за

Ford GT „вози“ со 300 мегабајти во секунда – побрзо од борбен авион

Ford GT

Колку вештачка интелигенција му е потребна на суперспортскиот Ford GT да го задржи на земја? Многу. Преку 50 сензори и 25 компјутери обработуваат десетици милиони редови програмски код. Тоа се повеќе информации отколку што на F-35 Lightning му се потребни да остане во воздух.

Повеќе од 50 сензори за само еден час произведуваат 100 гигабајти податоци во суперспортскиот Ford GT. Тоа е исто како за еден час да се симнат 25.000 песни од интернет. Овие податоци ги обработуваат над 25 компјутерски системи. Станува збор за обем од 300 мегабајти во секунда. Дури и електрониката во Lockheed Martin F-35 Lightning II работи побавно и порелаксирано.

Ford GT повеќе се мачи да остане на земја, отколку F-35 во воздух

Тоа што возеше прво на 24-часа Леман, во чест на серијата триумфи во 60-те години, сега почнува да се појавува во гаражите на избраните среќници. Ford започна со испорака на GT за приватни сопственици.

За управување со функциите на возилото и контрола над средината околу себе додека вози со 347 километри на час, Ford GT располага со над 50 различни сензори. Покрај педалите или воланот, тие ги надгледуваат и позицијата на задниот спојлер или влажноста на воздухот.

Ford GT ќе наполни хард-диск од 100 гигабајти за само еден час

Оваа армада вештачки сетила произведува 100 гигабајти податоци за еден час. Десетте милиони редови програмски код ги обработуваат 25 компјутерски системи. Тоа се случува со брзина од 300 мегабајти во секунда. Побрзо отколку во борбен авион Lockheed Martin F-35 Lightning II.

Секако дека голем дел од сензорските и компјутерски системи се грижат за енормната динамика на Ford GT, којашто ја произведува 3,5-литарскиот V6 со 650 КС. Тоа се однесува на пример на активната амортизација, којашто е слична со техниката во формула 1. Контрола се врши и врз активната аеродинамика, како и врз петте возни режими, со можност за избирање на растојанието од подлогата, амортизацијата или работата на менувачот.

Во период од четири години, Ford ќе изработи 1.000 примероци од актуелното поколение на легендарниот GT. Тоа е дури двапати повеќе отколку што беше планирано првично.

Според производителот, Ford GT може во секојдневието да се користи како обичен автомобил. Болидот меѓу другото располага и со два држача за чаша – изработени од алуминиум, секако.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes X-Class

Mercedes X-Class: Пикап за благородници што ‘рмбачат

Nissan Leaf e-pedal

Една педала му е доволна на новиот Nissan Leaf