за

Комплетен водич за новиот Ford Focus: Цени, опрема, мотори, перформанси

ford focus iv

Тоа што по македонските улици може секојдневно да се забележат примероци од сите три претходни генерации на Ford Focus е најдобрата препорака за овој автомобил. Комплетен водич на Аутомедиа за еден од најважните новитети годинава

Новата генерација на Ford Focus е во салонот на Ми-Да Гранд Моторс во Скопје – и тоа се забележува. Честопати се случува во последно време да се влезе во автосалон, а новитетот да се забележи дури на втор поглед. Тука е поинаку, Ford Focus бр. 4 не може да се превиди. Стилската преобразба во четвртата генерација на компактот на Ford е најголема откако моделот го смени името во Focus.

Ова моделско име е дел од тоа што се води како матичен возен парк по нашите патишта, поради масивниот продажен волумен во досегашните три генерации, но и поради сé уште присутниот историски дух на претходниците, којшто задира уште во ерата на Escort. Неговото пристигање го вбројуваме меѓу најважните моделски премиери годинава.

2018_FORD_FOCUS_DRIVE_TITANIUM_89
Многу работи се сменети во страничната силуета: Тоа се случи првпат кога Escort стануваше Focus и се случува сега кога Focus III преоѓа во Focus IV

До официјалното одбележување на почетокот на продажбата остануваат уште неколку седмици, но „домаќините“ уште сега уредно подготвиле сé што е неопходно, за посетителите во салонот на Ford да ги задржат како клиенти. Тоа почнува со реален, место заслепувачки салонски примерок од новиот Ford Focus, во комбинација од каросерија, мотор и опрема, којашто бренд-менаџерите очекуваат да постигне најголем удел во продажбата.

Основниот модел со 1,5-литарски бензинец со 120 КС и ниво Trend чини 17.900 евра

Конкретно станува збор за изведба со 1,0-литарски Ecoboost со 100 КС, со второто ниво на опрема Trend Edition и со редовна цена од рамно 20.000 евра. Ценовникот почнува со 1,5-литарски атмосферски бензинец Ti-VCT со 120 КС, кој во основното ниво Trend чини 17.900 евра.

Како домашна литература се сервира веројатно најкомплетниот моделски каталог, на 74 страници, а кој уште може да одолее на мирисот и чувството при прелистувањето на автомобилските каталози, истите информации и во истиот обем, ќе ги добие на интернет страницата за моделот. Конечната фаза е ценовникот со 70 основни моделски варијанти, како комбинација од 8 мотори, 3 менувачи и 8 нивоа на опрема.

2018_FORD_FOCUS_DRIVE_TITANIUM_86
Новиот Ford Focus има многу поширок распон на улоги од претходниците: Тој може да биде пристојно семејно возило, но и луксузен крстосувач

На тоа се надоврзува уште список со дополнителна опрема, со своите 54 ставки, од безжичен полнач за телефон за 220 евра до панорамски покрив со отворање, за 1.650 евра. И сето тоа се врти во уште два круга, затоа што покрај комбилимузината со пет врати, Ford Focus вообичаено е достапен и во класична лимузинска изведба со 4 врати и должина од близу 4,7 метри, како и во караван изведбата со багажник со максимален волумен од 1.653 литри. За првата варијанта се доплаќа 500 евра над комбилимузината со пет врати, додека доплатата за караванот изнесува 800 евра.

Визуелниот впечаток за просторност се претвора во чувство за просторност

Првиот визуелен впечаток е дека Focus IV има исклучително долга кабина. Габаритите во основа се непроменети, затоа што должината на каросеријата порасна за само 1,8 сантиметар, а во висина се изгуби само 1,5 сантиметар. Затоа, пак, меѓуоскиното растојание порасна за 5,3 сантиметри – и тоа што е пресудно за нашиот впечаток за долгата кабина – ветробранот и арматурната табла се поместени за цели десет сантиметри понапред. Тоа ги смени пропорциите и внесе нова динамика во појавата, којашто отсуствуваше кај претходникот, со неговиот ветробран што беше легнат како кај ван. Иако каросеријата сега изгледа многу поширока, таа порасна за само два милиметри.

