за

Ford со комплетен арсенал на „Фестивалот на брзината“ во Гудвуд

Прво појавување на новиот Ford Focus RS на тркачка патека, со официјални 350 КС и Кен Блок зад воланот, заедно со европска премиера на Shelby Mustang GT350R. Тоа е пријавата на Ford за мотоспорт-забавата на лордот Марч.

Новата ѕвезда на Ford во форма на топ-верзијата во гамата на Focus ги покажа своите мускули за првпат на забавата за љубителите на мотоспортот што лорд Марч ја организира секоја година во неговиот посед во англискиот Гудвуд. За таа пригода по традиција беше најмен мајсторот на гимканите, Кен Блок, за премиерно да ги демонстрира сега официјализираните 350 КС на Focus RS на најпознатата ридска патека во светот. Испораката на новиот Ford Focus RS во Европа ќе стартува во почетокот на следната година. Со стратегијата, цената на моделот да биде објавена подоцна, може да се очекува дека и таа ќе биде исто толку силен удар за конкуренцијата колку неговите 350 КС. Оваа сила доаѓа од 2,3-литарскиот турбобензинец од наградуваната генерација EcoBoost, којшто се вградува и во „послабата“ верзија на Mustang, но место 324 КС, во RS додава плус 26 КС. За првпат Focus RS користи погон на сите тркала, конструиран повеќе да се бори со стотинките, отколку со снег или кал.

На трите ката на „Ford Performance“ во Гудвуд се присутни и останатите модели од новото одделение на Ford, коешто треба да биде пандан на BMW M GmbH или Mercedes-AMG. Британска премиера кај лордот доживува сегашната и уште поголема идна ѕвезда Ford GT, а покрај него се и Shelby GT350R, Mustang, Focus ST и Fiesta ST. Марката со синиот овал го подржува фестивалот на брзината на лорд Марч уште од премиерното одржување пред повеќе од 20 години.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Кинески возач нападнат од џиновска пила среде автопат

Фејслифт на компактот на Mercedes: Голф-класата сега се вика А-класа