161
36 shares, 161 points

Тоа што Ford Mustang беше во САД, од оваа страна на Атлантикот беше Ford Capri. Сцената моментно ги обожува овие 50-годишни јангтајмери, цените на сочуваните примероци растат. Capri живее повторно. Второ продолжение на историјата на легендарното купе.

Најголемиот напредок во втората генерација на Ford Capri од 1974 година беше во тоа што ништо не се смени од претходникот. Немаше ниту потреба. Елегантното купе и натаму освојуваше со комбинацијата од спортски карактер, со практична и просторна кабина, без притоа производителот да се „прецени“ при наплатата во салон.

⇒ До воведниот дел од историјата на Ford Capri, за генерацијата од 1969 година

Половина век на Ford Capri: Дивите години на третата генерација (1978 – 1986)

За пет години, првиот Capri се продаде во повеќе од еден милион примероци. Возилата се продаваа, но и се возеа, затоа што во нив работеше техника докажана во семејните лимузини на Ford, конкретно во Taunus.

Разумниот концепт се покажа како формула за преживување на Ford Capri во времето по нафтената криза од 1973 година, којашто буквално збриша многубројни спортски купеа

Една година пред претставувањето на втората генерација на Capri, возачите ги чувствуваа кобните последици од нафтената криза. Во голем број земји важеше забрана за возење во недела, исто како и строги брзински ограничувања. Спортските модели и автомобилите со моќни мотори, што во тоа време значеше и ненаситно жедни мотори, повеќе никој не сакаше да ги купува.

Ford Capri II 1300; Фотографија: https://www.ford-capri.ch

Тоа што Capri II го преживеа овој лош период се должеше првенствено на разумниот концепт, кој меѓу другото вклучуваше помали и поштедливи мотори. Поради просторноста и практичноста, Capri можеше да биде единствен автомобил во семејството. Дијана, кралицата на ловот, како што гласеше интерното име на проектот за развој на Capri II, можеби не ги ловеше купувачите со уште помоќни мотори и побрзи моделски верзии, но во тоа време главен предизвик беше да се преживее нафтената криза.

Ford Capri II GT со дополнителна опрема; Фотографија: https://www.ford-capri.ch

Capri доби правоаголни светла со интегрирани трепкачи, во линија со каросеријата. Предниот браник беше рамен по целата должина, а површините на каросеријата беа измазнети. Задните прозорци се издолжија, нагласувајќи ја уште еднаш елеганцијата на страничната силуета на Capri. Хаубата во основа ја задржи профилираната форма, а маската стана црна.

Ford Capri II Ghia: Фотрографија: https://www.ford-capri.ch

Дизајнот е креација на Германецот Уве Банзен, кој подоцна ќе „потпише“ уште неколку автомобилски легенди, меѓу кои Escort II (1975), Taunus IV (1976), Granada II (1978), Escort III (1980), и секако, Sierra во 1982 и Scorpio во 1985 година.

За внатрешноста беше задолжена англиската подружница на Ford. Формите во кабината станаа поедноставни и чисти, во согласност со стилот на каросеријата. Заради подобар комфор и подобро странично држење, во Capri се вградуваа „школкасти“ седишта.

Гуми со димензија 185/70 само за верзиите со трилитарски V6, тоа беа „широки“ гуми на времето

Новитети имаше и во техниката. Задната оска доби поширока трага, а соодветно беа дотерани и пружините и амортиздерите, со цел да се подобрат возните својства и воопшто уживањето во возење. Непотребна скромност од тоа време: Сите моделски изведби со мотори до 2,3 литри фабрички се испорачуваа со гуми 165 SR 13, единствено во верзиите со трилитарски V6 се вградуваа „широки“ гуми 185/70.

Ford Capri II GT; Фотографија: https://www.ford-capri.ch

Моторите главно беа идентични со претходникот. На местото на 1,3-литарецот пристигна OHV-моторот од Ford Escort со 54 КС. Потоа следеше 1,6-литарец во верзии со 68, 72 и 88 КС. Бруталниот 2600 RS беше повлечен од понудата, но љубителите на моќните мотори не останаа неуслужени. За нив имаше 2,3-литарски шестцилиндарец со 108 КС и трилитарски мотор „Essex“ со 138 КС.

Ford прв понуди двојно подолга гаранција на германскиот пазар, до 20.000 километри

Купувачите стануваа свесни за безбедноста. Ford Capri стандардно се испорачуваше со стабилизатори, диск сопирачки, засилувач на силата на сопирање, грејач во задното стакло, електромотор за прскалките за ветробранот. Ford прв понуди двојно подобри гаранциски услови на германскиот пазар, односно гарантен рок до една година или 20.000 километри.

Фотографија: https://www.ford-capri.ch

Во мај 1976 година пристигна дволитарски V6 со 90 КС, како замена за 1,6-литарецот со 88 КС, поштедлив и покултивиран, но со поубедлив темперамент и поиздржлив. Главниот новитет сепак беше Capri S, замената за GT. Со трилитарскиот V6, Ford ги предизвикуваше и двојно поскапите спортски купеа во тоа време. Супериорни перформанси за тоа време: Забрзување до темпо сто за 8,9 секунди и крајна брзина од 198 km/h. Освен со овој мотор, изведбата „S“ можеше да се добие и со помалите дволитарски V6-мотори, со 90 и 108 КС.

Собир на сопственици на Ford Capri во Германија (Шпејер) во 2015 година; Фотографија: https://www.ford-capri.ch

Ford се грижеше и за мошне активната тјунинг-сцена, со неколку специјални серии. Најлегендарна е серијата „JPS“, односно „John Player Special”, изработена во стил на тогашните болиди на Lotus во формула 1, во црна и златна боја. Примероци од оваа ограничена серија денес вредат вистинско богатство. Вредноста им расте.

Capri се продаваше и во САД, на моменти беше најпродаван модел по бубата

Европското купе уште од првата генерација беше достапно и на пазарот во САД, кадешто сепак имаше силна конкуренција, дури и од сопствените редови – Ford Mustang. Во одредени периоди, Capri беше втор најпродаван увозен модел на пазарот во САД, по бубата, секако.

Доаѓаше време за генерациска смена. Во 1976 година запре производството во англиските фабрики на Ford во Хејлвуд и Дагенам. Capri продолжи да се произведува во Келн и Сарлуис. Историјата на моделот има уште многу значајни моменти. Во 1978 година следи третата генерација. За неа повеќе во следното продолжение.

Технички податоци · Ford Capri II 3.0 (1975)

  • Мотор: V6, ohc, 2993 ccm, моќност 138 КС при 5000/min, вртежен момент 240 Nm при 3000/min, карбуратор со две грла
  • Погон и пренос: Назад, 4-степен мануелен менувач
  • Димензии: 4340 х 1698 х 1357 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2559 mm
  • Празно возило: 1170 kg
  • Резервоар: 58 литри
  • 0-100 km/h: 8,9 s
  • Крајна брзина: 195 km/h
  • Потрошувачка (DIN): 10,7 литри Супер

Ford Capri: Германскиот Mustang слави 50-годишнина

Пред половина век почна да вози првиот Ford RS

Тест: Ford Focus 1.0 125 КС Titanium Business

Кога Ford Focus добива мотор од Mustang станува Focus ST

 


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

161
36 shares, 161 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Choose A Format
Personality quiz
Series of questions that intends to reveal something about the personality
Trivia quiz
Series of questions with right and wrong answers that intends to check knowledge
Poll
Voting to make decisions or determine opinions
Story
Formatted Text with Embeds and Visuals
List
The Classic Internet Listicles
Countdown
The Classic Internet Countdowns
Open List
Submit your own item and vote up for the best submission
Ranked List
Upvote or downvote to decide the best list item
Meme
Upload your own images to make custom memes
Video
Youtube, Vimeo or Vine Embeds
Audio
Soundcloud or Mixcloud Embeds
Image
Photo or GIF
Gif
GIF format