2018_FORD_FOCUS_DRIVE_ST-LINE__15
Маската со препознатливата форма е свртена обратно кај Focus IV: Графиката на решетката кажува многу за моделската изведба

Хаубата е значително скусена и традиционалните четири надолжни рабови ја продолжуваат визуелно. Предната маска е многу поубедлива во создавањето впечаток дека се работи за автомобил од благородничка марка – конкретно, маската и натаму го оддава духот на Aston Martin, кој долги години беше дел од концернот. Во меѓувреме, пак, марката на Џејмс Бонд отстапи од првичниот дизајн.

Само при директна споредба со претходникот се забележува дека маската кај „четворката“ е завртена обратно. Зад маската се наоѓаат активни ламели, кои се отвораат само кога моторот има потреба од дополнителен воздух за ладење, додека при возење по автопат остануваат затворени. Целта е на тој начин да се подобри аеродинамиката.

Промените во дизајнот се најрадикални во изгледот на опашот

Формата на светлата не го прекинува текот на каросериските панели, туку се втопува со нивната линија. Во страничниот профил е сменето многу со тоа што повеќе нема трет страничен прозорец зад задните врати. Покрај тоа, долниот раб на прозорците не се спушта видливо како кај претходникот.

2018_FORD_FOCUS_DRIVE_ST-LINE__55
Пишувањето на името на моделот со одвоени букви не е новитет во Ford

Најголемите промени се назад. Светлата се исто толку масивни како порано, и дводелни се, но имаат похармонична форма. Тоа е воедно и клучниот збор што го опишува изгледот на опашот, хармонија. Во комбинација со посебните букви што го испишуваат името Focus, задниот дел изгледа повеќе отмено. Тоа е крајниот впечаток што дизајнерите сакале да го постигнат кај овој автомобил. Во тој поглед веројатно се мислело на раните генерации на Escort, кој секогаш се издвојуваше во компакт класата, особено под значката Ghia.

Новиот Ford Focus примерно ги обавува „лимузинските“ задачи

Комплетна смена се случила во кокпитот. Вертикалната ориентација околу средишната конзола е заменета со хоризонтално извлечени линии и форми. Работната средина на возачот изгледа посовремено, но и посредено и попрегледно. Позрело, исто така. Бројот на копчиња во кокпитот е смален значително, инструментите повеќе не се во „цевки“. По седнувањето зад воланот не се пропушта впечатокот дека целиот кокпит е поместен за десет сантиметри понапред. Тоа создава пријатно просторно чувство напред.

Повеќе радува тоа што остануваат неколку прсти слободен простор за колената на патниците на задната клупа. Зголеменото меѓуоскино растојание, во споредба со претходникот, како целосно да се пренесува во просторот за нозе назад. Дополнително и предните седишта се потенки за некој сантиметар. Покрај тоа, различниот изрез за вратата, поради отсуството на третиот прозорец, осетно го олеснува пристапот назад.

FORD_2018_FOCUS_VIGNALE_STUDIO_17
Како што е трендот, средишното место во кокпитот му припаѓа на големиот дисплеј: На сликата е најголемата варијанта, од 8 инчи и вградена во Vignale

Централното место му припаѓа на дисплејот со класични копчиња околу него, кој во основното ниво Trend има пречник од 4,2 инчи и речиси не се издвојува во кокпитот. Едно ниво погоре, во Trend Edition, дисплејот има пречник од 6,5 инчи и се ракува преку допир. За разликата од 1.800 евра до ова ниво (во комбинација со 1.5 Ti-VCT; 1.600 евра со 1.0 EcoBoost 100 КС) дополнително следуваат спортски седишта, електрична паркирна сопирачка, поврзување со Android Auto / Apple CarPlay, втор USB приклучок, потпирач за рака, држач за чаша со лизгачки капак. Покрај овие највпечатливи разлики во кокпитот, Trend Edition вклучува уште алу-бандажи од 16 инчи, хромирани лајсни на вратите и магленки со функција за свијоци.

Голем дел од имиџот на Ford уште се потпира на луксузните нивоа на опрема, како Ghia

Трето е престижното ниво Titanium, коешто чини 2.000 евра повеќе од второто ниво, во комбинација со 1.5 Ti-VCT. Во споредба со Trend Edition, ова ниво дополнително располага со хромирани рамки на прозорците, инфо-забавен систем со средишен дисплеј од 8 инчи, дисплеј во боја за патниот компјутер, пристап и стартување без клуч, плочки на праговите, патосници, темпомат, автоматска двозонска клима, амбиентално диодно осветлување внатре, сензори за светла и дожд, електрично собирање на ретровизорите и уште неколку ставки во истиот стил.

2018_FORD_FOCUS_DRIVE_TITANIUM_97
На нивоата на опрема им нема крај кај новиот Ford Focus, но голем дел од купувачите ќе се решаваат за „пристојно престижното“ ниво Titanium

Ford го воведе спортскиот ST-Line пред година и пол. Според германските статистики, една петина од купувачите го нарачуваат својот Ford токму со ова ниво, коешто има стил блиску до култниот ST, но е достапно во комбинација со мотори од стандардната понуда. Спортскиот стил го оддаваат бандажите од 17 инчи со посебен дизајн, различниот дизајн на предниот и задниот браник, маската и дифузорот, двојната хромирана издувна цевка, диодните магленки и проширените крила.

Секако дека следува и спортско подвозје, спуштено за 10 милиметри. Кокпитот добива спортски волан и рачка на менувач, алу-педали, посебен штоф на седиштата, црн таван и плочки на праговите, сé со знакот на ST-Line. Нивото го комплетира инфо-забавен систем како во Trend Edition, копче за старт, темпомат и диодни магленки со функција за свијоци. Референтниот 1.5 Ti-VCT не е достапен со ST-Line, тука презема 1.0 EcoBoost со 125 КС и цена од 23.700 евра. За споредба, верзија со истиот мотор во нивото Trend чини 19.300 евра, односно 21.500 евра во нивото Trend Edition.

Нивоата ST-Line и Titanium чинат исто, но се ориентирани сосем различно

Во паралела со нивото Titanium, се покажува различната ориентација на двата пакета: ST-Line за спортски стил, Titanium за елеганција и по малку престиж. Но, има и уште повеќе престиж: Во нивото Vignale, коешто во „најевтината“ варијанта чини 29.900 евра, во комбинација со 1.0 EcoBoost со 125 КС. Ценовникот завршува со Ford Focus 2.0 EcoBlue Vignale, со 150 КС, со осумстепен автоматски менувач и цена од 39.000 евра.

Покрај ставките што „мирисаат“ на повисока класа, како кожени седишта, вклучувајќи електрично местење на возачкото седиште, или украсни панели со висок сјај во кабината, со Vignale следат и неколку дополнителни услуги – замислата е Ford преку ова ниво да понуди автомобил со завршна изработка на премиум марка, но и услуги на премиум марка.

2018_FORD_FOCUS_DRIVE_VIGNALE_81
Vignale е посебна приказна и моделот не пропушта да го покаже тоа

Како своевидни меѓунивоа се понудени трите Business-пакети, позиционирани над Trend Edition, Titanium и ST-Line, коишто дополнително вклучуваат навигација со дисплеј од 8 инчи и паркинг сензори напред и назад, односно електрично собирање на ретровизорите, дисплеј во боја за патниот компјутер и темпомат, доколку тие ставки не се веќе вклучени во „појдовниот“ пакет. За овие меѓунивоа се доплаќа околу две илјади евра.

Возачите што почитуваат добро основно ниво ќе бидат задоволни со Trend

Сепак, назад на основата. Trend доаѓа со греење на ретровизори, диодни дневни светла, клима уред, кожа на волан и рачка на менувач, радио со команди на волан и гласовни команди, блутут, патен компјутер и поделена задна клупа – плус, избор на комфорен, штедлив или спортски стил на возење, при што соодветно се менува реакцијата на електромеханичкото сервоуправување и на моторот. Тука ништо не недостига, што се однесува до неопходните комфорни и функционални ставки. Алу-бандажи може да се вградат и отпосле, исто како и магленки, така што купувачите кои ја ценат основната верзија можат да бидат сосем задоволни со понудата во Trend.

2018_FORD_FOCUS_DRIVE_TITANIUM_01
Просторноста и пријатното чувство на задната клупа се издвојуваат во класата

Главниот нагласок кај моторите е ставен на трицилиндарските мотори EcoBoost, со зафатнина од 1,0 и 1,5 литар, коишто веќе одамна се стандард кај марката со синиот овал. Дури, техничарите сметаа дека и третиот цилиндар во одредени ситуации е „вишок“, па EcoBoost стана прв трицилиндарец во светот, што при ниско оптоварување се откажува од еден цилиндар и работи со два, со цел да се постигне дополнителна заштеда во потрошувачката и емисијата.

Еднолитарецот е достапен во верзии со 100 КС и со 125 КС, додека поголемиот 1.5 EcoBoost располага со 150 КС, односно 182 КС. Оваа шесткратно наградувана конструкција е оптимирана за новата генерација на Ford Focus, првенствено со цел да се подобри повлекувањето на моторот при најниски вртежи. Посилната изведба на 1.0 EcoBoost и верзијата на 1.5 EcoBoost со 150 КС може да се комбинираат со автоматски менувач со осум степени. Сите моделски верзии стандардно располагаат со шестстепен мануелен менувач.

Старт со атмосферски трицилиндарец од 1,5 литар или турбо трицилиндарец од 1,0 литар

Улогата на основен мотор за светскиот пазар, односно главно за пазарите надвор од ЕУ, сепак ја има 1,5-литарецот со познатата ознака Ti-VCT и со моќност од 120 КС. Станува збор за верзија на 1.5 EcoBoost без турбонатполнење, но и натаму со варијабилна фаза на двете брегасти вратила. Ефектот е разлика од 500 евра во цената, при дополнителни 20 КС во споредба со 1.0 EcoBoost со 100 КС. Моторот се испорачува во комбинација со нивоата на опрема Trend, Trend Edition и Titanium.

2018_FORD_FOCUS_DRIVE_TITANIUM_06
Нема бирач за автоматски менувач, има само ротациски контролер во стил на Jaguar – којшто некогаш исто така беше дел од Ford

Дизелот од 1,5 литар е познат од претходникот и се нуди во изведби со 95 КС и 120 КС. Со вообичаените (и не толку евтини) зафати во издувниот систем, четирицилиндарецот ја исполнува нормата Euro 6d-Temp, заедно со посилниот дволитарски мотор, со 150 КС. Дизелите сега ја носат ознаката EcoBlue. Новитет кај 1,5-литарецот со 120 КС е можноста за комбинирање со осумстепен автоматик. Класичен бирач отсуствува во оваа комбинација, место тоа Ford користи ротациски контролер. Доплатата за автоматикот изнесува околу 2.000 евра. Менувач со двојна спојка не се нуди во Focus, Ford во тој поглед се потпира на услугите на традиционалниот автоматик со претворач на вртежен момент, којшто повторно добива замав во браншата.

Во динамичките својства уште не можеме да се увериме, но имајќи ги предвид искуствата со претходните три генерации на моделот, можеме да му „веруваме“ на Ford. Неговиот компакт во сите досегашни генерации се издвојуваше со возните својства, коишто од една страна обезбедуваат возачко уживање, а од друга страна носат и безбедносна резерва. Focus е прв модел на Ford кој ја користи платформата C2, заедно со комплетно нова торзиска задна оска.

Возачите кои ценат комфорна амортизација ќе ја меркаат опцијата CCD

Првпат се вградуваат и приспособливи амортизери, достапни како опција: CCD чини 1.200 евра и нуди избор меѓу нормална, спортска, штедлива или комфорна работа на подвозјето и на погонската спрега. Оваа опција е достапна само со 1,5 EcoBoost и со дволитарскиот дизел, во комбинација со трите највисоки нивоа на опрема.

2018_FORD_FOCUS_DRIVE_TITANIUM_08
Цените на дополнителната опрема се мошне пристојни и нема „нечесни“ понуди со посакувани ставки што се достапни само во скапи пакети: Автоматска и двозонска работа на климата е достапна и во основото ниво Trend, со доплата од само 300 евра

Неколку од „класичните“ опции: Автоматски двозонски клима уред чини 300 евра и достапен е како опција уште во основното ниво Trend, паркинг сензори напред и назад (580 евра), аларм (320 евра), металик лак (580 евра), грејачи во предни седишта (300 евра), алу-бандажи (од 480 евра), резервно тркало во стандардна големина (100 евра).

Како редок манир за македонскиот пазар, во ценовникот за Ford Focus не се „испуштени“ системите за асистенција: Предупредување и самостојно запирање при опасност од судир, заедно со препознавање пешак и велосипедист на патот, како и со следење лента е достапен во сите моделски изведби, за доплата од 480 евра. Следење на мртвите агли, со предупредување дека наидува возило при излегување наназад и со електрично преклопливи ретровизори чини 460 евра (од Trend Edition).

Македонскиот Ford не ги прескокнува системите за асистенција – и ги нуди по мошне разумни цени

Проекциски дисплеј првпат е достапен во европски модел на Ford, по цена од 620 евра (од ST-Line). Тоа се повеќе од разумни цени за ставките што возачите сé повеќе учат да ги ценат во своите возила. Повеќе системи за асистенција се вклучени во таканаречен Пакет Технологија 1, со автоматско соборување на долго светло, радарски темпомат кој подзапира самостојно при побавно возило напред, камера за собраќајни знаци и слични ставки – со цена од 1.100 евра во Trend Edition, односно 820 евра во повисоките нивоа. Вредна ставка се диодните предни светла за 1.100 евра, што е многу подостапно отколку во ерата на ксенонот. Секако, оваа ставка е дел од серискиот пакет кај Vignale.

2018_FORD_FOCUS_DRIVE_VIGNALE_51
Караван изведбата може да биде и стилска алтернатива, не само практична: На сликата повторно е Vignale

Отворањето на задниот капак со замавнување под браникот е достапно кај караван изведбата, со цена од 600 евра кај поскапите нивоа на опрема. Камера за рикверц чини 480 евра, панорамски покрив (1.650 евра), самостојно паркирање (од 800 евра, само со автоматски менувач). Не недостига и аудиофилското озвучување од Bang & Olufsen со 10 звучници и 675 вати, коешто е достапно во пакет ICE 9, заедно со навигација и дисплеј од 8 инчи, за 480 евра (освен за Trend).

Целосното комплетирање на моделската понуда во гамата на Ford Focus ќе се случи во почетокот на следната година, кога пристига варијантата Active, по пример на Fiesta Active. Станува збор за каросериска изведба надградена со стилски елементи на теренец, вклучувајќи заштита на подвозје, странични прагови и заштита на арките на крилата, но и зголемување на растојанието од подлогата за неколку сантиметри. Паралелно со тоа ќе станат достапни и моторите 1,5 EcoBoost и 2,0 EcoBlue, заедно со нивото на опрема Vignale и караван-изведбата.

Остануваат уште кросовер, благ-хибрид, екстремен спортист, но и посебен модел на струја

Останува уште нешто. Ford обично не крева многу врева околу RS-верзијата на Focus – затоа што таа задача ѝ ја препушта на сцената. Засега останува на шпекулации: Идната генерација на Focus RS ќе добие погон на сите тркала, кој единствено може да се справи со моќноста од преку 400 КС. Не се исклучува и „блага“ електрификација на погонската спрега на моделот што ги претставува мотоспорт-гените на Ford. Се најавува и верзија на Focus со благ хибриден погон. Што се однесува до електричната верзија од претходната генерација, Ford во иднина ќе има посебен модел со погон на струја. Повеќе такви модели, поточно.

Кус преглед на техничките податоци, преку пример на Ford Focus 1.0 EcoBoost со 125 КС:

Мотор: 3 цилиндри, бензин, турбо, директно впрскување, варијабилна фаза на двете брегасти вратила
Моќност: 92 kW (125 КС)
Вртежен момент: 170 Nm
Погон и пренос: Напред, мануелен менувач со 6 степени
Должина х Ширина х Висина: 4378 х 1825 х 1452 mm
Празно возило: 1322 kg
Дозволена тежина: 1855 kg
Багажник: 375 / 1354 L
Резервоар за гориво: 47 L
Крајна брзина: 200 km/h
Забрзување 0-100 km/h: 10,0 s
Меѓузабрзување 50-100 km/h (во IV. степен) 10,0 s
Потрошувачка (град/пат/просек, L/100 km): 6,2-5,9 / 4,4-4,1 / 5,0-4,8
Емисија на СО2: 107 -114 g/km

Обем на сериска опременост во основното ниво Trend

○Клима уред, мануелен
○Кожа на волан и на рачка на менувач
○Радио со команди на волан и гласовни команди
○Предни и задни прозорци со електрично ракување
○Ретровизори со електрично местење и грејачи
○Диодни дневни светла
○Клуч MyKey, со програмирање
○Средишен дисплеј од 4,2 инчи
○Местење на возачко седиште во слабинскиот дел
○АВЅ, ЕЅР, помош при поаѓање на нагорнина, шест воздушни перници, контрола на притисок во гуми
○Мало резервно тркало
○Активни ламели зад предна маска

Понуда од мотори во новиот Ford Focus

Бензински мотори

►1.5 Ti-VCT (120 КС),
►1.0 EcoBoost (100 КС)
►1.0 EcoBoost (125 КС), опција 8-степен автоматик
►1.5 EcoBoost (150 КС), опција 8-степен автоматик
►1.5 EcoBoost (182 КС)

Дизел мотори

►1.5 EcoBlue (95 КС)
►1.5 EcoBlue (120 КС), опција 8-степен автоматик
►2.0 EcoBlue (150 КС), опција 8-степен автоматик

Комбинации од мотори и нивоа на опрема:

Бензински мотори

►1.5 Ti-VCT (120 КС) : Trend, Trend Edition, Titanium
►1.0 EcoBoost (100 КС) : Trend, Trend Edition, Trend Edition Business
►1.0 EcoBoost (125 КС) : Trend, Trend Edition, Trend Edition Business, Titanium, Titanium Business, ST-Line, ST-Line Business, Vignale
►1.5 EcoBoost (150 КС) : Trend Edition Business, Titanium, Titanium Business, ST-Line, ST-Line Business, Vignale
►1.5 EcoBoost (182 КС) : ST-Line, ST-Line Business, Vignale

Дизел мотори

►1.5 EcoBlue (95 КС) : Trend, Trend Edition
►1.5 EcoBlue (120 КС) : Trend, Trend Edition, Trend Edition Business, Titanium, Titanium Business, ST-Line, ST-Line Business, Vignale
►2.0 EcoBlue (150 КС) : Trend Edition Business, Titanium, Titanium Business, ST-Line, ST-Line Business, Vignale

[FAG id=35678]

Стартува производството на новиот Ford Focus

Ford Focus ќе добие хибридна изведба

Ford GT доби уште две години производство

Пред половина век почна да вози првиот Ford RS

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes S 560 e

Mercedes S-Class на струја до 50 километри

Porsche Experience Center Хокенхајмринг

Porsche започна со изградба на седмиот центар за возачки тренинг