за

Кога Ford Focus добива мотор од Mustang станува Focus ST

Ford Focus ST 2019

Почнуваат спортските изведби на Ford Focus, оние во режија на Ford Performance. Тоа значи дека врвот на скалата на моќноста во гамата на Focus се поместува од сегашните 182 КС на 1,5-литарскиот EcoBoost, на 280 КС. На специјалното одделение на Ford му останува уште еден еволутивен степен до крајното ниво, до Focus RS.

Штотуку почнува да дивее. Моторот од 2,3 литри од Mustang проработе и под хаубата на Ford Focus, донесувајќи драстично поместување на највисоката моќност на германскиот компакт, од досегашните 182 на 280 КС. Тоа важи за бензинската варијанта на Ford Focus ST, затоа што по традиција, првиот екстремен спортски степен се нуди и во дизел-изведба. Во неа работи дволитарскиот дизел со 190 КС. Повторно стојат на располагање две каросериски изведби за ST, комбилимузината со пет врати и комбито.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Секако дека кај Focus ST не станува збор „само“ за нови и посилни мотори, туку и за темелна преработка на подвозјето, на сопирачките и на контролата на погонската спрега. Ford ветува дека ова е најтемпераментниот и најуправлив Focus ST досега, на пат и на тркачка патека.

Со екстра моќноста отсега следи електронски регулирана блокада на диференцијал како стандард во Ford Focus ST

Во споредба со претходникот, моќноста е зголемена за 12 проценти, вртежниот момент за 17 проценти. Првпат во модел со преден погон на Ford стандардно работи електронски регулирана блокада на диференцијал со спојки што се активираат преку хидраулика, којашто дополнително ја смалува тенденцијата за подуправување во остри свијоци и во целина ја поместува границата на стабилноста.

Опција е нов седумстепен автоматски менувач. Првпат во Focus ST се нуди и можност за избор на режими на возење. Во комбилимузината стандардно следува и приспособлива амортизација. Идејата на Ford Performance била да се постигне автомобил што ќе биде и екстремен спортист и комфорен крстосувач, со едноставно притискање на копче.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Турбо-бензинецот од 2,3 литри постигнува 280 КС при 5.500 вртежи во минута и вртежен момент од 420 њутнметри меѓу 3.000 и 4.000 вртежи. Спринтот од место до темпо сто трае помалку од шест секунди. Од Ford GT и од пикапот F-150 Raptor пристига таканаречената „антидупка-технологија“. Придушницата останува отворена кога се отпушта гаста при префрлување во повисок степен на пренос, што помага да се задржи ротирањето на компресорот, со цел побрзо да се постигне полниот притисок на натполнење при последувателното притискање врз гасот.

За љубителите на дизел варијантата: Дволитарски EcoBlue испорачува 190 КС и вртежен момент од 400 њутнметри меѓу 2.000 и 3.000 вртежи.

Перформанс-пакет со меѓугас во стилот на Ford Mustang и други интересни ставки како доплата

Од Mustang пристига и „меѓугасот“, кој е дел од опционалниот перформанс-пакет. При префрлување во понизок степен, контролната електроника на моторот самостојно додава гас во стилот на рели-возачите од постарите времиња.

Подвозјето помага оваа екстра моќност на Focus ST да се претвори во возна динамика и уживање. Амортизацијата напред е покрута за 30 проценти, назад за 13 проценти, во комбинација со подвозје спуштено за 10 милиметри. Активната контрола на степенот на придушување се раководи според вредностите што ги добива од управувањето, сопирачките, од движењето на каросеријата и од сензориката во подвозјето, со цел да постигне оптимален степен во одредена ситуација.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Мошне е значајна и улогата на блокадата на диференцијал кај бензинскиот ST. Хидраулично активирани спојки го контролираат вртежниот момент што се пренесува одделно до предните тркала. Системот е способен да префрли до 100% од вртежниот момент на моторот само до тркалото што во одреден момент има подобра тракција, помагајќи Focus ST буквално да вози како по шина во свијоци и на излезот од нив. Техниката е развиена од Borg Warner и во основа работи попрецизно од механичките блокади на диференцијал.

Геометријата на подвозјето исто така трпи промени заради поубедливо возачко доживување – и поголема динамика, секако

Со тоа одговара и управувањето што е за 15 проценти подиректно отколку кај стандардниот Focus, со само два вртежи меѓу крајните положби. Сменетата геометрија гарантира поверно пренесување на информацијата од подлогата. Сферичните зглобови, односно „спони“, поставени се 9 mm понапред и 6,5 mm повисоко отколку кај семејниот Focus. Така има смисла и изборот на гумите, Michelin Pilot Sport 4S.

Предните дискови пораснаа на 330 mm x 27 mm во комбинација со двоклипни клешти, додека задните дискови имаат димензии 302 mm x 11 mm. Според Ford, сопирачките се четирипати повеќе отпорни на прегревање отколку кај претходниот ST.

Уште еден специјалитет е изборот на режим на возење. Може да се избира меѓу нормален, спортски, штедлив и посебен модус за влажна и лизгава подлога – во комбинација со перформанс-пакет, дополнително следи и опција за тркачка патека. Системот соодветно ја менува работата на блокадата на диференцијал, активната амортизација, управувањето, реакцијата на моторот, контролата на стабилноста и системот за зајакнување на звукот во кабината. На воланот има копче за директно вклучување на спортскиот модус.

Инструментите се инспирирани од Ford GT, со дигитален приказ на притисокот на турбонатполнењето, притисокот и температура на маслото, во дисплеј од 4,2 инчи. Контрола за брз старт исто така е дел од перформанс-пакетот.

Со 280 КС уште не е завршена еволуцијата во моќноста: Следи Focus RS

Спортски белег во кабината, покрај седиштата Recaro, оставаат алуминиумската глава на рачката на менувачот, педалите, украсните панели со сребренест финиш или сивата опшивка на седиштата, облогите во вратите и потпирачите за колено во средишната конзола.

Кровниот спојлер има впечатливо шрисуство, а не се пропушта ниту двојниот издув во задниот дуфузор. Кој ќе посака, отсега може ST да го користи и за влеча. Претходно кука не можеше да се вгради, поради централниот издув.

Продажбата започнува летово.

Тест: Ford Focus 1.0 125 КС Titanium Business

Лимузински Ford Focus со 536 литри багажник почнува со продажба

Ford Focus со одличен старт: Повеќе од 40.000 продажби за 6 месеци

Ford Focus е автомобил на годината во Хрватска

Добриот стар Ford Focus, ама нов

Добриот стар Ford Focus, ама нов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volvo V60 Cross Country

Нордиска комбинација: Volvo V60 Cross Country

kia stinger автомобил на годината во Канада

Kia Stinger е автомобил на годината во Канада