157
20 shares, 157 points

Тоа што во 1970-те години беа моделите со ознаки GTI или GTE, а подоцна Turbo или S, денес се моделските изведби Cross. Fiat летово е активен со две изведби Cross, едната е од малечката Panda, другата од Freemont.

Cross е новиот топ модел во понудата на Panda. Оваа мини дивокоза долга 3,70 метри, широка 1,66 метар и висока 1,88 метар, со зголемено растојание од подлогата, солидна заштита на подвозјето и стилски додатоци во изгледот, внесува свежина во сегментот на најмалечките теренци. Со постојаниот погон на сите тркала, малечкиот Fiat нема проблеми ниту на потешки делници по теренот, како што веќе со генерации докажуваат 4х4 верзиите на Panda.

Во споредба со стандардната Panda 4×4, верзијата Cross има променет изглед во делот на предниот и задниот браник, што повеќе има за цел да му обезбеди на возилото поголема проорност по теренот, отколку што има цел да внесе различна стилска нота. Растојанието на Panda Cross од подлогата е зголемено за 9 милиметри во споредба со стандардниот 4×4-модел и сега изнесува 161 милиметар, додека аголот на пристап изнесува 24 степени, а на заминување 33 степени.

Постојаниот погон на сите тркала е преземен од Panda 4×4 и дополнително поседува електронски систем за контрола на тракцијата со име Terrain Control. Преку овој систем, возачот може преку прекинувачот во средишната конзола да избира три различни програми за возење. Во автоматската програма, системот самостојно го распределува вртежниот момент од моторот меѓу предната и задната оска. Во нормални услови на возење, погонот е само на предната оска. Задната оска се вклучува само кога електрониката ќе препознае пролизгување на едно од предните тркала. Теренската програма може да се користи до 50 km/h, при распределбата на погонската сила меѓу обете оски е „заклучена“ во сооднос 50:50. Дополнително, Panda Cross поседува и систем што го олеснува поаѓањето по нагорнина.

Исто како кај Panda 4×4се нудат двоцилиндарскиот турбобензинец од 0,9 литри и турбодизелот од 1,3 литар. Посебно за Cross, Италијанците извлекоа плус од 5 КС во моќноста на моторот, така што бензинецот сега поседува 90 КС и ја пренесува силата до тркалата преку шестстепен мануелен менувач. Максималниот вртежен момент на двоцилилиндарецот изнесува 145 Nm во подрачјето меѓу 1.900 и 3.000 вртежи во минута. Дизелот од 1,3 литар во Panda Cross располага со 80 КС и ослободува вртежен момент од 190 Nm при 1.500 вртежи. Според фабричките податоци, бензинецот троши 4,9 литри на сто километри, додека на дизелот за истото растојание му се потребни 4,7 литри гориво. Крајната брзина со бензинецот изнесува 160 km/h, а забрзувањето до 100 km/h трае 14,3 секунди, додека дизелот постигнува 167 km/h и спринтува за 12 секунди до сто. Продажбата на моделот стартува наесен.

Freemont е италијанската верзија на Dodge Journey и претставува спој на два различни света. Тој е половина теренец, половина ван. Верзијата Cross внесува поубедливи детали на теренско возило во изгледот, но погонот на сите тркала не следува сериски во сите моделски изведби. Топ-верзијата на моделот има различна форма на предниот браник, со наласен заштитен лак и затемнети светла и маска. Бандажите стандардно се со  големина од 19 инчи. Кабината на ванот од 4,92 метри прикажува луксузна нота, со кожени седишта, навигација, камера за рикверц и солидно озвучување како дел од сериската опрема.

Како погонска единица работи дволитарски турбодизел со 140 КС или 170 КС, при што електронски регулираниот погон на сите тркала е достапен како опција само кај посилната верзија.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

157
20 shares, 157 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *