за

Добриот стар Ford Focus, ама нов

Ford Focus test 1.5 ecoboost st-line

Пристигањето на новиот Ford Focus на македонска почва е како вклучување на аларм за важен состанок. Алармот е за претстојниот преод во третата декада од новиот век. Дури сега се покажуваат вистинските промени што ги доживеаја автомобилите

Сцената како да потекнува од целометражна филмска приказна на Џим Џармуш. Ергела нови „фордови“ со германски регистерски таблици се пристигнати посебно за промоција пред македонската публика, наместени примерно и по правило на служба пред Сити Мол. Скопскиот воздух уште ги нема наталожено своите честички гареж, азотни оксиди и слични криминогени состојки врз нивните каросерии, автомобиливе мирисаат на чисто, поттикнуват љубопитност како за незнајници.

Во меѓувреме, од спротивната страна на булеварот, во калта каде што некогаш трева растела, паркира тешко парче теренски автомобил, кој што „последен пат“ бил нов непосредно пред да почне милениумов, пред дваесетина години. Не е исклучок, тој само се паркира последен во редот автомобили, на коишто им се препознава заедничката логика.

Ford Focus 1.5 EcoBoost EcoLine test 27am#

Но, и кога ќе се погледне по булеварот, се забележува дека таму безгрешно се повторува некоја сцена од минатото, во којашто тамошните жители би препознале улична слика во богато предградие на Минхен, Берлин или Цирих во доцните 1990-ти години.

Освестувачка е помислата дека овој нов Ford Focus ќе биде актуелен и во половината на третата декада од новиот век

Тоа е очигледниот временски јаз на когошто непогрешливо укажува појавувањето на оваа веќе четврта генерација на Ford Focus. Наследникот на лозата на Escort го вклучува алармот. Тоа е неспорна реалност, исто како што е реалност дека технологијата во овој Ford Focus, којашто е „Hergestellt in 2018“, односно е произведена во 2018 година, има многу поголемо значење отколку нејзината премиера пред пет и повеќе години, во S-Class, во серијата 7 или А8. Технологијата станува уште позначајна, затоа што пристига во сегмент кој е достапен за поширок круг купувачи. Сега веќе може да се каже дека новата автомобилска технологија станува дел од уличната слика. Општо, уличната слика.

Технички податоци · Ford Focus 1.5 EcoBoost ST-Line

Мотор 1499 cm3, три цилиндри, dohc, 4 вентили по цилиндар, впрскување под висок притисок, турбонатполнење, интелигентно исклучување цилиндри, инјектори со 6 отвори, запчест ремен, 5 лежишта на коленасто вратило, пречник х од 79,0 х 81,4 mm, компресија 10,1:1, моќност 134 kW (182 КС) при 6.000/min, вртежен момент 240 Nm при 1600/min Подвозје Напред мекферсон, спирални пружини, назад мултилинк; 2,61 вртежи меѓу крајни положби на волан, круг на вртење 10,7 метри (меѓу тротоари); напред сопирачки дискови 308 х 27 mm, назад 302 х 11 mm, бандажи 7J x 17, гуми 215/50 R 17 (опција 8Ј х 18, со 235/40 R 18) Димензии Д х Ш х В 4387 х 1825 х 1452 mm, меѓуоскино растојание 2700 mm, ширина на трага напред/назад 1572/1553 mm, растојание од подлога 135 mm, багажник 375 L (со сет за поправка на гума) / 1375 L Тежини и количини за полнење Празно возило 1369 kg (EU), носивост 521 kg, дозволена тежина 1890 kg, Моторно масло 4,1 литри, систем за ладење 5,5 литри, резервоар 52 литри Перформанси Крајна брзина 222 km/h, забрзување 0-100 km/h за 8,3 s Потрошувачка (град/пат/просек) 7,1/4,7/5,5 L/100 km Емисија на СО2 126 g/km


Ford Focus со датум на производство по мај 2018, уште не лета, не користи водород како погонско гориво и уште има потреба од возач, но затоа е способен да препознае опасност на патот и да запре, да потсопре самостојно и да забрза кога ќе се ослободи метежот, да разговара со возачот. Ford го нуди сето тоа во пакет наречен „Паметен помошник при возење“. На автомобилов му се познава дека е создаден да држи чекор со развојот на технологијата до половината од следната декада, кога ќе дојде времето за следната генерациска смена.

Ford Focus 1.5 EcoBoost EcoLine test 3am#

Чесно од производителот е тоа што асистентите за возење се достапни одделно, не само како скап пакет, не само во комбинација со најсилните мотори и со најскапите нивоа на опрема, туку истите може да се нарачаат и за основниот модел. Со новиот Ford Focus станува очигледно и фантастично брзото темпо со коешто иновациите се пробиваат од највисоките кон подостапните класи возила. Само до пред неколку години, приспособлив темпомат или проекциски дисплеј чинеа најмалку по две илјади евра.

