158
61 shares, 158 points

Возилата со хибриден погон повеќе од деценија се ослободени од плаќање акциза, но тој факт и натаму е непознат за широк круг купувачи. Моделското освежување на Ford Mondeo може да го смени тоа.

Во член 51б од Законот за акцизите стои: Патничките автомобили на хибриден погон се ослободени од акциза. Во случај царинската вредност да изнесува околу 20.000 евра, тоа се 2.300 евра помалку за плаќање при купувањето нов автомобил. „Заштедата“ достига и преку 5.500 евра, во случај кога вредноста на возилото надминува 30.000 евра. Зошто оваа погодност со години наназад останува далеку од купувачиот дух на македонскиот пазар? Одговорот може да се бара во тоа што хибридите обично се поврзуваа само со една марка (Toyota). Сцената, сепак, се раздвижува и добива во шареноликост.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Ford Mondeo влегува во втората половина од моделскиот век. Моделот од средната класа на Ford доби нови дволитарски дизели со SCR-катализатор и Адблу, можност за комбинирање со 8-степен автоматик, како и нови системи за асистенција и стандардни зафати во изгледот, материјалите и нивоата на опрема.

Петметарски крстосувач Ford Mondeo со потрошувачка како Fiesta

Најважниот новитет е во тоа што и комби изведбата Turnier отсега е достапна во изведба со хибриден погон, со системска моќност од 187 КС и потрошувачка од 4,4 литри бензин на сто километри. Верзијата со две срца досега беше резервирана само за лимузината. Ефектот од ослободувањето од акциза е јасно препознатлив во досегашниот ценовник, каде што Ford Mondeo Hybrid во лимузинска изведба и ниво Titanium чинеше 28.500 евра. За споредба, дизелот со 150 КС и автоматски менувач чинеше 32.200 евра или 3.700 евра повеќе од хибридот.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Во централата во Келн очекуваат дека половина од продажбата на освежениот Ford Mondeo ќе отпаѓа на двете каросериски верзии со хибриден погон. На тоа се надоврзува фактот дека комби-каросериските изведби и натаму уживаат висока популарност на неколку европски пазари.

Неколку зафати беа извршени и во контролната логика на хибридниот погон

Контролниот софтвер на хибридниот погон е преработен, со цел погонската спрега да реагира особено меко при поаѓање и да се постигне рамномерно ослободување на моќноста. Менувачот е безстепен и значајно придонесува 2,0-литарскиот бензинец да работи колку е можно почесто и подолго во оптималниот режим. Дополнително, моторот работи според еткинсоновиот принцип, кој дава посебен нагласок на штедливоста.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Системската моќност на бензинецот и електромоторот изнесува 187 КС. До 90% од енергијата при сопирање што инаку се ослободува како топлина, се искористуваат за полнење на литиум-јон батеријата со големина од 1,4 киловатчас. Таа енергија стои на располагање при секое поаѓање или забрзување.

Клима уредот исто така функционира на струја во хибридниот Mondeo

Техничарите на Ford се позанимаваа и со прикажувањето на податоците од возењето во големиот средишен дисплеј, со таканаречен тренер за сопирање, кој на возачот му дава вредни совети за одржување на потрошувачката на гориво на најниско можно ниво. Електриката наоѓа место и во електромеханичкото сервоуравување EPAS, во електричниот клима уред, како и во цела низа системи за ладење, вклучувајќи повлекување на топлината од издувните гасови, со цел да се постигне побрзо загревање на кабината. Багажникот нуди простор од 403 литри, односно максимални 1.508 литри со соборена клупа, при што се добива рамен под по целата должина.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Во гамата пристига и нов 2,0-литарски EcoBlue, со преправки што се извршени заради строгата норма Euro 6d-Temp. Дизелот е достапен во три верзии на моќност, со 120, 150 и 190 КС. Во споредба со претходните дизели Duratorq TDCi, промените вклучуваат интегриран систем за вшмукување со полирани вшмукувачки канали, смалени отпори во турбокомпресорот, побрза реакција на впрскувањето под висок притисок и попрецизно дозирање гориво. За чистиот издув се грижат SCR-катализатор и впрсквуање Адблу.

Нов 8-степен автоматик со ротирачки контролер за дизелите

Дизелите со 150 и 190 КС се достапни и со новиот 8-степен автоматик, со ефектен ротирачки контролер во средишната конзола. Според Ford, електрониката препознава дали се вози по нагорнина или надолнина, исто како и возење по кривулест пат или спортско возење. Најсилниот дизел може да се комбинира со погон на сите тркала, кој пренесува до 50% од вртежниот момент на задната оска. Кај бензинецот од 1,5 литар со 165 КС немаше потреба од промени.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Најголемите промени во изгледот се во предниот дел, со препознатливите „Power-Domes“ на хаубата и со тенките светла. Маската е комплетно сменета, со подебела рамка. Има и нови магленки и диодни дневни светла, додека кај нивото Titanium следат хромирани лајсни на повеќе места. Секако дека најлесно се препознава врвното ниво Vignale, со мат сребрена маска со графика во форма на буквата V. Истиот впечаток важи и за спортското ниво ST-Line. Задните светла имаат нова графика и поделени се со лајсни во мат, сребрен или хромиран финиш.

Бандажи до 19 инчи и специјална завршна изработка во стил на „течен алуминиум“

За топ-нивото Mondeo Vignale е резервирана бојата пантер-сина, додека ST-Line ја има како привилегија „Slate Grey“. Новитет во палетата бои за сите моделски верзии е цијан-сина. Седиштата добија нови облоги, нивоата Titanium, ST-Line и Vignale се разликуваат во дополнителните украсни елементи. Се интервенирало и во премините меѓу средишната конзола, арматурната табла и инструментите, за истите да бидат помазни и да оставаат впечаток за повисока завршна изработка.

Во комбинација со 8-степениот автоматик стои на располагање приспособлив темпомат, со стоп-го функција и асистенција при возење во колона во застој. Во средишната конзола може да работи дисплеј од 8 инчи на допир, додека Ford Sync 3 е компатибилен со Apple CarPlay и Android Auto.

Производството на Ford Mondeo се одвива во фабриката во Валенсија/Шпанија, заедно со големите ванови S-Max и Galaxy, со кои ја дели платформата. Од воведувањето на четвртата генерација на Mondeo во 2015 година, на европскиот пазар се продадени повеќе од 250.000 примероци.

Ford Transit доби нов бројач по 999.999 километри

Ford и Volkswagen потпишаа соработка

Добриот стар Ford Focus, ама нов

Комплетен водич за новиот Ford Focus: Цени, опрема, мотори, перформанси

 


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

158
61 shares, 158 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *