за

Ford F-150: „Голфот“ на Американците

Тоа што за Европа е Volkswagen Golf, за Американците е Ford F-150. Овој пикап повеќе од 30 години е најпродавано возило во САД. Наесен пристига новата генерација, полесна за 300 килограми.

За овој „автомобил“ да се симне од првото место, некој модел треба да се продаде во повеќе од 763.402 примероци. Тоа е ланската продажба на серијата пикапи на Ford на американскиот пазар. Мала е веројатноста дека во скоро време Ford F-Series ќе се симне од врвот. Повеќе од три децении никој не успеал во тоа. Пикапот на Ford е најпродаваното возило во САД. Вториот најпродаван модел, Toyota Camry, заостанува далеку со околу 400.000 продадени примероци во 2013 година. Наесен пристига новата генерација на F-150.

Во 13-та генерација на пикапот што опстојува на пазарот уште од 1948 година, навидум ништо не се менува. Постојат три каросериски изведби, коишто се разликуваат во кабината: Најмалата е двосед, следи четириседот SuperCab и најголемата е SuperCrew, со скусена товарна платформа во корист на дополнителниот простор во кабината. Секоја кабина може да се комбинира со две различни должини на товарниот простор зад неа. На тој начин се доаѓа до должина во дијапазон од 5,32 до 6,19 метри, при меѓусокино растојание што варира меѓу 3,1 и 4,16 метри. Освен со заден погон, сите овие верзии може да се добијат и во верзија со погон на сите тркала.

Промените се под ламарината. Секако дека пикапот и натаму користи масивна носечка рамка, но каросеријата за првпат е изработена од алуминиум, што кај најголемите модели заштедува и до 320 килограми во тежината. Американците ќе мораат да се навикнат и на новите мотори. Најмалиот мотор во новата генерација има „само“ 2,7 литри, но како производ од актуелната генерација мотори Eco-Boost, сепак постигнува пристојна моќност од 325 КС. Основниот мотор е 3,5-литарски V6 со 283 КС. Отуствуваат податоците за моќноста на омилениот V8 мотор на Американците со работна зафатнина од пет литри, како и на „големиот“ Eco-Boost, со зафатнина од 3,5 литри и шест цилиндри во V. За преносот на сила нема друг избор освен автоматски менувач со шест степени. Цените во САД стартуваат од 26.615 долари.

Цените, сепак, не се причината за милионската продажба на пикапот, туку робусноста и практичноста, особено за купувачите во огромните земјоделски региони во САД. За тоа колку пикапот им е важен на Американците говори и фактот што уште моделот T од 1913 година се нудеше со отворена товарна платформа назад. Импресивно звучат бројките за носивоста и тежината на приколка – 1.400 и 5.000 килограми за F-150, односно 2.600 и 8.700 килограми за поголемиот F-350.

Без разлика што F-150 ќе се вози по кал или мраз, на температури под нулата или во пустинска жештина, Американците не помислуваат да останат без комфорните додатоци. Ford нуди систем од камери што создаваат глетка од птичја перспектива за полесно паркирање или маневрирање во тесен простор, далечинско и амортизирано спуштање на задниот капак, диодни спот-светилки во ретровизорите, 20-сантиметарски дисплеј во кокпитот, радарски темпомат или систем за следење лента.

Пред официјалното стартување со производство во фабриките во Мичиген и Мисури, пробните прототипи на Ford F-150 поминаа преку 16 милиони километри во сопствени тестирања, како и во возните паркови на поголемите клиенти. Мора сé да се провери, 32-годишната традиција на најпродавано возило во САД не смее да се прекине.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mini 5 door: Конечно обично Mini?

Фејслифт за Porsche Cayenne: Лут, спортски, секси