоа се вклучува бензинецот и работи како генератор, со што досегот се продолжува на повеќе од 500 километри

Најолемиот новитет е верзијата на Transit Custom со плагин-хибриден погон, со познатиот 1.0 EcoBoost, кој функционира како генератор, откако ќе се исцрпи батеријата. Тоа значи дека по 56-те километри на струја, се вклучува бензинецот и произведува струја за електромоторот од 93 kW. Во тој случај може да се постигне досег од преку 500 километри.

New item by Automedia MK / Google Photos

Бидејќи батеријата од 13,6 kWh е вградена во подот, не се менува зафатнината на товарниот простор од шест метри кубни. Transit Custom Plugin е достапен како комби и фургон, со меѓуоскино растојание од 2.933 mm и со обичен покрив. Полнењето на батеријата преку обичен приклучок за струја трае 4,3 часови. Со посебен полнач, времето се скусува на околу 2:45 часови.

New item by Automedia MK / Google Photos

Ford вгради многубројни системи за асистенција. Секој Transit добива модем, за пристапување до интернет-услуги и апликации. Тоа подразбира најразновидни системи за управување со возен парк или проширување на можностите на системот за навигација. Со доплата се добива и помош при паркирање, предупредување за возило во мртвите агли или за следење лента.

За изведбата на Transit Custom со плагин-хибриден погон се нуди гаранција за батеријата до осум години или 160.000 километри.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mini Cooper S E Countryman 4All eko-predizvik Markov manastir

Mini што вози 200 km на струја и неколку километри на бензин

светски ден на автогас

Утре е меѓународен ден на погонот со автогас