за

Пред половина век почна да вози првиот Ford RS

Ford RS 50 години, Ford 20 M RS 1968

Во 1968 година се појави 15 M RS како прв модел на Ford со ознаката RS, кусо за Rallye Sport. Набрзо следеа 17 M RS и 20 М RS. Полувековната историја досега до Focus RS, кој чека наследник од четвртата генерација на Focus

Ford во 1968 година го претстави спортското трио составено од моделите 15 M RS од генерацијата P6, како и 17 M RS и 20 М RS, двата од генерацијата P7. Сите три моделски изведби беа достапни во каросериска варијанта како лимузина со две или со четири врати и како купе. Моделите се препознаваа по тоа што имаа помалку хром во маската, но затоа имаа дополнителни халогени светла и црни ленти по должината на каросеријата. односно дополнителна лента по хаубата (кај 15 M).

Ford 15 M RS
Ford 15 M RS

„Специјалните бандажи“ од 14 инчи беа лакирани во сребрена боја. Посебност на времето беше тоа што пневматиците немаа внатрешна гума. Завртките на тркалата и заштитните капи беа хромирани, а прстенот околу завртките беше во црна боја. За денешни стандарди тоа се речиси незабележливи детали, но пред половина век секој возач посакуваше такви „детали“ на својот автомобил.

Ford 17 M RS
Ford 17 M RS

Главното место во кокпитот секако дека им припаѓаше на огромниот бројач на вртежи и на брзиномерот, поставени средишно. Спортската атмосфера ја дополнуваа амперметар и манометар за масло во моторот, скусената рачка на менувачот со дрвена глава и кожен мев околу основата. Краците на воланите беа перфорирани, заради намалување на тежината, а воланите беа обложени дебела кожа. По желба се испорачуваше волан со обрач од имитација на дрво.

MHV Ford 20M RS 02.jpg
Von MartinHansV – Eigenes Werk, CC BY 3.0, Link

Под хаубата на 15 M RS работеше најсилниот четирицилиндарец од Келн. Тоа беше V4 од 1,7 литар, со 70 КС при 5.000 вртежи во минута и вртежен момент од 134 Nm при 2.400 вртежи. Оваа моќ беше доволна за спринт до темпо сто за 14,5 секунди и крајна брзина од 155 km/h.

Двата поголеми RS-модели имаа престижни мотори V6. Дволитарецот со 90 КС во 17 M RS обезбедуваше спринт до сто за 14,2 секунди и крајни 160 km/h, додека 2,3-литарскиот V6 во 20 M испорачуваше 108 КС. Топ-моделот забрзување за 11,4 секунди до сто и постигнуваше 170 km/h. Каросеријата на RS-моделите можеше да биде лакирана или во црвена или во сребрена металик боја.

Во случајот на Capri RS 2600, ознаката Ford RS овозможи купе со крајни 200 km/h да биде достапно за широк круг купувачи

Во 1970 година се приклучија Escort I RS 1600 со мотор Cosworth и Capri I RS 2600, кој постигнуваше 200 km/h со својот V6 со 150 КС и 224 њутнметри. Спринтот на Capri од осум секунди и денес е сосем „употреблив“. Подвозјето беше изведено директнo од тркачкиот Capri. Автомобилот фабрички излегуваше без браници.

Foird Capri RS 2600 strana
Ford Capri RS 2600

Иако спортската нота беше доминантна, елегантното купе поседуваше многу комфорни ставки. Опремата опфаќаше загревано задно стакло, светилка за читање карти и дебело патосиран под. Со доплата можеше да се добие сончев покрив со курбла, бандажи од магнезиумска легура, странично отворање на задните прозорци или радио со таканаречени „копчиња за притискање“.

Денес и градските автомобили тежат повеќе од 900-те килограми на Capri

За возачите кои повеќе ги сакаа тркачките патеки стоеше на располагање и вистинска тркачка варијанта, со врати и заден капак од пластика, странични стакла од плексиглас и тежина од само 900 килограми. Во комбинација со 150 КС произлегуваше сооднос од шест килограми на една коњска сила.

Ford Capri RS 2600

Во 1973 година почнаа да се вградуваат мотори со поголема зафатнина. Англичаните го заменија 2,6-литарскиот „келнски“ V6 од Capri RS 2600 со трилитарски мотор „есекс“, кој дополнително се преработуваше на зафатнина од 3,1 литри. Серијата Capri RS 3100 се изработе во само 250 примероци, колку што беше условот за хомологација на автомобилот за трки во групата 2. Прочуената фирма Cosworth го довршуваше претворањето на овој Capri во тркачки болид, со натамошно зголемување на зафатнината на моторот на 3,4 литри и преоѓање на четиривентилска техника и електронско палење. По преработката, моторот постигнуваше 400 КС, далеку над фабричките 150 КС. При тежина од 1.000 килограми, автомобилот постигнуваше 280 километри на час.

Ford Escort I RS 2000 (1973)

Најголемата легенда во историјата на моделите со оваа ознака е Escort RS 2000 од првата генерација од 1973 година. Моделот беше изработен во чест на победата на фабричките „ескорти“ во светското првенство во рели. Со моќност од 100 КС и крајна брзина од 175 km/h, спортскиот Escort комбинираше врвни перформанси во својата класа, неограничена применливост во секојдневието, едноставно сервисирање, и најважното, мошне достапна цена.

Во подвозјето беа применети истите искуства како кај Capri RS 2600, произлезени од мотоспортот. Каросеријата беше спуштена, со соодветни преправки на пружините и амортизерите, како и со неопходното проширување на крилата. За заокружување на спортското чувство се грижеа школкасти седишта, спортски волан и тркалезни инструменти со хромирани прстени.

Ford escort rs2000.jpg
Von Thecamperman in der Wikipedia auf Englisch, CC BY-SA 3.0, Link

Две години подоцна се појави наследникот со 110 КС, со девет секунди за спринт до темпо сто и крајна брзина од 180 km/h. Сопирачките беа преземени од значително потешкиот Capri со 2,3-литарски мотор. Подвозјето беше спуштено за два сантиметри во споредба со стандардната изведба. Escort II RS 2000 се разликуваше по продолжениот и закосен нос, со четири халогени светла и со интегриран браник и спојлер.

Закосениот нос од пластична пена го смалуваше отпорот на воздух за 16 проценти, а воедно го зголемуваше и потисокот врз предната оска за 25 проценти. На задниот капак се наоѓаше релативно мал спојлер што произведуваше за 60% поголем притисок врз задната оска.

Постоеше и верзија Escort II RS 1800, којшто беше само основа тркачки автомобил и се изработе во само 109 примероци, продадени главно во Англија. Најголема гордост во гамата беше рели изведбата на Escort II. Бјорн Валдегард победи во светското рели во 1979 година, а две години подоцна и Ари Ватанен.

Во 1980 година се појави прототип на Escort III RS 1700 T, како потенцијален рели автомобил за прославената група Б. Но, во тоа време се појави и Audi Quattro, кој ги увери сите производители дека повеќе не може да се постигне победа на рели без погон на сите тркала. Проектот RS 1700 T беше напуштен, на негово место пристигна Ford RS 200. Набрзо беше укината групата Б – овие со право наречени монструми повеќе не можеа да се „контролираат“.

[FAG id=34754]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ортопедска препорака за серија 7 на BMW

Ортопед му препишал на германски политичар да се вози во BMW серија 7

peugeot soundhound

Автомобилите на Peugeot во 2020 година буквално ќе ги слушаат наредбите од возачот