за

Ferrari FXX K нема против кого да се трка

Овој Ferrari е толку супериорен што соочувањето со други автомобили на тркачка патека му е понижувачки чин. Екстремниот FXX со 1050 КС ќе биде достапен само за пробно возење.

Во претстојниов викенд на патеката Јас Марина во Абу Даби ќе се одржи светската премиера на новиот FXX K. Овој болид е изработен врз основа на првиот хибриден модел на Ferrari и од следната година ќе се појавува на тркачките патеки низ целиот свет. Буквата К произлегува од системот KERS, познатиот хибриден систем којшто обезбедува дополнителна моќност.

Инженерите на Ferrari не мораа да почитуваат какви било хомологациски или тркачки правила, затоа што FXX K никогаш нема да се користи на трка. Овој болид е развиен да ги прикаже ултимативните можности со коишто располага Маранело, со цел на ексклузивна група од клиенти да им се понуди искуство во возењето како во никој друг автомобил на планетава. Проектот ќе биде со времетраење од две години.

Енормниот потенцијал доаѓа од моќноста од 1.050 КС (860 од конвенционален мотор V12 и 190 од електромотор) и од вртежниот момент од 900 Nm. Моторот V12 со зафатнина од 6.262 cm3 доби нови бергасти вратила и модифициран механизам на вентилите, вклучувајќи механички место хидраулични потиснувачи. Вшмукувачката гранка исто така е преработена, вклучувајќи специјално полирање, додека од издувниот систем се отстранети придушувачките лонци.

Возачот може да избира меѓу четири функции на Manettino: Qualify за максимални перформанси во времетраење од неколку кругови, Long Run за оптимални перформанси на подолг период, Manual Boost за моментална испорака на максимален вртежен момент и Fast Charge за брзо полнење на батериите.

Во предниот дел доминираат двопрофилен спојлер и голем сплитер, којшто е 30 милиметри понизок. Два вертикални елемента, вклучувајќи две вертикални перки го насочуваат воздухот кон страниците на возилото, создавајќи потисок во тој дел од каросеријата. Промени има и назад: Опашот е повисок и приспособливиот спојлер се отвора за 60 милиметри повеќе, што заедно со уште неколку трикови го доведува аеродинамичкиот биланс во совршенство. Резултатот е потисок зголемен за 50% во конфигурација за низок отпор на воздух и подобрување од 30% при поагресивната конфигурација на аеродинамиката, што резултира со потисок од 540 килограми при 200 километри на час.

Специјалните слик гуми од Pirelli се опремени со сензори за надгледување на надолжното, попречното и радијалното забрзување, како и температурата и притисокот. На тој начин се обезбедува прецизна анализа на интеракцијата меѓу гумата и патеката, за системот за контрола на тракцијата да гарантира максимални перформанси.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

На електромобилите им слабеат батериите веќе по три години

Android 4.4 во пораст, доаѓа Android 5.0.1