за

Ferrari F80: Наследникот на LaFerrari според дизајнерот Адриано Раели

Дизајнерите веќе размислуваат како би изгледал идниот суперавтобил од Ferrari. Адриано Раели веќе има претстава за тоа. Тој го креираше Ferrari F80, засега само како макета, но кој би знаел?

Италијанецот Адриано Раели има студирано дизајн на возила во Калифорнија и владее добро со последните графички програми. Затоа на овој дизајнер воопшто не му претставува проблем директно да го замисли наследникот на LaFerrari, но и да го привлече вниманието со својот Ferrari F80. Мошне импресивно звучи податокот за замислената моќност на прототипот што виртуелно тежи само 800 килограми. Моторот V12 со зафатнина од 6,3 литри потекнува од LaFerrari, но качен е на 900 КС, а дополнително добива помош и од системот KERS, кој испорачува уште 300 КС. Со толкава моќност, суперспортскиот двосед би забрзувал за само 2,2 секунди до сто, а крајната брзина би изнесувала околу 500 km/h.

Изгледот верно ги оддава овие силни перформанси на Ferrari F80. Носот изгледа како спој на LaFerrari и Enzo, диодните светла се тенки и имаат налутен поглед. Впечатливите отвори го доставуваат освежувачкиот воздух во страничните канали во правец на моторот. Крилата се високи речиси колку и целиот автомобил, кој инаку е висок само еден метар.

Ferrari F80 е широк 2,1 метри и долг 4,76 метри и целиот изгледа како крило во замав. Ретровизорите се поставени на покривот и тука имаат задача да ја оптимираат аеродинамиката. Опашот е многу поразигран. Тука доминира огромен дифузор, заедно со централно поставена издувна цевка. Задниот спојлер е интегрален дел од опашот и во него се оригинално поставени задните светла. Со малку повеќе среќа, можеби некој би успеал и да ги забележи задните светла ако биде престигнат од „суперферарито“ на Раели.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Seat Leon X-Perience: Теренец добар како семејно комби, по цена на компакт

Volkswagen во предност пред Toyota за светски број 1