Ford Edge е големиот брат на Kuga и пристига на европскиот пазар директно од САД, од татковината на СУВ-моделите. Со дизел со 238 КС, нов автоматик со осум степени и нивоа ST-Line и Vignale, американскиот теренец добива нов залет против Skoda Kodiaq или Mitsubishi Outlander
СУВ-моделите се хит на пазарот. Ford успешно го следи трендот и постигнува повеќе од една петина од својата европска продажба токму со моделите од овој сегмент. Благодарејќи на стратегијата „Еден свет. Еден автомобил“, од другата страна на големата бара, од татковината на СУВ-моделите, во Европа пристига класичен претставник на оваа сорта. По две и пол години, Ford Edge доживеа моделско освежување, добивајќи поголема моќност на моторите и повеќе комфор.
Надворешните промени на возилото долго 4,83 метри ќе ги забележат само познавачите. Светлата се потенки, маската е поширока, хаубата има поразличен профил и поголеми се рамките околу магленките. Сето тоа прави Edge да изгледа помалку „американски“, а повеќе динамично, повеќе по европски вкус.
Со должина од преку 4,8 метри, Ford Edge не може да остане незабележан во уличната слика
Во истата насока продолжуваат и трите главни новитети. Дволитарскиот битурбо дизел доби за 13% поголема моќност и сега испорачува 238 КС, што одговара повеќе со тежината на Edge од преку 2,1 тони. По пример на „лимузинските“ модели, има и две нови нивоа на опрема: ST-Line за возачите кои сакаат спортски изглед и спортски дотерано подвозје, како и Vignale, за купувачите кои бараат комфорен крстосувач за долги патувања.
ST-Line е хит опремата на Ford, со стил на култните модели ST, но со поприземни мотори и возни својства
ST-Line се препознава по црната маска со решетка како саќе и поагресивен преден браник, додека Vignale покажува повеќе хром и маска со „летечко V“, со развлечена и стилизирана буква „V“, која што се повторува по целата решетка на маската и создава ефектна тридимензионална структура. Секако дека ST-Line дополнително располага и со спортско подвозје, без намалување на растојанието од подлогата.
За разлика Focus & Co, нивото ST-Line кај Edge не доаѓа со спуштено подвозје, туку само со малку покрута амортизација; Ford умее да го негува спортскиот стил кај своите модели
Внатре се помали разликите меѓу двете нови нивоа на опрема. ST-Line самоуверено применува темна шема, а кај Vignale повеќе впечаток оставаат кожата и украсните штепови. Погонот на сите тркала следи како стандард, исто како новиот осумстепени автоматик. Во срединиата на ротирачкиот контролер за автоматскиот менувач се ноаѓа копче S, за вклучување спортска програма.
За возењето да биде уште покомотно, во кабината работи систем за потиснување на несаканите звуци
За патниците да го слушаат моторот колку може помалку, Edge располага со систем за потиснување на широк дијапазон звуци и фреквенции. Така уште подобро се истакнува сериското озвучување со моќност од 1.000 вати, со десет канали и дванаесет звучници – секако дека не станува збор за било кои звучници, туку за производ на Bang & Olufsen. Греење на воланот и грејачи во седиштата веќе одамна се нормални ставки во опремата. Прекинувачи за последниве две функции повеќе не постојат, нивното вклучување се врши преку големиот дисплеј на допир.
Повеќето функции се достапни за ракување само преку големиот средишен дисплеј
Како за возило со американски корени, просторноста во кабината не е тема за дискусија. Иако опашот е закосен како кај X6 или GLE Coupe, максималната зафатнина на багажникот се уште достигнува 1.847 литри, односно 602 литри при исправена задна клупа. Кога таа е соборена, просторот за товарење располага со должина од 1,92 метар.
Радарскиот темпомат со Stop & Go е веќе почеток на автономното возење
Во освеженото моделско годиште пристига низа нови системи за асистенција. Арсеналот од овие корисни помагала во насока на безбедноста или комфорот почнува со систем кој самостојно го запира возилото при опасност од удар, вклучувајќи и распознавање пешак на пат, па се до таканаречен асистент за застој. Последниов систем веќе се води како техника за автономно возење и го растоварува возачот од постојано поаѓање, запирање и следење на сообраќајот, кога има застој на патот. Отсуствуваат само два „изума“: Проекциски дисплеј и заштита на рабовите на вратите, којашто инаку е достапна дури и кај Fiesta Active.
Алкантара на седиштата, штепови во црвена боја, хром по средишната конзола и црн таван – овие „ситници“ прават атмосферата во ST-Line да биде поразлична отколку во класичните варијанти
Дизелот се нуди и во верзија со 190 КС, што е десет КС повеќе од претходно, во комбинација со нивото ST-Line и со мануелен менувач. Според фабрика, оваа моделска изведба троши еден литар помалку гориво.
Продажбата на најголемите европски пазари стартува во јануари. Во Германија, цената за Ford Edge ST-Line чини 50.300 евра, за престижниот Vignale се потребни 53.900 евра. Секако дека големиот СУВ е достапен и со основните нивоа на опрема. Во комбинација со ниво Trend, Edge во најповолниот случај чини 42.900 евра. Потоа следи Titanium, за околу пет илјади евра повеќе.
[FAG id=36403]
Технички податоци · Ford Edge ST-Line 2,0 l TDCi
- Должина x Ширина x Висина (m): 4,83 x 1,93 x 1,74
- Меѓуоскино растојание (m): 2,85
- Мотор: R4, дизел, битурбо, 1996 ccm
- Моќност: 175 kW (238 КС) при 4000/min
- Крајна брзина: 216 km/h
- Забрзување од 0 до 100 km/h: 9,6 ѕ
- Вртежен момент: 500 Nm при 2000/min
- Просечна потрошувачка (според ECE): 6,7–7,2 l/100 km
- Емисија на CO2: 175–187 g/km (Euro 6d-Temp)
- Празно возило / Носивост: 2116 kg / 539 kg
- Багажник: 602–1847 L
- Тежина на приколка: 2000 kg
- Растојание од подлога: 152 mm (под полн товар)
- Понирање во вода: max. 450 mm
- Агол на пристап / излез: 21 / 28 степени
- Агол на рампа: 17 степени
- Агол на искачување: 21,4 степени
- Круг на вртење: 11,9 m
- Гуми: 255/45 R20
- cW: 0,34
- Цена (во Германија): 50.300 евра
Ford Edge прави возењето по терен да биде како детска игра. Големиот СУВ што пристига преку океанот имаше моделско освежување, дизелот сега располага со 238 КС
Posted by Automedia.mk on Tuesday, December 11, 2018
Главните конкуренти на Ford Edge
- Honda CR-V
- Hyundai Santa Fe
- Jeep Cherokee
- Kia Sorento
- Land Rover Discovery Sport
- Mitsubishi Outlander
- Nissan X-Trail
- Renault Koleos
- Seat Tarraco
- Skoda Kodiaq
- VW Tiguan Allspace
Добриот стар Ford Focus, ама нов
Ford тестира хибриден Transit во Келн
Ако Ford Kuga е многу, Focus Active е точно по мера
Петоците се сини за Ford: Попусти и акции во Ми-Да