Цените од најмалку илјада евра за системите за асистенција се преполовија · Тоа се новите „ABS и ESP“

Денес веќе се зборува за цени на оваа опрема коишто се на ниво на „металик“: Комбинацијата од радари, сензори и камери коишто реагираат при пречка на патот и ја следат лентата чини 480 евра, проекцискиот дисплеј е достапен за 620 евра, приспособлив темпомат (заедно со камера за сообраќајни знаци, автоматско ракување со долго светло и сл.) почнува од 820 евра. Тоа се новите системи за унапредување на безбедноста, исто како АВЅ пред четири децении, или системот за контрола на стабилноста, којшто стана стандардна опрема пред четири години.

Моторите, опремата, комбинациите, опциите, сите техникалии и „статички“ квалитети на Ford Focus може да се прочитаат во големиот водич што претходно го изработивме за новиот модел. Овојпат, компактот од Келн – поточно Сарлуис – треба да ги докаже своите динамички својства. Тоа најмалку треба да му биде проблем на моделското име што направи комплетна пресвртница при премиерата пред точно две децении. Кусо: Првиот Focus возеше исто толку остро колку што изгледаше остро, со тогаш револуционерниот New Edge Design.

Ford Focus 1.5 EcoBoost EcoLine test 8am#

Вториот Focus возеше уште подинамично, но не колку третиот … а четвртиов е само просторен колку гарсониера, со каросериски црти што се премногу отмени за класата? Меѓу впечатокот кога новиот Focus само позираше под салонските рефлектори на „Илинденска“ и чувството зад воланот при првата комбинација свијоци зад воланот на верзијата ST-Line, со 1,5-литарец со 182 КС, не можело да постои поголем распон.

Ford како да развил некоја суперплатформа врз којашто е сеедно каква ќе биде каросериската изведба

Управливоста по ништо не сугерира дека станува збор за автомобил од 4,4 метри и 1.369 килограми (со возач со ЕУ-тежина), а воопшто не личи и за комбилимузинска форма што комотно ќе вдоми петмина и багаж. Иако тестираниот модел го позајмува само стилот од ST – вистинскиот ST ќе следи подоцна – овој автомобил во возењето воопшто не се воздржува да прикаже дека во неговиот генетски код се впишани сите варијанти RS, Mexico, XR3, Cosworth во коишто се појавувале неговите претходници.

Воведувањето на оваа „стилска линија“ пред повеќе од една година, се покажа како вистински погодок на стратезите на марката, бидејќи во меѓувреме еден од секои пет продадени автомобили на Ford се испорачува во нивото ST-Line. Станува збор за преземање на стилските обележја на спортскиот ST, но во комбинација со моторите од вообичаената понуда.

Ford Focus 1.5 EcoBoost EcoLine test 14am#

Тест возилото дополнително поседува „црвен“ пакет ST, со сопирачки клешти во црвена боја, поголем заден спојлер, украсни лајсни со изглед на карбон во кокпитот, патосници и – многу корисно за спортските возачи – посебна облога за потколеното да не се гмечи на средишната конзола под дејство на страничните сили коишто е способно да ги издржи подвозјето. Последново има добиено блага спортска нота, главно со покрути пружини и висина смалена за десетина милиметри.

Големите безбедносни резерви на подвозјето го релаксираат возачот · За да се допрат границите на стабилноста на Focus е неопходна тркачка патека – притоа станува збор за стандардна изведба, не за ST или RS

Дури и во стандарднава изведба, подвозјето на Focus покажува динамички капацитети, за чиишто граници да се достигнат веќе е потребна тркачка патека. При динамично возење во редовен сообраќај, „шасијата“ умешно ја прикрива вистинската тежина на возилото и му влева сигурност на возачот, го растоварува од неизвесноста дали следниот свијок е премногу остар за моментната брзина или можеби таму се крие некоја пречка на патот.

Во поглед на возачкото искуство, ова е добриот стар Ford Focus, но нов, и подобар во секој поглед: Фантастично лесна управливост, прецизно и директно управување, со мајсторски фордовски одмерена повратна сила, верно пренесување на информации од подлогата, широко гранично подрачје, нечувствителност на одземање гас во свијок, без подмолни реакции при груби грешки – апсолутно беспрекорно. За мајсторијата да биде целосна, амортизацијата постигнува погоден баланс меѓу спортска крутост и лимузинска мекост. Само во исклучителен случај, при невнимателно пропаѓање во „кратер“, може да се пренесе погруб звук или потрес до патниците. Ford Focus во тој поглед остава мошне зрел впечаток, а тоа не значи друго, освен впечаток дека во поглед на возните квалитети може да се носи и со модели од средната класа.

Ford Focus 1.5 EcoBoost EcoLine test 1am#

Најголемата доблест, сепак не е вештото изведување и дотерување на подвозјето, или просторната и педантно средена кабина, со убедлива завршна изработка, туку моторот. Трицилиндарски. Со зафатнина од 1,5 литар и моќност од 182 КС. Тука, всушност, најдобро се покажува актуелниот „датум“ на овој Ford. Ако се слушаат коментарите од дежурните автомобилски мудреци, човек би помислил дека инженерите во автомобилските куќи се спореден персонал. Тие не знаат дека „1,5-литар е премалку за таа каросерија“ или дека „моторот нема да издржи ниту стоилјади километри“.

Храброст на менаџментот е марката толку силно да се потпира на услугите на трицилиндарците · Но, инженерите знаат што постигнале

Во инженерскиот естаблишмент, пак, токму трицилиндарците на Ford редовно освојуваат награди за конструкцијата и својствата. Навистина е тешко да се поверува, дека звукот што сега го произведува 1.5 EcoBoost, толку верно потсеќа на звукот на единствениот V6 што можеше да се слушне на овие простори во 1980-те години, на 2,7-литарецот од легендарниот Renault 30. Но, меѓу овие два мотора, постои огромна разлика. Двојна разлика.

Големиот брат на еднолитарскиот EcoBoost испорачува вредни 240 њутнметри до шестстепениот мануелен менувач уште при 1.600 вртежи, не покажува слабост при поаѓање, врти линеарно до граничникот на 6.500 вртежи, а уште и влече прогресивно. При невнимателно отпуштање на спојката, моторот нема да пропушти да го прекори возачот со кусо пролизгување на тркалата или со негово турнување во седиштето. Ако останува простор за сомнеж, Ford Focus со овој мотор смее да влече приколка до 1,7 тон, што е исто, ако не и повеќе од четирицилиндарците во оваа категорија на моќност.

Ford Focus 1.5 EcoBoost EcoLine test 9am#

Колку всушност е темпераментен овој мотор, сведочи фактот што при подинамично возење се стекнува (лажен) впечаток дека повеќе време е потребно да се смени степен на пренос, отколку што на 1.5 EcoBoost му е потребно да го „исцеди“ актуелниот степен. Исто така, по префрлување во шестиот степен, раката останува на менувачот и „бара“ седми степен – тоа својство своевремено го покажа еднолитарскиот EcoBoost при неговата премиера во претходната Fiesta, на презентацијата во Италија. Јасно е зошто концептот на EcoBoost толку ги убедува врвните светски инженери при прогласувањето на моторите на годината. Уште една скриена способност на моторот: При делумно и ниско оптоварување, еден цилиндар се исклучува, заради штедење гориво. Моторот работи како двоцилиндарец. Секако дека од сиот тој еко-менаџмент ништо не се чувствува во возењето.

Моментно Focus го предводи кругот на обновување на моделите во компакт класата · В година следат уште новитети во гамата

Потрошувачката на гориво што ја пријави патниот компјутер изнесуваше 9,5 литри. Тоа е веројатно и највисоката просечна потрошувачка што ќе ја постигнуваат во динамични услови – посебно динамични. Во помалку еуфорично расположение, но без откажување од задоволството во возењето, може да се смета на вредност блиску до осум литри – во град. Ford декларира 7,0 литри во град и под пет литри на отворено, со комплицираното објаснување што сите производители го применуваат по преоѓањето на новите норми. Објаснувањето гласи: Вредноста е пресметана според тест-процедурата на новата норма WLTP, но е изразена според старата норма NEDC, заради споредба. Објаснувањето, засега, никој не го „разбира“ точно, затоа што уште недостигаат вистинските вредности добиени според WLTP.

За Ford Focus, пак, сосем е јасно. Моментно тој го предводи кругот на обновување на најзначајните модели во компакт класата. В година доаѓа Golf VIII, по него Mazda 3, а ќе има и премиум-одговор, со новата серија 1 на BMW и со Audi A3. Во тој период, Focus ќе ја добие и спортската варијанта ST, кросоверот Focus Active со растојание од подлогата зголемено за 30 милиметри и комби-изведбата Turnier, како неколку интересни опции во опремата. Автомобилите сепак не се класифицираат само на СУВ-модели и не-СУВ-модели. Добриот стар Ford Focus.

[FAG id=35954]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

BMW X5 premiera MK

Новиот BMW X5 стартува со продажба во Македонија

Авто производителите недостиг електронски компоненти

На производителите им снемува електронски компоненти