за

Ford тројно ќе ја зголеми продажбата на спортски теренци

Ford од следната година ќе стартува со офанзива на моделите со погон на сите тркала. Вкупно осум моделски серии ќе располагаат со погонот 4х4, почнувајќи од Focus RS и Mondeo, до Transit.

Голема моделска офанзива на погонот на сите тркала претстои од марката Ford во 2016 година. Планот на компанијата е следната година на пазарот во Европа да продаде 139.000 возила со погон на сите тркала, што ќе претставува зголемување од 120 проценти во споредба со 2014 година. Веќе од следната пролет, осум од вкупно 17-те моделски серии на Ford ќе бидат достапни со погон 4×4. Во 2012 година, Ford го нудеше овој погон само во три моделски серии.

Погонот на сите тркала е нова оција во знаменосецот Mondeo, со што дополнително ќе се нагласи возната динамика
Погонот на сите тркала е нова оција во знаменосецот Mondeo, со што дополнително ќе се нагласи возната динамика

Оваа погонска техника ќе стои на располагање во Focus RS, исто како и во обата спортски теренци Edge и Kuga, потоа во моделите Mondeo, S-Max и Galaxy, како и во новиот пикап Ranger и во комбито Transit. До крајот на 2016 година Ford очекува продажбата на моделите со погон на сите тркала да достигне 200.000 примероци, што би претставувало двојно повеќе во споредба со 2013 година.

Според процените на пазарните аналитичари, уделот на спортските теренци ќе се зголеми од сегашните дваесет на 27 проценти до 2020 година. Ford нуди три моделски серии во овие сегменти. Од март 2016, компактниот спортски теренец EcoSport ќе биде достапен во верзијата S, со еднолитарски бензинец од генерацијата EcoBoost со моќност од 140 КС. Со новата погонска опција пристигаат и подобрени возни својства, збогатена комфорна опрема и неколку освежувања во дизајнот. Втората генерација на Kuga настапува со модернизиран ентериер и со усовршениот систем за говорна комуникација Ford Sync 2. Триото спортски теренци на Ford ќе се комплетира кон средината на следната година, со европската варијанта на големиот Edge. Покрај тоа, Ford најавува уште пет нови модели на спортски теренци и кросовери во следните три години.

Најспособниот и најспектакуларен погон на сите тркала следува во Focus RS

Предводник на офанзивата 4х4 е екстремната спортска верзија Focus RS, кој со 350 КС и погон на сите тркала што е ориентиран на врвна динамика во возењето поставува нови стандарди во сегментот. Особеноста на неговиот погон е во тоа што до 70 проценти од вртежниот момент може да се пренесат на задната оска, за во зависност од условите на возење, целиот овој вртежен момент да се пренесе на само едно задно тркало со помош на електронски регулирана и хидраулично активирана спојка. За способноста на погонот говори и фактот што електрониката ги обработува информациите до 100 пати во секунда и соодветно го регулира погонот.

Во зависност од условите на возење, до 100 проценти од вртежниот момент што се испорачува до задната оска може да се пренесат на само едно задно тркало кај Focus RS
Во зависност од условите на возење, до 100 проценти од вртежниот момент што се испорачува до задната оска може да се пренесат на само едно задно тркало кај Focus RS

Во моделските серии Kuga и Edge, како и во Mondeo, S-Max и Galaxy се користи интелигентен погон на сите тркала, кој во нормални услови на возење ја пренесува силата до предната оска и при пролизгување пренесува до 50 проценти од вртежниот момент до задната оска. Опцијата за погон на сите тркала ќе стои на располагање и во Ford Transit, каде што ќе постои можност за „заклучување“ на распределбата на погонската сила во сооднос 50:50 при потешки услови на возење.

Трета верзија на погонот следува во пикапот Ranger, каде што возачот сам го вклучува погонот на сите тркала до брзина од 120 километри на час. За посебно тешки делници служи теренската редукција, во комбинција со електронски регулирана контрола на тракција, во замена на класична механичка блокада на диференцијал. Системот ги активира сопирачките на тркалата кога некое од нив ќе наиде на лизгава подлога и на тој начин повторно ја воспоставува тракцијата.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Основната изведба на Mercedes S-Class Coupe за само 100.000 евра

Санката на Дедо Мраз е црвена Ford Fiesta