за

Историски подвиг на Серџо Маркијоне: Fiat е без долгови

fiat серџо маркијоне

Серџо Маркијоне ја комплетираше санацијата на италијанско американскиот концерн Fiat Chrysler. Од крајот на јуни, големиот производител на автомобили ќе биде целосно слободен од долгови. Тоа го соопшти синоќа овој 65-годишен менаџер, при претставувањето на новата стратегија на концернот, на тест патеката Балоко, во близина на Торино

Маркијоне може спокојно и заслужено да си замине во пензија во 2019 година. Познавачите на браншата вчера можеа да забележат мала промена кај Итало-Канаѓанецот. Под темниот пуловер, којшто е негов заштитен знак, одвај се наѕираше вратоврска. Маркијоне вети дека ќе го направи овој стилски преседан за него, доколку го ослободи Fiat Chrysler од долговите.

Тој го презеде раководењето со Fiat во 2004 година, во екот на кризата. По неполна деценија, италијанскиот гигант го презеде Chrysler, кој и самиот беше во незавидна финансиска позиција. Од оваа појдовна точка, FCA дожива комплетна економска пресвртница.

Нов петогодишен план за марките на Fiat Chysler

Маркијоне го претстави новиот петогодишен план, којшто предвидува поголеми промени кај марките Jeep, Alfa Romeo, Maserati и Ram. Најмногу внимание му се посветува на главниот произведувач на профит во компанијата, специјалистот Jeep. Наспроти тоа, матичната марка Fiat постепено ќе го губи своето влијание.

Електричните автомобили и роботизираното возење ќе станат важен дел од понудата на концернот до крајот на 2022 година. Како што претходно објави Bloomberg, бизнисот со финансирање на продажбата на автомобили во САД, којшто досега се одвиваше преку банкарскиот гигант Santander, во иднина ќе се води директно во концернот.

Берзата реагираше позитивно на најавите од Маркијоне. Вредноста на акциите на моменти растеше и до четири проценти, по што курсот заврши во минус. Инвеститорите сепак не се во паника. Напротив.

Од спојувањето на Fiat и Chrysler во есента 2014 година, акциите пораснаа за околу 350 проценти. Во тој поглед, FCA е апсолутен шампион во браншата, тоа го нема постигнато ниту еден концерн.
Ветувачки резултати пристигаат и од продажбата на пазарот во САД. Во минатиот месец, продажбата на Jeep и Ram се зголемила за единаесет проценти.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

споредбен тест c4 cactus

Ауто Билд со споредбен тест на C4 Cactus, Civic, Megane и Leon

fiat нови модели 2022 година

За четири години 19 комплетно нови модели од Fiat Chrysler