за

Половина век на Ford Capri: Дивите години на третата генерација (1978 – 1986)

Ford Capri_III

Во времето на третата генерација на Ford Capri веќе беа ублажени последиците од нафтената криза. Повторно се зборуваше за моќност и брзина. Се работеше на тоа, исто така. Со турбокомпресор ККК и впрскување на горивото, Capri III спринтуваше за осум секунди. Купето не доби вистински наследник, но затоа се роди нова легенда.

Третата моделска генерација на Ford Capri беше претставена во март 1978 година, со нов преден дел и двојни халогени светла. Нов детал во тоа време беше надолу извлечениот преден раб на хаубата, заради подобрување на аеродинамичноста. Заедно со ламелите во предната маска, овие иновации беа преземени од студијата „Modular Aerodynamic“, прикажана две години порано, на салонот во Женева. Новиот изглед на носот буквално го заокружуваше предниот браник, кој продолжуваше и отстрана, до арките во крилата.

Повеќе возачко уживање, зголемена безбедност, серво-сопирачки

Посуштински беа промените во подвозјето на Capri III. Во соопштение до медиумите, Ford пишуваше: „Подвозјето на Ford Capri, со успех проверено во мотоспортот, конструирано е за витална моќност на моторот и за високи брзини.“ Предната оска поседуваше попречен стабилизатор, а сите моделски изведби добија гасни амортизери на задната оска, исто така во комбинација со попречен стабилизатор.

Фотографија: https://www.ford-capri.ch

Бидејќи се ставаше повеќе нагласок на спортскиот карактер на моделот, основниот мотор од 1,3 литар повеќе не се нудеше. Палетата од мотори ја сочинуваа две верзии на 1,6-литарскиот мотор и три мотори V6, со зафатнина од два, 2,3 и 3,0 литри, во дијапазон од 68 до 138 КС.

Фотографија: https://www.ford-capri.ch

Уште во првата година по премиерата беа извршени преправки на моторите, со цел да се постигне поголема штедливост, при повисока моќност. Верзијата на Capri со трилитарски V6 имаше посебен статус. Со цена од 19.607 дојчмарки, таа беше најдостапна понуда на германскиот пазар во клубот на автомобили што постигнуваа 200 километри на час. Во меѓувреме во понудата од мотори пристигна и дволитарски четирицилиндарец со 101 КС, кој се одликуваше со релативно ниска потрошувачка на гориво.

Ford Capri 2,8 Injection: Специјален производ од „инженерите за специјални возила“

Гордостa на целата гама пристигна во 1981 година. Ford Capri 2,8 Injection беше развиен од тимот „Special Vehicle Engineering. Тој го замени моделот со трилитарски мотор. Ford го рекламираше „Injection“ како наследник на легендарниот 2600 RS.

Фотографија: https://www.ford-capri.ch

Под хаубата работеше нов 2,8-литарски V6 со впрскување на горивото и со солидна моќност од 160 КС. Покрај неговите крајни 210 km/h и спринтот до темпо сто за помалку од осум секунди, Capri 2,8 Injection можеше да се фаќа во костец и со спортските автомобили. Заедно со зголемената моќност следеше и преработено спортско подвозје, со зајакнати попречни стабилизатори, широки гуми 205/60 VR 13 на алу-бандажи широки седум инчи и со вентил за регулација на притисокот во сопирачките на задната оска. Брзиот Capri доби комплет спојлери, украсни ленти и соодветно дотерана внатрешност, за да нема сомневање за кој модел станува збор.

По Injection доаѓа Turbo: Турбокомпресор ККК го тераше Capri до 215 km/h

Моделските стратези на Ford сметаа дека има место за уште една изведба на Capri и ја реализираа замислата во јули 1981 година, со Ford Capri Turbo. Моделот се произведе во серија од само 200 примероци. Шестцилиндарецот од 2,8 литри од „Injection“ доби ККК-турбополнач, кој ја зголеми моќноста на 188 КС. Топ-моделот се разликуваше од послабите браќа по гумите од 235 милиметри, по проширените крила, како и по спојлерите напред и назад. Ford Capri Turbo постигнуваше 215 km/h, а спринтот до сто го совладуваше за само осум секунди.

Фотографија: https://www.ford-capri.ch

На пазарот постоеше големо расположение за овој моќник, па Ford уште во август реши да го вклучи моделот во редовната понуда, место како лимитирана серија. Во 1983 година следеше уште едно дотерување на моторната гама. Како основен мотор се нудеше 2.0 GT со 101 КС, златната средина му припадна на 2.3 S, додека на врвот тронуваше 2,8 Injection. Три години подоцна, во 1984, моделите Super GT и Super Injection го означиоја крајот на ерата на Ford Capri.

Од сите три генерации се произведоа 1.886.647 примероци до 19-ти декември 1986 година. Ford Capri испиша успешно и важно поглавје во автомобилска историја. Спортското купе не доби вистински наследник. Постоеја купе-моделите Probe и Cougar, кои беа развиени за американскиот пазар и се произведуваа таму, но тие не успеаја да го доловат духот на легендарниот Capri. Во таа улога многу подобро се снајде Sierra, особено во спортската изведба XR4i. Но, тоа е уште една легенда на Ford.

Врски до објавите за претходните две генерации на Ford Capri:

Ford Capri: Германскиот Mustang слави 50-годишнина

За 50-годишниот јубилеј на Ford Capri: Втора генерација (1974 – 1977)

https://www.facebook.com/capri.post/videos/1892715097492184/

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ferrari F8 Tributo

Ferrari F8 Tributo во чест на самиот себе

tesla sx3 semi modelsko semejstvo

Што следи кога ќе се спојат ознаките на моделите на Tesla?