158
21 shares, 158 points

Радикалниот чекор на Ford со напуштањето на класичниот изглед за СУВ-моделите кај новата Kuga има добра причина. Тоа ја подобрува аеродинамичноста, а потрошувачката се смалува. Заедно со останатите мерки, потрошувачката на целата гама на компактната Kuga е смалена за речиси третина.

Не може да се превиди дека новата генерација на Ford Kuga отстапува од класичната силуета на СУВ-моделите, со висок и масивен нос. Место тоа, компактниот СУВ со техниката од Focus го „спушти“ носот и има клинеста силуета, што полесно се пробива низ воздухот. Тоа е дел од концептот на новиот модел, со цел потрошувачката на гориво, а со тоа и емисијата на СО2, да се доведат во согласност со претстојните, уште построги ограничувања на ЕУ во поглед на емисијата на штетни материи. Кусо, тоа значи дека Ford нема да плаќа скапи пенали кон Комисијата на ЕУ, кои потоа ќе требаше да се компензираат преку продажбата цена на Kuga. Тоа е главниот предизвик со којшто се соочува браншата, Ford работи на случајот.

Новата генерација на Kuga е „најелектризираниот“ модел на Ford досега: Погонските опции вклучуваат благ хибрид, целосен хибрид и плагин хибрид. На тоа се надоврзуваат подобрена аеродинамичност и мерки за смалување на тежината на возилото.

Според Ford и според фабричките тестирања во согласност со нормите, Kuga е најштедлив и најчист СУВ во компакт класата. Во плагин хибридната изведба, Kuga со полна батерија ќе може да извози до 72 километри на струја, пред да се вклучи бензинецот. Тоа се идеални услови, но во споредба со исто така идеалните услови на конкуренцијата, вредностите на Ford покажуваат предимство.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Спомнатата заштеда од триесетина проценти, конкретно 28%, произлегува кога збирот од вредностите на потрошувачката на сите погонски единици во новата Kuga, ќе се спореди со претходниот модел. Со важна напомена: Доколку се вклучи плагин-хибридот, заштедата изнесува 31 проценти.

Плагин хибридната изведба на Kuga и изведбата со благ хибриден погон – со 48-волтна мрежа и стартер-генератор – ќе бидат достапни подоцна во текот на годинава. Потоа ќе следи и хибридната изведба. Во понудата од погонски единици се вклучени и постоечките бензинци и дизели од Focus.

Тежината е намалена до 80 килограми во споредба со претходниот модел. Тоа најмногу се должи на масивната примена на алуминиум. Предните водилки се полесни 6,8 килограми, челната заштитна шипка е полесна 6,1 килограми, во сопирачките се одземени 800 грами. Во таа насока се олеснети дури и патосниците и звучниците.

Кус преглед на погонските варијанти во гамата на новата Ford Kuga:

Kuga Plug-In Hybrid:

  • Комбинира 2,5-литарски бензинец што работи во еткинсонов циклус (од Mondeo Hybrid), со електромотор и батерија од 14,4 kWh. Батеријата може да се приклучи за полнење, Ford не наведува податоци околу времетраењето. Потрошувачка на гориво 1.2 l/100 km и емисија на CO2 од 26 g/km според NEDC (1.4 l/100 km и 32 g/km според WLTP), со досег на струја до 72 km NEDC (56 km WLTP).

Kuga EcoBlue Hybrid:

  • Комбинација од 2,0‑литарски дизел EcoBlue со 48-волтна технологија на благ хибриден погон. Стартер-генератор што е задвижуван преку ремен го заменува класичниот стартер, кусо помага при поаѓање и забрзување и ја полни малата батерија при секое сопирање или забавување. Потрошувачка 4.3 l/100 km во просек и емисија на CO2 од 111 g/km според NEDC (5.0 l/100 km и 132 g/km WLTP).

Kuga EcoBoost:

  • Во верзии со моќност од 120 или 150 КС, EcoBoost од 1,5 литар е прв мотор со три цилиндри што користи технологија на исклучување на цилиндрите при ниско оптоварување, со цел да се намали потрошувачката. Потрошувачка на гориво 5.5 l/100 km во просек и емисија на CO2 од 125 g/km според NEDC (6.6 l/100 km и 150 g/km WLTP).

Kuga EcoBlue:

  • Дволитарски дизел со 190 КС и 1,5-литарски дизел со 120 КС.
    Kuga 1.5-litre EcoBlue, 4.2 l/100 km, CO2 109 g/km NEDC (5.1 l/100 km, 133 g/km WLTP).
    Kuga 2.0-litre EcoBlue, 4.8 l/100 km, CO2 127 g/km NEDC (5.9 l/100 km, 155 g/km WLTP).

Kuga Hybrid:

  • Хибридната изведба ќе пристигне подоцна во текот на годината, со комбинација од 2,5-литрскиот бензинец од Mondeo Hybrid, електормотор, литиум-јон батерија и автоматски менувач развиен од Ford.

 


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

158
21 shares, 158 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *