за

Ford Bronco повторно ќе биде вистинскиот „џип“ за Американците

Ford Bronco

Според првичните планови, Ford Bronco требаше да ја доживее својата светска премиера на салонот во Њујорк во април. Тој беше откажан поради пандемијата, но спектакл-мајсторите најдоа замена па ова историско име го вратија на сцената со скапа реклама на најгледаните тв-канали.

Ford сака да ги заживее старите вредности, со нови модели и со иновативна техника. Производителот од Дирборн долги години утнуваше да го постигне тоа. Меѓутоа, Ford денес е во одлична форма. По добро погодената актуелна генерација на Mustang и по електричниот Mustang Mach-E, само уште фановите на теренските возила останаа неуслужени. Нивните надежи дека Ford ќе претстави нова генерација на Bronco сега се реализираа.

Овој класичар меѓу теренците, кого Американците го гледаат многу поблизок, отколку Jeep Wrangler – а посебно откако Jeep „отиде под Италијанците“ – успеа да се врати во голем стил во понудата на „синиот овал“. Ford во секој случај си го познава домашниот пазар, кога ќе се земе предвид дека пикапите од F-Series четири децении се неприкосновен лидер и најпродавано возило во САД. Извозните пазари не се спомнуваат, но не е тешко да се погоди дека Bronco ќе го следи стапките на Mustang, Edge и Explorer.

Го основавме семејството Bronco со цел да го подобриме секој аспект на теренските авантури и го опремивме со првокласно подвозје и исклучителни технологии, со цел да ги подигнеме реперите во робустниот 4х4-сегмент, за луѓето да ги однесеме подалеку во дивината

Џим Фарли, извршен директор на Ford

New item by Automedia MK / Google Photos

Шефот на Ford го гледа новиот Bronco како спој меѓу издржливост на пикап од серијaта F со моќ на Mustang. Тоа добива вистински шарм во впечатлив и функционален теренски концепт, што се совпаѓа со оригиналниот ген на Bronco.

Ford Bronco покрај класичната изведба со две врати и суперкусо меѓуоскино растојание, првпат ќе биде достапен и во изведба со четири врати и долго меѓуоскино растојание. Исто како славниот предок, Bronco нема да се користи само за рекреација, туку ќе биде и мошне способен теренски автомобил. Гамата ја дополнува третата верзија, Bronco Sport, којашто ги почитува развојните начела на своите поголеми браќа, но не завлегува толку во теренски екстреми.

Најнапредната технологија на погон на сите тркала на Bronco е јадрото на неговите теренски способности. Во средиштето е ексклузивниот Terrain Management System на Bronco со режими G.O.A.T. (greatest of all times), со кои возачот може подобро да навигира низ секаков терен.

Марк Грубер, маркетинг менаџер на Ford

New item by Automedia MK / Google Photos

Новиот Bronco може да биде опремен со седумстепен мануелен менувач или со десетстепен автоматик, а поседува и седум програми за возење, со кои се олеснува пробивањето низ снег, кал, песок или чакал. Со помош на електрониката, Bronco може да се вози само со педалот за гас, слично како електричните автомобили. Тоа го олеснува пробивањето по тежок терен.

Bronco има куси каросериски превиси, што заедно со 30-те сантиметри растојание од подлогата гарантира врвни теренски својства. Возилото може да понира во река длабока до 85 сантиметри.

Стилот непогрешливо потсетува на претходните генерации на Bronco, но изгледот е интерпретиран модерно, без да се претерува и возилото да се претвори во играчка, како што многумина забележуваат за новиот Land Rover Defender.

Спектакуларна е големината на теренските гуми, за кои може да се избира до димензија од 35 инчи. Покривот се отстранува со само неколку потези и деловите се одлагаат во возилото. Покрај цврст покрив, може да се нарача и платнен покрив. Во тој случај може и вратите лесно да се откачат.

New item by Automedia MK / Google Photos

Во кокпитот има анимирани инструменти, рустикални прекинувачи и средишен дисплеј, кој овозможува навигација и надвор од патната мрежа. Системот располага со повеќе од 1.000 трејл-карти во САД, до кои се пристапува онлајн и офлајн.

Моторите се познати од моделската понуда на Ford. Најголема продажба се очекува од 2,7-литарскиот V6 со турбонатполнење, со 310 КС и 540 Nm. Незначително е послаб 2,3-литарскиот турбо четирицилиндарец, со 270 КС и 420 њутнметри. За Bronco Sport е резервиран 2,0-литарски турбо-бензинец со 245 КС. Храбар потег е идејата моделот да се нуди и со 1,5-литарскиот трицилиндарец од Focus со 181 КС.

Продажбата во САД ќе стартува во следното лето со цена на основниот модел од 30.000 долари. Засега нема најави околу продажбата на моделот на европскиот пазар.

New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Kia расте во САД и во време на пандемијата

Mercedes со две титули на најиновативна премиум марка

Mercedes со две титули на најиновативна премиум марка