Ferrari Roma го следи елегантниот стил на моделите од марката од 1960-те години и се повикува на Ла Долче Вита, на умешноста од тоа време да се ужива во секој момент од животот. Во поглед на технологијата нема отстапки, Roma е Ferrari до последната завртка.
Маранело има нов модел, чиешто име сосем веројатно не е заштитено, затоа што и нема потреба од тоа. Ferrari е единствената марка што е достојна свој модел да именува според вечниот град, Рим. Суштината на Ferrari Roma е во спојот на елегантен изглед со моќ и техничка перфекција. Италијанците при развојот на моделот се раководеле според типичниот животен пристап во 1950-те и 1960-те години во Вечниот Град, според долче вита.
Стилот се повикува на 250 GT Berlinetta lusso и 250 GT 2+2, на легендарните GT-крстосувачи со мотор зад предната оска, внесувајќи модерна нишка. Врвните перформанси ги обезбедуваат неколку посебни технологии, меѓу кои подвижен заден спојлер, што е составен дел од задниот капак и не ја нарушува линијата на автомобилот кога е вовлечен.
Моторот на новиот модел што Италијанците го водат како 2+ купе е V8 со турбонатполнење, со 620 КС при 7.500 вртежи. Нормално, тоа е врв во сегментот. Како верзија на моторот што четврта година ја освојува титулата на светски мотор, посебност му е варијабилната контрола на натполнењето, со цел моторот да реагира без доцнење, без турбо-дупка. Бидејќи денес и бензинците мора да поседуваат филтер за честички гареж, кој важи како убиец на добриот звук, многу се работело и на издувниот систем, со замена на придушувачките лонци со бајпас-вентили.
Погонската спрега е дотерана да обезбедува и комфорно возење во градското секојдневие
Новиот 8-степен менувач со двојна спојка е покомпактен и полесен е 6 килограми од претходникот со седум степени, а воедно и промените на степен се покуси и помеки. Согласно карактерот на Roma, менувачот прави возењето во град, со често запирање и поаѓање, да биде покомфорно и порелаксирано.
Подвозјето се базира на модуларната платформа што е заедничка за сите актуелни модели на Ferrari, но секако дека заедничките компоненти тука се застапени во многу помал обем отколку кај големосериските марки. Повеќе од 70% од компонентите се посебни за Roma. За возните своојства и перформансите говори тоа што со 2,37 килограми на КС, овој Ferrari со мотор зад предната оска има најдобар сооднос во својата класа. Контролата на динамичните возни својства е работа на фамозниот Side Slip Control 6.0 (првпат во GT-модел на Ferrari) со 5-позиции на „manettino“.
Исто како што стилот на каросеријата следи минималистички пристап, при што дури и маската е сведена на минимум, така и внатрешноста е сведена на елеганцијата на едноставноста. Возачкото место и совозачкото место се изведени како две независни целини, по принципот на дуал-кокпит. Воланот исто така има комплетно нов дизајн, според принципот „очите на патот, рацете на воланот“. Дисплеј од 16 инчи ги заменува класичните инструменти, во средишната конзола се наоѓа вториот дисплеј, а има и посебен дисплеј за совозачот.
Елеганцијата на Ferrari Roma се заокружува на вистинскиот начин, со клуч со „комфорен пристап“, кој овозможува вратата да се отвори само со допирање на копчето покрај впуштената рачка. Има и матрични диодни светла, но и системи за асистенција, кои се вградуваат по желба – вклучувајќи и радарски темпомат, кој забавува кога напред има побавно возило. Оваа опција веројатно нема да биде толку популарна кај идните возачи на Ferrari Roma.
Ferrari Roma · Технички податоци
МОТОР
Тип V8 – 90° турбо
Работна зафатнина 3855 cc
Пречник и Од 86.5 mm x 82 mm
Моќност 456 kW (620 КС) при 5750 – 7500/min
Вртежен момент 760 Nm при 3000 – 5750/min
Компресија 9.45:1
ДИМЕНЗИИ И ТЕЖИНИ
Должина 4656 mm
Ширина 1974 mm
Висина 1301 mm
Меѓуоскино растојоание 2670 mm
Ширина на трага напред / назад 1652 / 1679 mm
Празно возило 1570 kg
Сува тежина 1472 kg
Сооднос тежина/моќност 2.37 kg/cv
Багажник 272 литри/ 345 литри
Резервоар 80 L
ГУМИ И БАНДАЖИ
Напред 245/35 ZR20; 8J x 20”
Назад 285/35 ZR20; 10J x 20”
СОПИРАЧКИ
Напред 390 mm x 34 mm
Назад 360 mm x 32 mm
ПРЕНОС
8-степен F1 менувач со двојна спојка
Електронски контроли EPS, VDC, ABS со EBD, F1-TCS, E-Diff3, SSC 6.0, FDE, SCM-E Frs
ПЕРФОРМАНСИ
0-100 km/h 3.4 s
0-200 km/h 9.3 s
Крајна брзина > 320 km/h
https://www.instagram.com/p/BxeGFXSI7U_/
Новиот модел на Ferrari на прием кај Претседателот на Италија